Игри без граници

Современа мапа произволно нацртана од далечни сили раскажува тешка приказна создавана со векови. Прави линии врежани преку реки и планини создаваат џиновска сложувалка со многу чудни парчиња, склопени без значително посветување внимание кон локалните суштински состојби на теренот, при што секое од нив претставува одредена заедница, јазик или традиција. Овие произволни линии обликувале национални идентитети, регионални сојузи и конфликти што опстојуваат со генерации. Граници што оставиле поделени народи, оспорувани територии и трајни политички предизвици и проблеми. Сложен пејзаж каде што историјата продолжува да диктира политички, економски и општествени исходи, потсетувајќи нè дека картите се повеќе од географски обележја.
Ова главно однесува на Африка, која страда исклучително тешко од колонијалните граници, бидејќи со нив стекнатата независност ретко им дозволувала на нејзините народи да ги редефинираат државните територии на начини што всушност ги одразуваат културните и етничките реалности. Но и тука, на Балканот, постои комплексна историја на менување на границите под влијание на империи, војни и окупаторски сили. Прашањата за балканските граници се исто така длабоко испреплетени со етнички идентитети, историски поплаки и сложени геополитички интереси.
Затоа предлози за промена на границите повремено провејуваат како пробни балони низ Балканот, со цел за испитување на политичката клима преку подигање тензии за осетливото прашање, вообичаено од одредени центри на моќ со свои интереси, па затоа се дочекуваат со претпазливост поради ризиците за обновени конфликти. Без разлика дали се изразени од говорница во изборна кампања, во телевизиско студио, на трибина на спортски натпревар, на социјалните мрежи или преку нон-пејпери, кои станаа омилено средство за ширење вакви контроверзни предлози.
Корекции на границите би ја отвориле Пандорината кутија и би довеле до слични барања насекаде, ослободувајќи ги опасните идеи за проширување на одредени држави, вообичаено проследени со назив во кој се додава придавката „голема“. Државните граници секогаш се во средиштето на горливи прашања. Властите во Украина сигнализираат дека се подготвени на територијални отстапки во новиот ревидиран мировен план за ставање крај на војната со Русија, иако до скоро повторуваа дека такво нешто не доаѓа предвид. Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна предизвика обновено несогласување со Данска откако назначи специјален пратеник за Гренланд, арктичкиот остров за кој претходно изрази намера да го анектира. Тој по добивање на вториот претседателски мандат предложи САД да се обидат да ги прошират своите територијални поседи со тоа што ќе ја охрабрат Канада да им се приклучи како 51-та сојузна држава, со купување на Гренланд од Данска и со враќање на контролата врз Панамскиот Канал. Комплексноста на граничните прашања се согледува и во двојните стандарди при освојување или враќање територии, во зависност од силата што го прави тоа.
Ретки се примерите на мирно прекројување граници, како неодамнешниот на Швајцарија и Италија, кои минатата година, со заемна согласност, одново исцртаа дел од својата граница, бидејќи се истопил глечер што историски ја означувал линијата помеѓу двете држави. Глечерот Теодул под познатиот планински врв Матерхорн на Алпите изгубил речиси една четвртина од својата маса помеѓу 1973 и 2010 година, што ги принудило соседите да прецртаат дел од нивната граница долг околу 100 метри. Некој би рекол што се 100 метри, но, сепак, прашањето било решено без спорење и конфликти.
Исцртувањето „фер“ граници со кои би се обезбедил траен мир на Балканот претставува идеја што ги опседнува дипломатите веќе два века. Но историската демаркација е лажлива илузија, бидејќи на Балканот нема природни граници, одредени од непроменливи елементи на релјефот и способни да ги одделат етничките заедници, како што нема ниту на друго место.
Во поглед на овие грижи и недоумици, Законот за овластување за национална одбрана на САД за 2026 година испрати недвосмислена порака дека нема да бидат поддржани никакви обиди за прецртување на границите или промени на етничкото и политичкото уредување на Западен Балкан! САД преку овој документ најавуваат континуирана поддршка за демократските институции, со цел да се спречи повторно појавување на етнички тензии, со тоа што има предвидена можност за санкции против поединци или политики што ги загрозуваат мирот, безбедноста или територијалниот интегритет на која било земја во регионот.
Затоа е потребен јасен став за неменување на границите, оти еден преседан лесно води кон друг, што ќе придонесе ситуацијата да излезе надвор од контрола, а тоа не е во ничиј интерес.