Во последно време многу често се повторува една иста фраза, демек секој да си ја врши својата работа и да не се меша во делокругот на другиот. Сепак, проблемот не е во тоа што граѓаните (па и историчарите) се мешаат во работата на политичарите, туку во тоа што политичарите во Македонија, оние во власта и оние во опозицијата, недоволно се мешаат во својата работа, односно не си ја вршат својата работа, за која се избрани и за која се платени од државната каса, која ја полнат граѓаните. Можеби најнов показател на една таква неодговорност е фрлањето огромно количество вакцини, кои за време на пандемијата живот значат
Политичката сага за затоплување на македонско-бугарските односи продолжува да биде во центарот на вниманието на јавноста во Македонија. Точно кога очекувавме да спласне целата еуфорија околу „заедничкото чествување“ на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, најистакнатата личност во македонската револуционерна борба, во саботата имавме ново продолжување на надворешнодипломатскиот перформанс за градење на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. Од македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи ја слушнавме препораката „политичарите да не коментираат историски прашања, историчарите да не коментираат политички прашања“! Има голема нелогичност во ваквата негова изјава, но и во мноштвото изјави што политичари од Бугарија ги даваат во однос на толкувањето на историјата. Токму бугарските политичари дрско ја злоупотребуваат и преиначуваат историјата за свои политички и тесногради цели. Истовремено, начинот на кој се спроведе последната церемонија на чествување на делото и улогата на македонскиот великан, пред гробот на Делчев во Скопје, уште еднаш потврди дека самите политичари први го погазија „правилото“ и влегоа на теренот на историчарите. Прашањето е врз кои историски факти се организира заедничко положување цвеќе во црквата „Свети Спас“ од македонски и од бугарски владини претставници, кога историчарите немаат постигнато никакво решение за начинот на славењето на историските настани ниту пак имаше препорака за такво нешто од историската комисија?
За начинот на кој беше одбележана годишнината од раѓањето на Делчев има многу да се дебатира, но од реакцијата на мнозинството македонски граѓани може да се извлече заклучок дека засега не е време, а ни место за изнасилени заеднички прослави, за нешто што е само македонско. Се разбира, секој може да дојде, да се поклони и да положи цвеќе пред гробот на македонскиот великан, но тоа на никој начин не смее да фрли сенка за неговото револуционерно дело и неговата мисија како македонски револуционер што се жртвувал и се борел само за Македонија.
Дотолку повеќе што некои од „самопоканетите“ гости и немаа докрај искрени намери кон домаќинот, во овој случај македонскиот народ, а некои дури се обидоа и да исценираат инцидент.
Но тоа што ги загрижува граѓаните на Македонија, ако за момент се исклучиме од дневното следење на провокациите што доаѓаат од Бугарија, е неповолната општа слика за нашето секојдневие. Еве, и да прифатиме да ги оставиме политичарите да си ја вршат нивната работа, и ако погледнеме само на други поважни прашања што изминатата недела ги засегаа граѓаните, тогаш состојбата во земјата не е нималку пријатна. Заклучокот е дека има многу теми на кои политичарите не им посветуваат внимание со истата енергија и посветеност, како што прават за одоброволување на бугарската страна, која, пак, заради свои сопствени каприци и историски фрустрации упорно ја држи рампата спуштена за Македонија на нашиот пат кон Европската Унија.
Така на пример, минатата недела, незабележано помина веста за тоа дека околу 300 илјади дози вакцини на „Фајзер“ наскоро ќе завршат на депонијата „Дрисла“ затоа што им истекува рокот на важност! Образложението од Mинистерството за здравство е дека рокот на употреба е до крајот на февруари, а потоа ќе отпочне постапка за нивно уништување. Згора на ова, се тврди дека како резерва има доволно количество вакцини, а се очекуваат и нови пратки. Но сепак, фрлањето на депонија толкаво големо количество вакцини е непродуктивен трошок, платен од парите на граѓаните. Зошто истите тие не се искористиле навреме, наместо да се фрлаат, зошто наеднаш се набавиле толку многу без да се земат предвид месечната динамика и потребата од вакцинација итн. Тука има уште многу прашања и дилеми. Но фрлањето вакцини што живот значат, сепак е сигнал за нечија неодговорност, несоодветно планирање и (не)организација.
И сето ова се случува кога во земјата досега од вкупното население се вакцинирани 40 проценти, кога интересот кај луѓето за вакцинација е драстично намален, а бројот на новозаболени во еден ден достигна до 1.500 лица со 16 починати!? И покрај доминантноста на омикрон, за кој се верува дека е помалку смртоносен од делта-сојот, Македонија сѐ уште бележи неславни рекорди во статистиката на починати лица од ковид-19. За само една недела, регистрирани се дури 195 луѓе што ја загубиле битката со вирусот.
Додека трае(ше) македонско-бугарска историска драма на политичарите им поминува и веста за големата загаденост на воздухот во големите урбани центри во земјата. Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање во текот на викендот покажаа дека најзагаден воздух имало во Прилеп, Куманово и во Тетово. По нив следуваат Кавадарци, Струмица и скопски Центар.
За ваквата еколошка катастрофа малку зборуваат и еколошките здруженија и активисти, кои замолчеа пред информацијата дека повеќе од еден месец во главниот град се вратени 25 стари автобуси произведени пред околу 50 години, кои сообраќаат на нафта!
Тука доаѓаме и до главната поента, проблемот не е во тоа што граѓаните (па и историчарите) се мешаат во работата на политичарите, туку во тоа што политичарите во Македонија, оние во власта и оние во опозицијата, недоволно добро си ја вршат својата функција, за која се избрани и за која се платени од државната каса, која ја полнат граѓаните.
И додека ние се надмудруваме за тоа кој за што е надлежен, граѓаните сѐ повеќе се соочуваат со намалениот животен стандард, како последица на економската криза и внатрешните политички конфликти. Како последица на поскапата струја и зголемените цени на репроматеријалите, поскапеа производите и услугите во државата. За оние што можеби уште не дознаеле, од Нова година има и нови повисоки цени за фризерските услуги за 20 отсто. Па нека ни е на здравје потстрижувањето!