Редицата иницирани мерки во сферата на екологијата и заштитата на животната
средина се очекува да почнат да даваат и конкретни резултати. И тоа и во поглед на
справувањето со дивите депонии, заштитата на Водно, битката со загаденоста на воздухот итн. Сепак, имаме уште многу работа пред нас, пред сите нас. Ние сме тие што треба да покажат дека сме пораснале пред предизвиците да не фрламе ѓубре каде што ќе стигнеме, да покажеме соодветна зрелост и да ги научиме нашите поколенија на градење еколошка свест уште од мали нозе
Долготраен и тежок е проблемот на метрополата со ѓубрето и дивите депонии.
Можеби првиот февруарски снег ќе покрие и прикрие дел од нив, но факт е дека проблемот со дивите депонии останува и понатаму.
Само од нив, загадувањето на воздухот беше повеќекратно зголемено, а сето тоа директно влијаеше на здравјето на сите жители на Скопје. Секако, најмногу страдаат децата и оние со хронични болести, кои скапо ја плаќаат цената на фрлањето ѓубре без осет и палењето сѐ и сешто.
За среќа, не сме оставени сами на себе. Градските власти сериозно му објавија војна на ваквото однесување, па изминатиот период сите сведочевме на интензивно чистење, но и на сериозно санкционирање на загадувачите.
Скопје е релативно мал град, иако за нас што живееме тука е голем. Во ширина е само девет километри, а во должина е 23 километри. И во тие густо и тесно набиени километри големина, неговите жители успеале да креираат 150 диви депонии. Ако пресметаме математички, на секои шест километри од неговата должина, сме имале по една депонија. Ако пресметуваме според неговата ширина, тоа значи дека сме пливале во ѓубре.
Официјално беа мапирани 120 регистрирани и познати депонии. Оние дополнителни триесетина се новоформирани и пријавени од страна на жителите на градот.
На овие депонии се согоруваше опасен отпад, што претставуваше извор на загадување на воздухот, почвите и подземните води, со што директно се влијаеше на квалитетот на животот на граѓаните.
Скопјани првпат гледаат реални резултати, се изрекуваат драконски казни за загрозување на животот и здравјето на граѓаните, а веќе е почнат и систем на решавање со фотодокументирање на загадувачите, работа во смени на инспекторатот, како и снимање со дрон за детектирање на депониите и нивното палење. На големо функционира и системот за пријавување диви депонии, па скопјани постојано го пријавуваат нивното формирање.
На местото на депониите ќе никнат паркови и зелени површини на кои децата ќе можат да играат, родителите да здивнат, спортистите да трчаат и да тренираат.
Заштитата на екологијата во Скопје ќе ја реализира Екосоветот, чија работа ќе биде да постави нови стандарди за заштитата на животната средина.
Евидентно е и намалувањето на пластичните ќесиња во метрополата. Се чини дека законот со кој се забранува нивното користење даде плод, Скопје изгледа почисто.
За жал, уште еднаш се покажа дека преземањето построги мерки и засилената контрола може да дадат одредени резултати. И од сообраќајно лудило и од депонии…
За жал, свеста проработува само тогаш кога некој ќе брцне рака во џебот на граѓаните, кога некој ќе испише голема парична казна. Тогаш неверојатно се освестуваат несовесните, се буди чувството за солидарност кон другите, дури тогаш свеста ги спречува да креираат депонии и да фрлаат ѓубре.
И Водно конечно почнува да ги живее деновите на негова поголема обнова и заштита. Конечно се работи на негова заштита, со која ќе се стави крај на неконтролираната урбанизација и пренаселеност, но и на ставање ред во сообраќајниот хаос, кој изминатиот период му се случува. Иронијата е огромна. Додека од една страна се бара заштита на Водно, од друга страна жителите буквално со автомобили возат едни преку други за да стигнат на падините на скопскиот воздушен еликсир.
Градот конечно ќе иницира предлог-закон за негова заштита, додека Центар заедно со граѓаните ќе работи на анализа и ревизија на новите градби, кои дополнително ги задушуваат белите дробови на Скопје.
И така како во некоја бајка главниот град доживува преродба, доживува сосема нови моменти, моменти за кои порано само сонувавме.
Сепак, имаме уште многу работа пред нас, пред сите нас, а најголемите предизвици се токму пред жителите на Скопје. Ние сме тие што треба да покажат дека сме пораснале пред предизвиците да не фрламе ѓубре каде што ќе стигнеме, ние сме тие што треба да покажат соодветна зрелост и да ги научиме нашите поколенија дека дури и ѓубрето има свое соодветно место, меѓутоа не по улиците, во реките и на зелените површини, туку во контејнерите, кантите за отпадоци, а потоа и во депониите, чии управители соодветно ќе управуваат со него.
Големи се предизвиците за сите нас, но важно е дека се работи на решавање на проблемите и за конечно ставање крај на хаосот, кој нѐ задуши и затрупа поради самоволието на несовесните…