Дигиталните валути на централните банки се дигитални токени, слични на криптовалутите, издадени од централна банка

Државите што размислуваат да ги вложат своите пари во шпекулативни инструменти треба да бидат многу внимателни

Колапсот на берзата за криптовалути „Еф-ти-екс“ влијаеше и на многу други организации, како што е „Пропублика“, непрофитната организација за истражувачко новинарство, која доби донација од 1,6 милион долари од „Еф-ти-екс“. Она што се случи со берзата за криптовалути е, според зборовите на неговиот нов извршен директор Џон Реј, „само старомодна проневера“. Но дебаклот навистина го доведува во прашање самиот финансиски инструмент што беше еликсир на „Еф-ти-екс“, а тоа е криптовалутата.

Предности и мани на криптовалутите

За волја на вистината, на криптовалутите уште не им е пресудено, тие се еден вид дигитална валута што генерално постои само по електронски пат. Предностите на криптовалутите се убедливи: заштита од инфлација, безбедност и приватност, самоуправување, децентрализирани и исплатливи за трансакции и трансфер на средства. Сепак, имаат и свои негативни страни, па, така, криптовалутите може да се користат за нелегални трансакции, како што се трговија со дрога и оружје, перење пари и финансирање тероризам, додека загубата на податоци може да предизвика финансиски загуби. Потоа, има негативни ефекти од ископувањето монети врз животната средина (поради огромното количество потребна енергија), подложни се на хакирање и нема политика за рефундирање или откажување.
Генерално, изминатиот период не беше добар за криптовалутите. Дигиталните валути изгубија над две илјади милијарди долари во текот на изминатата година. Само во втората недела од ноември вредноста на криптовалутите падна за 21 отсто. Големите компании не се наклонети кон криптовалутите, на пример како „Тесла“, која повеќе нема да ги прифаќа за плаќање, и „Фејсбук (Мета)“, која ги продаде својата интелектуална сопственост и средства во криптовалути.

Случајот со Ел Салвадор

Иако поединците треба да бидат слободни да инвестираат во кој било финансиски инструмент што ќе го изберат, сепак цели држави не треба да го сторат тоа. Ставањето милиони во финансиски ризик со прифаќање на криптовалутите како законско средство за плаќање е токму она што го направија Ел Салвадор и Централноафриканската Република. Ел Салвадор стана првата земја во светот што користеше биткоин како законско средство за плаќање во 2021 година. Една година подоцна, Централноамериканската Република го стори истото тоа. Во моментов земјите што би можеле да го усвојат биткоинот како законско средство се Сент Китс и Невис, Парагвај, Венецуела, Украина, Русија и Аргентина.
Сепак, внимателното испитување на експериментот на Ел Салвадор со криптовалутите треба да даде една причина за размислување. Како прво, соодносот на долгот на нацијата спрема БДП е 87 отсто, земјата е ранлива на неисполнување на долгот и се предвидува економијата да порасне помалку од два отсто во 2023 година. Претседателот Најиб Букеле воведе виртуелен паричник наречен „Чиво“ и му плаќаше по 30 долари на секој што ќе ја преземе апликацијата и ќе ја користи. Но досега само 20 отсто од населението ја поседува, што не е изненадување, бидејќи секој трет Салвадорец нема пристап до мобилен телефон со Интернет. Со толку многу Салвадорци што живеат и работат во странство, не е изненадувачки што дознаките сочинуваат повеќе од 20 отсто од БДП на земјата, а сепак помалку од два отсто од дознаките се испраќаат преку дигитални паричници.
Можеби дел од причината се должи на сложеноста и трошоците за претворање на криптовалутите во локалната валута. Надоместоците што ги наплаќаат давателите на пари, заедно со потребата за банкарска сметка, се јасни дестимулации. Што се однесува до бизнисите, над 85 отсто никогаш не направиле продажба во биткоин, а само 20 отсто од бизнисите ја прифаќаат дигиталната валута. Експериментот на Ел Салвадор со криптовалутите ја чинеше земјата 375 милиони долари. Всушност, нацијата загуби 60 милиони долари за една година на својот криптоподвиг.

Зошто светските финансиски институции се против?

Оние што се залагаат за криптовалутите како легално национално средство за плаќање веруваат дека глобалниот финансиски систем е изграден за да им користи на богатите земји, така што овие поборници се обидуваат да ги реформираат финансиските услуги за да ги направат поинклузивни и подостапни. Тие ги напаѓаат Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и централните банки за тоа што се против иницијативите за реформи, иако овие институции жестоко тврдат дека користењето криптовалути како национална валута може да го олесни перењето пари, да ја поткопа контролата на капиталот и да ги изложи граѓаните на голема нестабилност на цените. Покрај прашањата во врска со негативното влијание на криптовалутите врз прашањата за макроекономската стабилност, финансискиот интегритет и заштитата на потрошувачите, усвојувањето на криптовалутите како национална валута ќе го оневозможи проценувањето на даночните приходи и, според тоа, парите достапни за трошење на социјалните услуги.

Дигитална верзија на националните валути

Како и да е, дигиталните валути како „огледало“ наместо како алтернатива на националната валута предизвикуваат голем интерес од владите, а некои веќе ги имаат имплементирано. Дигиталните валути на централните банки (ЦБДЦ) се дигитални токени, слични на криптовалутите, издадени од централна банка. Тие се поврзани со националната валута на земјата и се издаваат и се регулирани од монетарната власт на државата или централната банка. Според Централната банка за следење дигитални валути на Атлантскиот совет, 114 земји, кои претставуваат над 95 отсто од глобалниот БДП, истражуваат ЦБДЦ. Единаесет земји целосно лансираа дигитална валута, а во 2023 година над дваесет земји ќе преземат значителни чекори кон воведувањето дигитална валута за првпат.