„Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од тука, за да нѐ втерате, како што се обидовте лани во игра со востание… Ние сметаме на вас, од Комитетот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари.“ – Гоце Делчев
Денес се одбележуваат 151 година од раѓањето на македонскиот великан Ѓорѓи Николов Делчев, попознат и само како Гоце. Во историската меморија на Македонецот, но и на сите приврзаници на македонската самобитност и независност, без разлика на нивниот етникум и верска припадност, Гоце е запаметен како апостол и срцето на револуционерна Македонија. Неговото име станало легенда уште во текот на неговиот живот во сите краишта на Македонија, име што поттикнувало почитување и кај пријателите, но и кај непријателите, на македонското национално и револуционерно движење. Но кој е всушност Гоце?
Доколку сакаме да одговориме на ова прашање, треба внимателно да ги прочитаме неговите мисли и длабоко да се замислиме за пораките што ни ги испраќаат. Една од најпознатите негови мисли е „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“. Но што, всушност, сакал да каже Гоце и која е неговата порака? Ако внимателно се анализираат и неговите други мисли, како онаа дека ние „се бориме за слободна и независна Македонија со широки права за сиромашното население“, и мисловно се поврзат со онаа за „културен натпревар“, тогаш е очигледен заклучокот дека екстремниот национализам и шовинизам биле туѓи за Гоце. Овие ставови на најголемиот македонски син се во согласност со тогашната идеологија на Македонската револуционерна организација, односно дека борбата се води за слобода и човекови права на Македонците, но и на сите други жители на Македонија, без разлика на нивата вера или народност.
Меѓутоа овие погледи не се антитеза на македонскиот патриотизам на Гоце, кој силно провејува кај него. Тој ја чувствува Македонија како сопствена татковина, а македонскиот народ како нешто одделно од другите. Затоа Гоце е противник на секој балкански национализам и шовинизам што сака да ја приграби или подели Македонија и да му напакости на Македонецот. Ова е особено видливо во Гоцевиот разговор со бугарскиот генерал Данаил Николаев, кој благодарение на дворските интриги застанал на чело на Врховниот македонски комитет во Софија. Генералот Николаев како близок пријател и соработник на бугарскиот кнез Фердинанд се обидува да воспостави контрола врз целото македонско револуционерно движење и да го канализира кон исполнување на бугарскиот шовинистички санстефански идеал.
Токму во текот на овој разговор, Гоце многу јасно ги образложил своите ставови со зборовите: „Ние, знаете ли кои сме ние: селаните, македонското население, народот. Ние не можеме да правиме политика, ниту да дозволиме други да прават политика со Македонија. Нашата борба, тоа е за нас живот или смрт. Ние нема да дозволиме други да решаваат дали да живееме или да умреме и кога. Кога да се прави востание ќе реши народот. Нема да оставиме да ни командувате од тука, за да нѐ втерате, како што се обидовте лани во игра со востание… Ние сметаме на вас, од Комитетот и од емиграцијата можеме да добиеме братска помош. Но знајте, ние не бараме покровители, а уште помалку господари“.
Но Гоце е многу повеќе од само борец против великобугаризмот и другите балкански национализми и шовинизми. Тој е учител и апостол на Македонецот. Ова особено е очигледно во неговата мисла: „Тој народ да се разбуди од петвековниот длабок сон, којшто го направил Македонецот доста дебел во свеста за човечка правина. И тоа ако не целиот народ, тогаш барем еден дел од него“ или дека „Ослободувањето на Македонија лежи во внатрешното востание“. Гоце многу рано осознал дека повеќевековното владеење на Османлиите кај македонскиот народ создало ропски дух. Затоа најголемиот дел од неговата агитација низ Македонија бил насочен кон разбивање на ропското размислување и духовно издигнување на Македонецот, односно сам да си ја извојува слободата без да се надева на помош однадвор. Ова имало најголемо значење за Гоце и затоа велел: „Делото на ослободувањето на еден народ, е пред сè негово сопствено дело, на неговите сопствени раце“ или дека тоа е „патот за ослободувањето на народите од туѓото ропство. По него оделе Грците, Србите, Бугарите. По тој пат треба да одиме и ние, Македонците“.
Доколку ги земеме предвид Гоцевите мисли, можеме да одговориме и на прашањето кој всушност е Гоце? Одговорот е едноставен и гласи: Гоце е Македонија и Македонија е Гоце! Ова искажување не е претенциозно, затоа што без Гоце немаше да постои македонската држава.
Не случајно во 1923 година на неговиот саркофаг беше врежана заклетвата: „Ги заколнуваме идните поколенијата, светите коски да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.