Токму во најжестокиот период на негирање на нашиот јазик во поново време, кога првите луѓе на државата се однесуваат како да не се оттука, на бугарските напади ние официјално се спротивставуваме со памфлети што ништо не значат и не оставаат никаква трага, немаат никакво дејство наспроти агресивните манипулации што доаѓаат отаде Пирин. Но тоа е само едниот дел од приказната. Тоа е почетокот на денешната тажна приказна. Додека политичарите ја губат битката на зелената маса,
бидејќи не ги вадат на масата вистинските аргументи, битката за јазикот ја губиме на сите полиња
Деновиве се води жолчна дискусија за македонскиот јазик. Особено политичарите, како што би рекле нашите постари, „не го вадат од уста“ нашиот македонски јазик. Сите се колнат дека се најголеми заштитници, а од толку многу чувари и заштитници, јазикот ни го снемува во стварноста. Без разлика колку некој се колне дека е тој „чист“, „бетон“ или, пак, дека ќе го брани и ќе го чува „до гроб“.
Но тоа е така само на зборови. На политички памфлети, на кои полека се привикнуваме. Ќе зборуваат, ќе ветуваат, ќе се колнат и на крајот – дупло голо. Или да бидеме јазично коректни – двојно соблечено, како сакате. Ниту едното, ниту другото толкување ништо не значат, ги нема во официјалниот Толковен речник, но затоа на јазикот на улицата „дупло голо“ е најточниот опис за тоа што ни го испорачуваат политичарите.
А што е уште поневеројатно, паралелно со сето ова, јавно се чудиме што Бугарите поентирале на нашата неподготвеност, неукост и празнотија во борбата со аргументи кога станува збор за јазикот. Огромен дел од јавноста ја изразува својата загриженост со јавни настапи и прилози во медиумите и социјалните мрежи дека непотребно сме во дефанзива пред бугарската јазична офанзива.
Се разбира, не е ништо случајно, особено ако на искусни јазичари и вешти дипломати од другата страна на преговарачката маса седнеш партиски послушници и климоглавци, тогаш не можеш да очекуваш поинаков исход. Нашите луѓе, вистинските лингвистички авторитети во својата област, кои успешно низ Европа и светот ја пронесуваат вистината за Македонија и македонскиот јазик, сега се тргнати на страна. Ним им останува да ја водат битката само со своите прогласи во јавноста. Кои, за жал, не наидуваат на никаков одзив, барем не од оние што треба да ги слушнат.
Токму во најжестокиот период на негирање на нашиот јазик во поново време, кога првите луѓе на државата се однесуваат како да не се оттука, на бугарските напади ние официјално се спротивставуваме со памфлети што ништо не значат и не оставаат никаква трага, немаат никакво дејство наспроти агресивните манипулации што доаѓаат отаде Пирин.
Но тоа е само едниот дел од приказната. Тоа е почетокот на денешната тажна приказна. Додека политичарите ја губат битката на зелената маса, бидејќи не ги вадат на масата вистинските аргументи, битката за јазикот ја губиме на сите полиња.
Надолго и нашироко е пишувано за очигледните слабости во образовниот систем во кој на македонскиот јазик не му се посветува должното внимание, па поради тоа цели генерации ученици излегуваат полуписмени од училишните клупи. Зборот полуписмени, воопшто не е претежок, бидејќи ако не го зборувате мајчиниот јазик, односно јазикот на државата во која живеете, тогаш вие не можете рамноправно да се движите и да се развивате во неа. Тоа е така, па колку и да сака некој тоа да го релативизира и да се обидува да наметне некои свои вистини.
Но овој пат нема да се занимаваме со големиот пакет ветувања и (не)исполнувања. Денеска ќе посветиме малку внимание на еден сегмент, кој, според многумина е најважен – јазикот наш насушен. Точно, македонскиот јазик, кој полека, но сигурно исчезнува пред наши очи, а ние, сите ние, без исклучок, наместо целосно да се впрегнеме и да не дозволиме да се случи тоа што се чини неизбежно, да се обидеме да најдеме решение.
Па, можно ли е да не гледаме што ни се случува на сите страни. Буквално. Секојдневно. Свртете се околу себе, погледнете ги јавните натписи, реклами, билборди, пуштете радио или телевизија… Од сите страни ве заплиснуваат странски зборови, најчесто невешто склопени фрази со кои авторот сака да го истакне своето (не)познавање, обично, на англискиот јазик. И можеби би било во ред, ако со тоа се најавува или соопштува нешто што не може да се избегне, иако тоа во праксата се навистина ретки исклучоци. Но, не, зборуваме за најобични називи, настани, случувања, кои МОРА да се на македонски јазик. Зарем толку се срамиме од нашиот убав македонски јазик? Зошто, по ѓаволите, мора сѐ и сешто да се пишува на англиски или на некој друг јазик, а само и само да не биде на македонски.
Особено бодат очи најавите на најобичните кафеански тезги, преку недобројните концерти и фестивали, па сѐ до културните настани. Чиниш цела Европа и половина Америка се стрчаа во оваа нашава пустелија да се забавуваат или да се насладат со културни настани. Сите можни најави се на англиски јазик. Во бунилото се оди дотаму што дури и најава за пријателски фудбалски натпревар меѓу две македонски екипи, замислете, се прави на англиски јазик. Не ви се верува? Видете ја најавата за пријателскиот меч Охрид – Вардар. Па добро, како ја дотеравме работата дотука?