Преполни музеи, полни сали на концертите, многубројна публика во театрите, посетени книжевни промоции и изложби… Публиката се врати во полн капацитет во физички формат, очигледно желна за заедничко уживање во уметноста по оние сувопарни „виртуелни искуства“ во консумирањето на уметноста во претходните две предизвикувачки години
Ако 2020-та беше година што комплетно помина во знакот на пандемијата, драстично одразувајќи се на ситуацијата во културата, која безмалку ја изгуби својата и онака скромна моќ, а минатата 2021 можевме да ја обележиме како година на културно закрепнување, не само во светот туку и кај нас, 2022-та дефинитивно беше година на полнокрвен културен живот.
Преполни музеи, полни сали на концертите, многубројна публика во театрите, посетени книжевни промоции и изложби… Публиката се врати во полн капацитет во физички формат, очигледно желна за заедничко уживање во уметноста по оние сувопарни „виртуелни искуства“ во консумирањето на уметноста. Годинава покажа дека уметноста и културата жилаво им се спротивставуваат на промените, најмногу благодарение на ентузијазмот на креативците, а повторното придвижување на културниот сектор можеше да се почувствува во сите уметнички дејности, особено во филмот, кој годинава забележа голем број успеси, во ликовната сфера, каде што се отворија солиден број изложби… Се одржаа „во живо“ и сите поголеми манифестации и фестивали, како „Охридско лето“, „Струшките вечери на поезијата“, фестивалот „Браќа Манаки“, „Скопскиот џез-фестивал“… Изложбите по музеите и галериите забележаа солидна посетеност, а Филхармонијата завршува уште една плодна сезона со завиден број гости. Заживеаја и археолошките ископувања, кои резултираа со некои драгоцени откритија.
Само како илустрација една моја културно исполнета вечер неодамна. На први декември во Скопје се случија три важни културни настани и, што е од клучна важност, извонредно посетени. Во преполната сала на киното „Милениум“ се случи исклучителната промоција на новата книга на едно од најголемите имиња на македонската книжевна сцена, Венко Андоновски – „Папокот на светлината“. Дваесет и две години од објавувањето на најнаградуваниот македонски роман „Папокот на светот“ и десет од последниот „Ќерката на математичарот“, Венко Андоновски блесна со нов мајсторски напишан роман, кој има моќ да го промени поредокот. На оваа најпосетена книжевна промоција кај нас досега публиката беше составена од пријатели и почитувачи на делото на Андоновски. Салата (киносала!) беше претесна да ги собере сите оние што низ годините уживаа во зборовите, приказните, филозофијата на Андоновски и сите што сакаат да го најдат патот до новиот продуховен свет. Оттука, нималку не прозвучи амбициозно маркетиншката кампања на издавачката куќа „Три“ кога ја најави промоцијата како „книжевен настан на годината“, затоа што бездруго тоа и се случи.
Веднаш потоа во Културно-информативниот центар се отвори изложбата на Музејот на градот Скопје, на Одделот за современа фотографија и филмски материјал, на фотографии од купчето случајно пронајдени филмски негативи на фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски, работени за потребите на НИП „Нова Македонија“. Истражувањето, насловено „Меморијата на Живко Јаневски“, сега резултира со голема и значајна изложба, со наслов „Точки на интерес“, во Културно-информативниот центар, чие отворање ги собра љубителите на визуелните уметности на едно место. Реки луѓе се слеваа низ двете сали „Империјал 1“ и „Империјал 2“ во КИЦ.
Третиот настан истата вечер се одржа во Младинскиот културен центар, каде што гостуваше еден од омилените писатели на македонската читателска публика – бугарскиот автор Георги Господинов. И како што потенцира издавачот „Или-или“, по промоцијата на наградуваниот роман „Физика на тагата“ во 2015 година во старата скопска чаршија, овој пат писателот беше угостен во киното „Фросина“ во МКЦ, кое беше исполнето до последното место. Многубројната љубопитна публика направи Скопје да има уште една книжевна вечер за долго сеќавање. Вакви исполнети вечери годинава имаше уште многу.
Таква беше и премиерата на новиот филм „Кајмак“ на Милчо Манчевски. Пред преполна сала и пречекан со огромен аплауз, „Кајмак“ премиерно беше прикажан пред домашната публика…. Ова се само некои од последните за оваа година.
Публиката гладна за жив контакт покажа дека можеби дигитализацијата, интернетот и електронските платформи за култура и уметност ја спасија уметноста во изминатите две предизвикувачки години, но нејзината бројност оваа година покажа дека контактот во живо и социјалниот момент во консумирањето на уметноста и културата се назаменливи и покрај брзиот напредок на технологиите и дека тие единствено можат да му помогнат на денешниот свет кога ќе се најде во состојба на анксиозност, очај и фрустрација.