Отсекогаш ми тежело прашањето, што е тоа што ги тера луѓето да се потепаат барајќи врски или лепејќи плакати и мавтајќи знамиња да дојдат до некоја „државна“ служба, за потоа да го потрошат времето до пензија не работејќи ништо. Наместо ревносни државни службеници, тие стануваат најголеми џаболебари, експерти за игрици или ботови, кои цел ден го трошат во исправање криви дрини на социјалните мрежи
Честопати во секојдневната комуникација слушаме или дури и коментираме за нефункционирањето на администрацијата. Независно дали станува збор за локалната или за централната власт, најчест коментар е дека „државата не функционира“. Се разбира, во секојдневниот говор „државата“ е синоним за целокупниот апарат со кој се соочува обичниот граѓанин кога има потреба да го регулира кое било прашање од административна природа. Повод за навраќање на оваа тема е непријатното искуство од изминативе неколку дена, кога токму поради регулирање на некои административни прашања, семејно имавме потреба од комуникација со две надлежни служби, едната е општинска, а другата државна. Проблемот е во тоа што поради работните обврски, речиси е неизводливо физички да се чека на шалтер, па се решив на попристапната варијанта, да контактирам со нив преку телефон или мејл, да го решам проблемот или барем да добијам соодветни упатства што и како натаму да преземам.
Во согласност со добрите практики на работење и двете служби имаа некои, какви-такви веб-страници и нормално истакнати контакт-телефони и електронска пошта. Откако на едната адреса телефонот беше „глув“ со денови, се решив да поставам прашање преку мејл. Нормално, чекав две недели за одговор, што конечно го добив, напишан мошне нејасно, на латиница, каде што некои од буквите беа всушност симболи, но барем некако успеав да издејствувам некаква реакција. Во пишаниот одговор беше наведено дека го примиле мојот приговор и дека можам да контактирам со службеникот, чие име не беше наведено, но барем ми беше даден неговиот мобилен телефон. Ми олесна. Но, само за момент. Седнав и вртам, никој не се јавува. Ајде си реков, можеби има човекот две линии, па зборува на втората. По пет минути повторно ѕвонам и повторно никој не се јавува. Си помислив, ајде, има многу работа, можеби сега се одмора. И така шест пати во текот на денот ѕвонев и попусто чекав да ми се јави некој. Ништо. Зеро. Нада.
И сега, по три недели изгубени во чекање, треба да најдам некако време да побегнам од работните обврски, за да одам до соодветната служба, во обид дека некако ќе успеам да дојдам до некој службеник што ќе ме ислуша, ако има таков, за да ме упати на следното ниво за решавање на мојот административен проблем. Да биде иронијата поголема, спомнатиот проблем не го создадов јас или некој од моето семејство, туку е резултат на неспособност или аљкавост на некој друг службеник од истата служба, кој само лефтерно ги пополнил документите што се однесуваат за мене, а сега неговата грешка треба да ја исправам јас, инаку последиците за мене не се толку мали и безначајни.
Втората, паралелна борба со администрацијата е речиси идентична, но овој пат не беше користен мејлот, туку само телефонот. За да се добие еден најобичен одговор, кој треба да нѐ упати на точната адреса, за да не се губат попусто денови, време и пари за да се погоди точниот шалтер, во рок од три дена, беа завртени над десет телефонски броеви. Од конкретната служба, од нејзините сродни, за можеби да нѐ упатат на точниот извор што ќе ни го даде саканиот одговор што ќе го реши проблемот, па сѐ до телефоните од надлежното министерство. Се разбира и тука се изнаслушавме глува тишина од другата страна на линијата и, за чудо, два одговора. Но и двата гласа од другата страна беа речиси идентични, затоа што имаа еднаков одговор: „Јавете се на…“. Попусти беа обидите да објасниме дека недостапноста на конкретниот соговорник е маката што нѐ натера да бараме одоколу и дека ни треба барем некој да нѐ ислуша, но попусто. Ликот од другата страна е немилосрден и уште налутен дека сме се дрзнале да му го реметиме душевниот мир во неговата длабока фотелја, додека сурфа по социјалните мрежи.
И сега, со прстот в уста, со незавршена работа, ако ништо друго, барем можам гласно да прашам – до кога вака? Се вработија во администрацијата купишта луѓе, се изнатрупа опрема купена и донирана, голем дел од миленичињата на првите луѓе на службите нозе искршија крстосувајќи по разно-разни обуки во земјава и во светот со кои требаше да ги прифатат и имплементираат добрите практики на работењето. И што добивме од сето тоа? Дупло голо. Глуви телефони и недостапни службеници. Башка на тоа и никаква одговорност, туку целиот товар за грешките и пропустите на службата паѓаат на товар на граѓанинот, кој мора да биде волшебник за да успее да го најде вистинскиот шалтер, да се моли дека ќе биде ислушан и разбран и дека можеби ќе му биде исправена административната грешка создадена од некој неспособен лик.
Отсекогаш ми тежело прашањето, што е тоа што ги тера луѓето да се потепаат барајќи врски или лепејќи плакати и мавтајќи знамиња да дојдат до некоја „државна“ служба, за потоа да го потрошат времето до пензија не работејќи ништо. Наместо ревносни државни службеници, тие стануваат најголеми џаболебари, експерти за игрици или ботови, кои цел ден го трошат во исправање криви дрини на социјалните мрежи.
И не можам, а за крај да не ја спомнам најчесто цитираната реченица изминативе денови, месеци, години… „И после се чудиме што ни бегаат младиве“. Е па, ќе бегаат.