Врие од сите страни во ова наше македонско грне, партиите се делат, се групираат те во оној, те во овој блок, техничката влада уште непочната се реконструира, фрштат некакви чудни стратегиски инвестиции во енергетиката, нова епидемија, уште поголема сиромаштија, болно здравство, руинирано образование, нови рекорди по загаденост, корупција, криминал, нема надвор од државата по 12 февруари без документ со „Северна“…
Сето ова со месеци ја преокупира целата македонска јавност, така што незабележано помина еден допис испратен до македонската влада на 15 февруари годинава од страна на Советот на Европа во Стразбур, во кој се бара да се укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година, во врска со воените злосторства на ОНА во Македонија. Со други зборови, комесарот за човекови права на Советот на Европа бара од македонската влада да се истражат вратените досиеја од Хашкиот трибунал.
Водејќи се од практиката на македонските власти никогаш да не постапуваат по какви било дописи, без оглед од каде доаѓаат, а кои може да се закана за нивните фотелји ако се растури коалицијата, така помина и овој допис, игнорантски од страна на Владата, како воопшто да не дошол. Ниту, пак, некој особено се загрижи.
Со оглед на тоа што и новата преодна влада би требало да има мандат само да создаде услови за одржување фер и демократски избори, сето тоа дополнето со фактот кој е на чело на таа влада, повеќе од извесно е дека дописот од комесарот за човекови права на Советот на Европа ќе заврши зафрлен во некој владин подрум, кој подоцна ќе се поплави, или можеби уште веднаш ќе биде уништен во машините за дробење хартија. Како да не бил.
Но целото македонско општество веќе е подготвено за промени, промени што ќе водат кон иднина и просперитет за сите што живеат во Македонија и ја чувствуваат за своја држава. Промени кон подобро, промени што нема да создаваат фрустрации кај ниту една заедница, туку промени што ќе водат кон сплотеност, кохезија на македонското ткиво за заедничко справување со канцерот што ја уништува државата однатре, корупцијата, криминалот, партизацијата, невладеењето на правото.
За да се случи такво нешто, треба луѓето што ќе ја преземат одговорноста за оваа голема мисија да бидат прогресивни, со демократски капацитети, ерудити, без никакви петна од минатото, особено не петна што се влечат од воениот конфликт во 2001 година.
Соседно Косово го направи токму тоа, се ослободи од сите оние што до вчера беа симбол на воени злосторства, корупција и криминал, гласајќи за нови млади луѓе, кои својот пркос го покажуваат поинаку од нивите претходници, со идеи, решенија, па дури и непопуларни мерки, контроверзни за помалата заедница, но не со оружје. Затоа Косово ја доби визната либерализација, затоа Косово го воведува еврото додека меѓународната заедница глуми отпор. Сето тоа Европа им го дозволува на новите косовски власти бидејќи оваа млада држава имаше доблест да расчисти со старите корумпирани воени структури, со години длабоко инфилтрирани во политиката.
Вакви дописи за градење нова иднина во регионот и расчистување со старите структури комесарот за човекови права на Советот на Европа испрати до другите премиери на земјите членки на Советот на Европа во регионот на поранешна Југославија, а во нив се препорачува да се преземат конкретни чекори за справување со насилното минато и поодлучно движење кон социјална кохезија, правда и помирување. Јасно се потенцираат клучните чекори што треба да се преземат, а кои ќе го подобрат почитувањето на правата на жртвите и ќе промовираат инклузивен пристап, заснован на човековите права, за справување со минатото во регионот.
Сугестиите на Советот на Европа се јасни, никако некој не може да ги нарече дека се руско или кинеско влијание, туку јасни европски насоки како треба да се дејствува ако Македонија и регионот сакаат да одат напред. Она што е повеќе од важно конкретно за Македонија, тоа е дека надлежните институции треба строго да се придржуваат до меѓународното право, како што земјава и досега го правела тоа. А тие меѓународноправни механизми се јасни и децидни, дека ниту едно воено злосторство не застарува и дека не може да се анулира со какви било домашни акти или закони за амнестија и слично.
Тоа го препорачува Советот на Европа, кој бара да се укине автентичното толкување од 2012 година на Законот за амнестија од 2002 година и да се истражат досиејата што беа пренесени од страна на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија до домашните судови, да се направи реформа на образовниот систем во насока на интегрирано образование за децата од различни етнички групи да делат заеднички часови, притоа зачувувајќи го своето право да учат на својот мајчин јазик, како и да им се овозможи на младите луѓе да научат за конфликтот од 2001 година на објективен начин што дозволува повеќекратни перспективи, со осуда на сите злосторства и промоција на толеранција и отвореност.
Повеќе од јасно е дека пораката на Советот на Европа е дека делата за воени злосторства не застаруваат, а ако Македонија сака да ги исчисти товарот и фрустрациите од минатото, треба да им овозможи на домашните надлежни правосудни инстанци да расчистат со сите случаи што Хаг ги класификуваше како воени злосторства. Она што политичките партии досега го правеа заради мир во коалицијата, оставајќи ги под килим овие предмети, не само што не го хармонизираа општеството туку создадоа уште поголеми поделби и фрустрации меѓу најголемите заедници во државата. Командната одговорност на ОНА, затворањето на Липковска брана, киднапирањето цивили од Кичевско-тетовскиот Регион и малтретирањето на мавровските работници, ова се четирите хашки случаи што беа затворени без судски процес, преку Законот за амнестија, кој беше донесен во 2001-та, но со автентично толкување, тој ги опфати и овие случаи, со што се обезбеди амнестија за одговорните. Можеби некој помисли дека тоа е завршена работа, но Советот на Европа не прифаќа такви неправни решенија, под услов земјава вистински да тежнее кон почитување на европските вредности.
Дојдено е времето да се расчистат и во Македонија овие петна од минатото, да се прочисти општеството од сите оние што убивајќи, малтретирајќи, киднапирајќи и вршејќи воени злосторства ја окупираа домашната политичка сцена и не дозволуваат никаков демократски напредок на државата со децении.
Дојдено е времето кога новите генерации, без оглед на нивната етничка припадност, го креваат гласот барајќи подобра иднина во својата држава, барајќи добро платена работа, образование, модерно здравство, инфраструктура, патишта, водоводи, а не вечни лидери што се грижат за потесниот круг на соработници, продавајќи им ја националистичката магла на обичните граѓани од избори во избори. Преку почитување на меѓународното право и негова имплементација, конечно и во Македонија треба да се тргнат од политиката луѓето што во неа влегле со насилство и оружје.
Дописот на Советот на Европа е во вистински момент, но дописот е истовремено и порака од ЕУ кон Македонија дека нема евроинтеграции и европски фронтови со ретроградни сили што го потрошија сиот свој кредит во оној момент кога не успеаја да ги тргнат униформата, воените пленови и старите чизми од таваните од својот ментален склоп.
Европа бара владеење на правото, така што истата таа Европа во која сите се колнат е таа што бара од македонските судови да постапуваат по сите предмети, вклучувајќи ги и тие за воени злосторства. За Брисел ништо не е застарено, ништо не е ставено ад акта, прекуглава му е од некакви правни иновации, автентични толкувања и слични неправни глупости, кои само нашиве политичари можат да ги измислат за да зачуваат некаква коалиција. Тоа веќе не поминува. Ако има владеење на правото, ќе го има за сите!