Од реалната ситуација со реформите на изборниот систем може да се дојде до констатацијата дека, всушност – никој не ги прашува граѓаните како сакаат да го користат своето избирачко право. Политичките чинители декларативно поддржуваат дека граѓаните треба да имаат најдемократски модел на избори, да избираат според личните квалитети на кандидатот… Но не сега, на претстојните избори, туку некој другпат, кога ќе им одговара на партиите. Засега, и во иницијативите за менување на Изборниот законик се огледуваат слабостите на македонската демократија!
Партиите, па и институциите во Македонија веќе зборуваат, дејствуваат, се однесуваат како изборите, претседателски и парламентарни, на 24 април и на 8 мај, да ќе се случат утре, а не по два месеца. Всушност разликата се забележува според тоа што наместо да настапи молк во предизборниот ден, малите вербални политички „пресметки“, секој ден стануваат поголеми, почести и подиректни. А и официјалната изборна кампања не е ниту започната, големите партии сѐ уште ја одржуваат „неизвесноста“ и тактизираат со објавување во јавноста на имињата на нивните кандидати, па дури ниту Изборниот законик, преработен според препораките на ОБСЕ/ОДИХР не може да биде изгласан во Собранието. Навистина, во Собранието сѐ уште се „комотни“ околу изгласувањето на измените на Изборниот законик, зашто се проценува дека тоа може да се направи и во последен момент. Наводно, имплементираните препораки на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик не се спорни за никого од пратениците, но она што ги загрижува се некои клучни забелешки околу начинот на финансирање на партиите и медиумската кампања. Се чини дека на ниту една партија не ѝ е по волја да се откаже од буџетското финансирање на предизборните активности, но претседателот на Собранието очекува од пратеничките групи да дадат предлог за измени на Изборниот законик, барем таму каде што имаат консензус.
Сепак, колку и да се одржува „неизвесноста“ и за овие измени на Изборниот законик, тие се мошне далеку од суштинските реформи на изборниот систем што се очекуваа и најавуваа од два парламентарни состава. Темата за реформи на изборниот систем се отвори по парламентарните избори во 2016 година, како потреба за демократизација. Уште тогаш како најадекватен беше промовиран изборниот модел на една изборна единица со отворени партиски листи. Во текот на изминативе седум-осум години и повремените отворања на темата за реформа на изборниот систем, некако „спонтано“ почна да се премолчуваат „отворените листи“, како прекомплицирани за степенот на изборна едуцираност на македонскиот електорат, па дебатата и иницијативите главно се сведоа на „една изборна единица“. Малите парламентарни партии поднесоа и предлог-закон во Собранието за измени и дополнувањата на Изборниот законик со кој се предвидува воведување една изборна единица, но отворените листи сепак ги изоставија од предлогот за некои „посреќни времиња“. Политичката реалност, пак, покажа дека нема вистинско расположение ниту за толку редуцираната иницијатива за реформа да изборниот систем, само до степен на една изборна единица. Некои од партиите предлагачи, кои беа дел од владината коалиција, дури и излегоа од коалицискиот формат, а една од причините беше токму постојаното одложување и одолжување на расправата за една изборна единица. Големите партии, и од власта и од опозицијата, формално ѝ даваа поддршка на иницијативата, односно предлог-законот за една изборна единица, но се чини дека им одговараше противењето на ДУИ за овој предложен изборен модел, па и по два изборни циклуса практично нема напредок во реформата на изборниот модел. Па и на претстојните избори, граѓаните ќе треба да ги избираат своите претставници во Собранието според моделот на шест изборни единици, со пропорционален систем на пресметка на гласовите за еден изборен мандат, кој експертите го проценуваат како застарен, надживеан и несоодветен за реалниот политички момент во Македонија.
Сепак, познавачите на изборната материја, за Македонија, со реалната слика на политичките и изборните параметри, и понатаму сметаат дека најсоодветен изборен модел е една изборна единица, со отворени листи на предложените кандидати.
Отворените листи претставуваат повисок степен на демократизација на изборниот процес. На реален план, тоа значи дека е овозможено кандидатите на изборните листи да бидат препознаени од електоратот како личности: според нивните особини, компетентност, досегашни искуства и заложби, по своите знаење и вештини, креативност и бескомпромисна борба за поширокиот граѓански интерес, а не за теснопартискиот. Кандидати што непосредно ќе одговараат и ќе бидат одговорни пред својот електорат, а не пред партискиот лидер, кој во мала тесна партиска група ги поставил на кандидатските изборни листи.
Покрај една изборна единица и отворените листи, за целосна реформа на изборниот систем, експертите наведуваат дека може да се размислува и за промена на формулата за определување количници од изборните резултати. Се укажува дека во изборната теорија постојат седум формули за определување количници од изборните резултати.
Но, сепак, засега на теоретско ниво останува да функционира принципот дека избирачкото право што извира од Уставот е право на граѓаните, кое може да го користат активно (преку правото за бидат избирани) или пасивно (да избираат).
А Уставот не кажува дека е право на партиите или на коалициите да поставуваат услови за начините на исполнување на избирачкото право. Па од реалната ситуација со реформите на изборниот систем може да се дојде до констатацијата дека, всушност – никој не ги прашува граѓаните како сакаат да го користат своето избирачко право. За модалитетите на практикување на избирачкото право не е потребен партиски консензус, туку општ консензус до кој ќе се дојде преку поширока јавна расправа, за да се види што сакаат граѓаните. Политичките чинители декларативно поддржуваат дека граѓаните треба да имаат најдемократски модел на избори, да избираат според личните квалитети на кандидатот… Но не сега, на претстојните избори, туку некој другпат, кога ќе им одговара на партиите. Засега, и во иницијативите за менување на Изборниот законик се огледуваат слабостите на македонската демократија!