На корисниците на парно греење, покрај многубројните шокови што ги доживеаја минатата зима, не им требаат дополнителни стресови. Тие и самите најверојатно излегле на избори и гласале за некој што би требало да се чувствува надлежен за нешто да сработи во државава, еве на пример да ги штити интересите на граѓаните, кои впрочем и гo седнале на тие удобни столчиња од кои се чувствува толку ненадлежeн. На народот му е прекуглава од ова константно префрлање топка, од вперување прст кон друг, само за да се избегне одговорноста. А и навистина
ова повеќе нема смисла
Нема уште многу време до почетокот на грејната сезона во земјава. На средината на октомври, традиционално, скопјани досега се будеа со топли радијатори. Но, годинава не се знае дали ќе се задржи таа практика. Причина? Како и по обичај – ненадлежноста на оние што се смета дека треба да се надлежни.
Но, да почнам од почеток.
Мостот „Беласица“, кој уште од мај стои оштетен од пожар, не само што е клучна сообраќајна алка во Скопје туку е и една од клучните алки за греењето на скопјани. Меѓутоа, во пожарот беа оштетени и цевките преку кои делови од градот се снабдуваа со топлинска енергија, а сега дојде време истите да се санираат за грејната сезона да започне навреме.
Како што истакна и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, токму под овој мост поминува главната топловодна мрежа за Скопје и ако истата таа не е во функција, нема да може да се користи топлинската енергија од ТЕ-ТО, туку онаа од другите топлани, за која ќе треба да се плаќаат повеќе пари.
Што понатаму?!
Од ЕСМ велат дека нивното го завршиле. Цевките се подготвени за монтажа, но тврдат дека чекаат дозвола од Град Скопје за истите тие да се постават.
Од Градот, пак, се прогласуваат за ненадлежни. Велат дека ЕСМ сами треба да си го санираат местото каде што треба да ги постават цевките, па дури потоа да издадат дозвола.
Значи, ЕСМ чека на Градот, а Градот чека на ЕСМ?
Од Градот тврдат дека, според експертскиот извештај, ЕСМ се тие што треба да направат санација на настанатата штета, па да ги постават цевките за кои, по санацијата, градот без проблем ќе даде дозвола.
Сега звучи познато, нели?
Меѓусебните препукувања, прогласувања за ненадлежни на надлежните, повторно ќе им се удрат од глава на корисниците на парно греење. Ако не се санираат цевките, скопјани сакале или не ќе плаќаат и повисоки цени на и онака високите сметки за парно. Значи, ако за еден месец не се заменат цевките за снабдување со топлинска енергија под мостот „Беласица“, граѓаните, не по своја вина, ќе мора да се греат, а за да обезбедат топли домови, ќе мора да си платат повисоки сметки за парно, затоа што нема да се снабдуваат од најевтиниот понудувач на топлинска енергија. Тоа значи дека ако не се санираат цевките, на голем дел жители на главниот град повторно ќе им претстои тешка и долга зима со високи сметки за парно греење.
Меѓутоа меѓусебното префрлање топка не е нешто невидено кај нас, напротив, до тој степен е застапено, што ако некој не му префрли некому, дури станува и чудно.
Класичен пластичен пример за функционирањето на нашата држава.
Секој е ненадлежен и му префрла на друг. А додека меѓусебно со изјави преку медиумите се препукуваат кој е надлежен или ненадлежен, народот ќе ги трпи последиците.
Никој не е надлежен за ништо во нашата држава, па дури и надлежниот.
А народот, како и секогаш, ќе ги трпи последиците од ваквото неодговорно однесување на надлежните.
И покрај тоа што поскапувањата во сите општествени сегменти се чувствуваат по џебот, на граѓаните не им треба уште да плаќаат поскапо парно греење поради нечија „ненадлежност“. На народот не му е грижа кој како се чувствува, народот не сака никој неовластено да му бркнува рака во џебот, само поради тоа што некој се прогласува за ненадлежен и апстинира од одговорност.
На корисниците на парно греење, покрај многубројните стрес-ситуации што ги доживеаја минатата зима, не им требаат дополнителни шок-состојби. Тие и самите најверојатно излегле на избори и гласале за некој што би требало да се чувствува за надлежен за нешто да сработи во државава, еве на пример да ги штити интересите на граѓаните, кои впрочем и го седнале на тие удобни столчиња од кои се чувствува толку ненадлежен.
На народот му е прекуглава од ова константно префрлање топка, од вперување прст кон друг, само за да се избегне одговорноста. А и навистина ова повеќе нема смисла.
Кога во нашата земја некој ќе собере доволно храброст, ќе застане пред избраниците и ќе каже: „Да, јас сум надлежен“, „Да, јас сум одговорен!“