Иако можеби звучи апсурдно, но, за жал, вистината е таа. Македонија во сите изминати 32 години од својата независност беше и останува земја на апсурди. Само кратко време по пристигнувањето во Македонија амбасадорката на САД, Анџела Агелер, на прес-конференција ги пренесе (пре)пораките на Стејт департментот дека доколку сака да направи чекор поблиску до ЕУ и да ја задржи поддршката на Америка, Македонија мора жестоко да се пресмета со криминалот и корупцијата. За да докажат дека САД навистина се сериозни во своите барања македонските власти жестоко да се пресметаат со криминалот и корупцијата, од преку Атлантикот почнаа со објавување на неколку познати имиња од македонската политика и бизнис-елита што се најдоа на црната листа на САД.
Наполно поддржувајќи го ставот на САД, и министерот за надворешни работи Бујар Османи на истата прес-конференција истакна дека борбата со корупцијата останува приоритет број еден не само за американската дипломатија во земјава во 2023 година туку и за Македонија.
(Пре)пораките на САД за неселективната и безмилосна борба против криминалот во Македонија неколку дена подоцна ги најави и советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле, кој со посебна меѓуагенциска делегација пристигна во Македонија. За време на краткиот престој во државата Шоле најави долготрајна и бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата.
На таквите (пре)пораки од САД со консензус се приклучија македонските политичари од власта, а и од опозицијата, кои најавија бескомпромисна и неселективна борба против сите оние што ги прекршиле законите.
И, каков апсурд.
По таквите гласни и силни најави за неселективна борба против криминалот, наместо жестока пресметка со криминалот и криминалците, по неколкуте афери што се отворија за вмешаност на високи владини функционери во корупциски и криминални активности, власта со европско знаменце, без никаква јавна расправа и дебата на експертската и стручната јавност, прекуноќ ги донесе измените на Кривичниот законик (КЗ), со кои се предвидуваат многу пониски казни за службените лица и функционерите што ќе ја злоупотребат својата позиција!?
Измените на кривичниот закон, кои експресно поминаа во Собранието, дојдоа токму во моментот кога Македонија беше и сѐ уште е под силни критики од САД и ЕУ за неказнивост и неефикасна и неуспешна борба против корупцијата и отсуство на владеење на правото.
Усвојувањето на измените на КЗ предизвика огромен гнев и револт кај обичните граѓани, кои по ваквиот потег на Владата сметаат дека власта со донесувањето на ваквите измени не само што нема ништо да направи во битката со корупцијата и криминалот туку ќе ги стимулира криминалците и во иднина да ја (зло)употребуваат својата функција за лично богатење.
Измените на КЗ наидоа на жестоки критики и кај невладиниот сектор, а со реакции се јавија и експертите, кои побараа измените да се повлечат бидејќи не помагаат во борбата против корупцијата и ќе ја зголемат и онака високата стапка на неказнивост на службените лица и функционери.
За иронијата да биде комплетна, против овој закон беше и министерот за правда Кренар Лога, кој, како што изјави, не бил убеден дека станува збор за вистинско решение, па измените на Кривичниот законик ги предложи Владата, а нејзин претставник беше заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ.
На случајот со измените на Кривичниот законик се покажа дека политичарите се како свештениците, кои проповедаат до верниците да пијат вода, а тие пијат вино.
Македонските власти уште еднаш потврдија дека тие се доследни единствено во својата недоследност, едно да зборуваат, а сосема друго да прават.
Колку и да се обидуваа власта и некои нејзини поддржувачи да кажат дека измените на КЗ се со цел да се приближи македонското законодавство до европското и дека со новите измени на законот сега ќе може многу побрзо и поефикасно да се конфискува имотот на тие што ќе се огрешат спрема законите, не се многу убедливи.
Во изминатиот период, и покрај високите казни предвидени во КЗ за злоупотреба на службената должност, огромен број македонски политичари и функционери, јавни личности, како на локално, така и на државно ниво, воопшто не се двоумеа и не стравуваа да ги стават рацете во медот и да се облажат. Голем дел од нив, и покрај несразмерно стекнатиот имот на криминален начин, воопшто не беше санкциониран. Токму тоа во најголем дел придонесе граѓаните да ја изгубат довербата во политичарите и судството. Сега, по ваквите измени, и таа минимална доверба е во опасност да исчезне.
Наместо по (пре)пораките на САД и ЕУ власта да се фокусира не само на алатките за подигнување на ефикасноста на борбата против криминалот и корупцијата, меѓу другото и на заострување на казните, на зајакнување на институциите, како и на максимална поддршка на луѓето што по описот и пописот на работните задачи се платени неселективно да се борат против криминалот и криминалците, со ваквите измени на КЗ тие, најблаго речено, не само што се наградени туку се и стимулирани. Тие што не стравуваа при постоењето на донеодамнешните строги казни да се огрешат од законите, сега, кога истите тие за таквите кривични дела, злоупотреба на службената положба, се далеку поблаги, многу помалку ќе се двоумат дали да ги брцнат рацете во медот.
Кога станува збор за борбата против корупцијата и криминалот, Македонија одамна ги има изгубено безмалку сите битки.
(Не)разбирањето на политичарите дека само со вербални изјави и декларативни заложби ќе се пресметаат со криминалот и криминалците се покажа како сосема неуспешно. На Македонија во борбата против криминалот и криминалците не ѝ помогна многу ни романската обвинителка Моника Маковеј, која во 2007 година беше во Македонија да помогне во борбата против криминалот, но откако тешко се разочара од состојбите во државата и мешањето и пресудното влијание на политиката во правото, селективноста и протекционизмот, таа си замина од Македонија.
Иако беше именуван со големи очекувања и надежи и сега покојниот јавен обвинител од Битола, Александар Прчевски, кој важеше за бескомпромисен и храбар борец против криминалот, откако виде со кого си има работа и како се поставени работите во државата изјави дека бил во голема заблуда кога се нафатил да ја извршува обвинителската функција и дека ќе се избори против криминалот и криминалците. Тогаш тој изјави дека тој бил „последната будала што се нафатил да биде обвинител“!
Во експериментирањата на политичарите во барање решение за борба против криминалот, македонските власти пред неколку години со консензус ја избраа и Катица Јанева за специјална обвинителка, па видовме каде и како заврши таа.
Граѓаните на Македонија во изминатите години беа живи сведоци на разни случаи на корумпирања, пазарења, рекетирања, уценувања, амнестии… во кои најголем број беа вмешани високи функционери на поранешните и сегашните власти, но освен некои поединци, ретко кој од нив ги презел последиците за таквите непримерни и криминални однесувања.
Оттаму, време е во Македонија, наместо да се занимаваат со декларативни политички заложби за борба против криминалот, конечно да го најдеме македонскиот Елиот Нес, кој поддржан од сите институции ќе им се спротистави на криминалот и криминалците.
Во спротивно, не ни се пишува добро.