Се чини токму деновиве политичката мимикрија со глумење правна држава го доживува своето крешчендо. Ако претходно мислевме дека пропаста и дебаклот што ги доживеа СЈО се врвот на таа наша немоќ за воспоставување правна држава, сега гледаме дека и од лошото имало полошо
Борбата за искоренување на корупцијата, воспоставување правна држава и независно правосудство е децениски стремеж на сите политички гарнитури во Македонија од осамостојувањето на државата до денес. Тоа е политичка флоскула без која не може да се замисли ниту една политичка програма, ниту еден митинг, јавен настап или обраќање на кој било од домашните политичари. Буквално на сите, без разлика дали се дел од власта или од опозицијата, полни им се устите со овие неколку збора. За жал, на терен и во реалноста состојбите од ден на ден, од месец на месец, од година на година, стануваат сѐ полоши и полоши. Се чини токму деновиве политичката мимикрија со глумење правна држава го доживува своето крешчендо. Ако претходно мислевме дека пропаста и дебаклот што ги доживеа СЈО се врвот на таа наша немоќ за воспоставување правна држава, сега гледаме дека и од лошото имало полошо.
Македонија едноставно стана синоним, во глобални рамки, за висококорумпирана држава во која не владее правото, туку само политичките и партиските интереси.
Поради тоа деценискиот јалов стремеж за искоренување на корупцијата, воспоставување правна држава и независно правосудство токму деновиве наиде на гласен укор и од страна на меѓународната заедница. Веќе и ним им пукна филмот, па одредени дипломати ги извадија дипломатските ракавици посочувајќи одредени правни и судски аномалии.
И американскиот Стејт департмент јасно порача дека „лидерите во Македонија мора да покажат силни, опипливи резултати во борбата против корупцијата, преку зајакнување на институционалната независност и ограничување на политичкото мешање, особено во судството, што е од суштинско значење за исполнување на целите за пристапување во ЕУ и градење доверба на граѓаните во Владата“. Ако внимателно се прочита пораката на Стејт департментот може многу јасно да се воочи дека прстот е директно вперен кон политичките лидери во земјата. И тоа кон сите. Тие се најголемите кочничари во борбата против корупцијата и во напорите за воспоставување правна држава и независно правосудство.
Во таа насока, веројатно, воопшто не се потребни црни листи за прогласување „персони нон грата“. И македонските Граѓани и меѓународната заедница многу добро знаат кои се тие ликови.
Самото посочување и повикување на одговорност на лидерите за неуспехот во борбата со корупцијата и владеењето на правото е повеќе од црна листа. Се разбира за оние што знаат да читаат меѓу редови. За жал, сите овие силни пораки како и понатаму да не допираат до оние до кои се упатени, па имаме парадоксални ситуации двајца државни функционери од иста партија, веројатно несвесно, да се негираат и демантираат себеси преку своите најнови изјави на оваа тема.
Така, сакајќи да покаже политичка храброст, лидерот на ДУИ јавно побара истрага за сите функционери на ДУИ, од 2002 година до денес, и тоа почнувајќи прво од него.
Истиот ден шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој патем е ударна тупаница на ДУИ, изрази јавно разочарување за ефикасноста на македонското правосудство.
Тој ја отвори душата и призна дека губи надеж дека сами ќе можеме да го поправиме судството, иако досега сме пробале речиси сѐ. За Османи единствена надеж е отворање на поглавјата 23 и 24 и вклучување на механизмите на Европската Унија.
И сега кому да му веруваме. На разочараниот Османи од нашето правосудство или на осоколениот Ахмети, кој бара домашната истрага да почнела од него.
Зашто, веројатно, и самиот однапред знае дека каква било евентуална истрага против него однапред е осудена на неуспех. Зашто знае дека евентуалната истрага против него треба да ја почне и да ја води мистериозниот јавен обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, околу чие именување имаше голем број реакции во јавноста дека е близок до функционерите на ДУИ. Шокирани и вчудовидени од изборот на Абази беа и од меѓународната заедница, но на крајот ништо не се промени. Но Абази е само еден во долгата низа политички инсталации во македонскиот правосуден систем во сите нивоа, сиве изминати години. Од друга страна, доколку Ахмети е навистина искрен и бара истрагата да почне од него, тогаш логично и чесно е да побара да се извадат од фиока и четирите хашки случаи за сторени злосторства против човештвото, меѓу кои е и случајот за раководството на ОНА за конфликтот од 2001 година. Но внимавајте, Ахмети бара истрагата да почне од 2002 година, а не од 2001, на која се однесуваат хашките предмети. Како и да е.
Македонскиот правосуден систем сиве изминати години е толку разјаден и нагризан од секакви политички влијанија што, веројатно, сега не помагаат никакви ад хок поправки.
Неопходен е целосен ремонт на правосудството и инсталирање нов вредносен систем што ќе елиминира какво било политичко влијание и ќе се базира исклучиво на почитувањето на законите и владеењето на правото. Дали тоа ќе значи и целосно кадровско освежување со цел прочистување на житото од каколот, донесување нови закони, нов начин на избор на судии и јавни обвинители итн. е веќе техничко прашање. Суштината е со реформата во правосудството на секаков можен начин да се оневозможи мешање и влијание на политиката врз правосудството.
Во јавноста веќе се појавија некои размислувања како да се спроведе тоа и дека за успешна борба против корупцијата и вистински реформи во правосудството, потребни ни се странска помош и експертиза. Шефот на дипломатијата оди и чекор понатаму, па вели дека токму отворањето на поглавјата 23 и 24, кои се однесуваат на правосудството, ќе ни помогне на патот кон ЕУ.
Но тезата е сосема обратна. Не може ЕУ да ни ја искорени корупцијата и да воспостави правна држава во Македонија. Тоа мора сами да го направиме. За да си го отвориме и патот кон ЕУ, меѓу другото. Надежите дека некој друг ќе ни ги реши проблемите се само пусти соништа. Впрочем, сиве изминати години и САД и ЕУ вложија огромни напори и огромни финансиски средства за подобрување на состојбите во правосудството, но сѐ остана по старо и нема никакво подобрување. Затоа во последно време толку жестоки и чести се реакциите на меѓународната заедница, која од нас бара резултати. И сосема оправдано. Опипливи резултати со години и децении очекуваат и македонските граѓани, кои веќе изгубија надеж во правната држава. Впрочем, еден од клучните мотиви за масовното иселување од државата се токму високата корупција и невладеењето на правото. Но за да има резултати мора правосудството прво да се ослободи од политичкиот јарем што му стои околу главата.
Од оглавот и јажето околу неговиот врат, кое го влечат и затегаат политичарите.
Па затоа ни се случува да се вадат од нафталин предмети од пред 10 и повеќе години, а истовремено да се држат во фиока со години други предмети. Затоа ни се случува прекуноќ голобради синови на функционери да стекнуваат милионски имоти, да напредуваат во кариерата и да се назначуваат на високи државни функции, без почитување на потребните критериуми, па дури и без диплома за завршено образование.
Македонските граѓани со години и со децении чекаат да ги видат востоличувањето и крунисувањето на Јустиција во Македонија. Не доаѓањето на една или друга партија на власт, туку доаѓање на правдата во државата.
Кога еднаш ќе се направи тоа и божицата на правдата ќе го заземе местото што ѝ припаѓа, сѐ друго ќе биде многу полесно. Верувајте.