Француски рог

Секако дека, драги Европејци, сакаме да ја слушаме вашата музика. Секако дека е таа префинета, салонска, а вие уживате во неа. И ние би сакале да уживаме, навистина. Но ве молам, извадете го најпрвин тој crooks од „францускиот рог“. Второ, сменете го тој инструмент што свири само „француски“, а под „бугарска диригентска палка“. Наводно, по европски ноти. И трето, дајте ве молам тој „рогот“ да не ни се забрца директно во нашето македонско срце или сонце, ако сакате. И немојте ве молам веќе со „рогот“ да ги повикувате другите европски ловџии да ви се придружат да ја докрајчите жртвата. Ние не сме ви плен. Можеби нѐ третирате како прислужници, но сигурно не сакаме да бидеме нечиј плен

Политичките лидери во земјава се најдоа во своевидна пат-ситуација барајќи решение за наметнатиот услов за промена на Уставот. Некако, како сѐ уште да тежи премногу бремето дека тоа дојде како резултат на бугарската диригентска палка, отсвирено од европски оркестар каде што како придружен преовладува инструментот наречен „француски рог“. Токму името на овој носечки инструмент во „Аријата за Македонија“, за мене, има исклучително метафорично значење.

Имено (со мала помош за читателот), придавката „француски“ веднаш асоцира на Макрон и неговиот убиствен предлог за Македонија и Македонците, додека именката „рог“ може да биде повеќезначна метафора: „рогот“ се користел најпрво како студено оружје за нечие убиство и докусурување, а подоцна „рогот“ се користел и како еден вид ловечки сигнален уред со кој се повикувале сите крвожедно настроени ловци да се впуштат заеднички по својот плен за да го докрајчат, по свој терк. Што се нешто слични асоцијации за „рог“, нели?

За да ви ја приближам и целосната метафора на мојата перцепција за дувачкиот инструмент што постојано ни свири, односно „францускиот рог“ (што упорно од заднина ја следи трагичната „Арија за Македонија“), еве и неколку факти за тоа како токму тој фамозен француски рог некако го претставува вековниот заеднички именител на европскиот прв ешалон на држави, за да искреираат нешто што ги задоволува нивните „високи и префинети апетити“. Секако, мојата перцепција е само една моја метафора…

Името „француски рог“ првпат се користело уште во 17 век. Во тоа време, токму француските производители биле најистакнати во производството на ловечки рогови и имаат заслуга за создавањето на сега познатата кружна форма на инструментот. Како резултат на тоа, овие инструменти честопати биле нарекувани, дури и на англиски, со нивните француски имиња: trompe de chasse или cor de chasse (јасна модерна разлика помеѓу trompes, трубите, и cors, рогови, не постоела во тоа време).

Придавката „француски“ веднаш асоцира на Макрон и неговиот убиствен предлог за Македонија и Македонците, додека именката „рог“ може да биде повеќезначна метафора: „рогот“ се користел најпрво како студено оружје за нечие убиство и докусурување, а подоцна „рогот“ се користел и како еден вид ловечки сигнален уред со кој се повикувале сите крвожедно настроени ловци да се впуштат заеднички по својот плен за да го докрајчат, по свој терк. Што се нешто слични асоцијации за „рог“, нели?

Затоа, пак, за вас, драги читатели, ја издвојувам јасната заедничка намера на големите европски држави дека кога нешто е од заеднички интерес, тогаш и лутите непријатели (Франција и Англија) наоѓаат заеднички јазик. Овој пат во името на францускиот рог. А за мноштво други работи, овој пат нема да стане збор.
Но, драги мои, ова што следува како дополнителна моја метафорична забелешка дава уште поинтересен тон за она што значи европска согласност за нешто што е – заеднички интерес!

Имено, во врска со „францускиот рог“, трета голема држава и народ, т.е. Германија, односно германските производители, токму за овој фамозен „рог“ дизајнирале crooks (со буквален превод „измамник“, поточно отстранливо парче метална цевка вметната помеѓу устата и главната цевка на инструментот, за да се издолжи произведениот воздушен столб), за да може со таквиот „рог“ со „измамник“ да се свири по различни „музички клучеви“, како што ќе речат музичарите. Интересно, нели? Со измамник може да се свири едно, а да се слуша сосема друго. Европејциве се баш чудо со своите crooks-иновации!

Значи во игра со третата европска земја (Германија) – истомисленик, за некоја работа (овој пат за инструмент се работи, не за нешто друго), во игра е влезен crooks – т.н. измамник, за со своите способности да направи – тоа што треба да направи! Самото име покажува што. И, секако, да направи перцепција кај слушателите и оние што треба да послушаат дека ја слушаат и ја прават вистинската работа!

Секако дека, драги Европејци, сакаме да ја слушаме вашата музика. Секако дека е таа префинета, салонска, а вие уживате во неа. И ние би сакале да уживаме, навистина.
Но ве молам, извадете го најпрвин тој crooks од „францускиот рог“. Второ, сменете го тој инструмент што свири само „француски“, а под „бугарска диригентска палка“.

Наводно, по европски ноти. И трето, дајте ве молам тој „рогот“ да не ни се забрца директно во нашето македонско срце или сонце, ако сакате. И немојте ве молам веќе со „рогот“ да ги повикувате другите европски ловџии да ви се придружат да ја докрајчите жртвата. Ние не сме ви плен. Можеби нѐ третирате како прислужници, но сигурно не сакаме да бидеме нечиј плен.