Читам, и се топам. Колку убаво го напишаа тоа германските статистичари, просто да не ти се бега од Македонија. Од земјата на најниските цени во Европа. Штета што во нивниот преглед не вклучија уште еден ситен детаљ, кој можеби е навистина небитен, ама едноставно со него ќе ни беше сликата поцелосна. Не ќе беше лошо да кажеа педантните Германци каде сме ние на европската скала според примањата, според висината на платите. Онака, еден граѓански осврт. Па потоа, германски педантно да направат компаративен приод на индустриското производство, на трговскиот биланс, да се спореди нивниот БДП со нашиот, па потоа да го видиме споредбениот бруто-домашен производ „по жител“. Па потоа фино, студиозно и интегрално да направеа споредба и да ги вкрстеа податоците. И на крајот да донесат прецизни заклучоци со одговор на прашањето „каде се пониски трошоците за живот, во Македонија или во Германија?“. Очигледно и Германија не е тоа што беше…
Е, тоа е вистинска вест. Конечно. А веста вели: „Трошоците за живот во Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика. Поевтино од Македонија е само во Турција“.
Така да си знаете. Според оваа ексклузивна вест, „Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории, покажуваат податоците на германскиот завод за статистика Дестатис. Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Македонија е делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент“.
Па добро бе, зошто не кажувате вакви работи, па мора да дознаваме од некакви германски статистичари. А ние овде кукаме едвај се врзувало крај со крај, дека платите не стигнуваат ни до половина од месецот, кога ние всушност сме живееле во вистинска благосостојба, во земјата со најниски цени во Европа. Колку сме биле неинформирани, тенденциозни, малициозни и којзнае уште што не. Ама белки и на тоа ќе му дојде крајот. Затоа што, ако тоа го велат Европејците, а во случајов Германците, тогаш кои сме ние да се сомневаме или да негодуваме.
Читам, читам и се топам. Колку убаво го напишаа тоа германските статистичари, просто да не ти се бега од Македонија. Од земјата на најниските цени во Европа. Штета што во нивниот преглед не вклучија уште еден ситен детаљ, кој можеби е навистина небитен, ама едноставно со него ќе ни беше сликата поцелосна. Не ќе беше лошо да кажеа педантните Германци каде сме ние на европската скала според примањата, според висината на платите. Онака, еден граѓански осврт. Па потоа, германски педантно да направат компаративен приод на индустриското производство, на трговскиот биланс, да се спореди нивниот БДП со нашиот, па потоа да го видиме споредбениот бруто-домашен производ „по жител“. Па потоа фино, студиозно и интегрално да направеа споредба и да ги вкрстеа податоците. И на крајот да донесат прецизни заклучоци со одговор на прашањето „каде се пониски трошоците за живот, во Македонија или во Германија?“ Очигледно и Германија не е тоа што беше…
Но кои сме ние да им се мешаме во работата на статистичарите. Си ја знаат тие работата. А ние, ние треба да си молчиме и да се радуваме дека имаме најниски цени во Европа. И како такви да ги примиме сите позитивни пораки што ни доаѓаат од таа Европа, која многу подобро од нас знае што е добро за нас. Што е во наша полза.
Е сега, ако треба да исполниме некои ситници, што ни ги испорачуваат како барања, ако сакаме во целост да ги уживаме благодатите на таа иста Европа, па ќе ги исполниме, се разбира. Нема белки да бидеме толку неблагодарни и да се инаетиме, да изнаоѓаме разни кривини за да не ги исполниме тие барања. Па белки Европа најубаво знае што е најдобро за нас. Впрочем, не попусто катаден ни доаѓаат на гости разни емисари да ни кажат што и како да направиме за да им се приклучиме во нивното високо друштво.
Не би сакал да бидам неблагодарен како некои наши политичари и да наоѓам влакно во јајцето на понудите на многубројниве емисари, ама една работа цело време ми се мота низ глава.
Зошто некој од нив, кога веќе нѐ убедуваат дека толку многу нѐ сакаат и сакаат да ни помогнат, не се сети да направи конкретен чекор. Имено, сега се актуелни сообраќајните поврзувања со таа иста Европа. Зошто некој не дојде да каже – повелете, ние сме подготвени да ви обезбедиме за патниве коридори, кои треба да ги градите, грант од толку и толку евра, како и кредити со најповолни услови, затоа што станува збор за трансевропско поврзување, значи и Европа има интерес од изградбата на тие модерни сообраќајници. Или ако не сакаат да се мешаат во тоа, можат барем за брзите пруги, кои навистина би биле дел од еден голем европски проект, да се вклучат со сериозна финансиска инјекција. Колку да покажат дека се сериозни во своите замисли дека нѐ сакаат во нивното друштво.
Затоа што секојдневно читаме и гледаме како во најблиската околина, да не одиме подалеку, се истураат вреќи европски пари за слични проекти, а притоа не мислиме на веќе полноправните членови на европското семејство, нагалено наречено ЕУ, туку на оние што се во иста ситуација како нас.
Ете, повторно избива од нас таа проклета неблагодарност и барање нови проблеми таму каде што ги нема. Наместо да се радуваме што живееме во земјата со најниски цени во Европа, го извртевме муабетот до некакво барање грантови, или барем евтини кредити.
Па ајде што ние обичните граѓани си зборуваме во себе, еве и нашиве политичари почнаа да се бунат, да ѝ наоѓаат некакви забелешки на Европа, која толку многу нѐ сака. Што ли ќе речат Европејциве за нас?