Од осамостојувањето до денес, Македонија, како млада демократија, има направено неколку екскурзии, да не речеме дипломатски гафови, кои подоцна многу скапо ја чинеа државата. Можеби сето тоа се должеше на дипломатското неискуство, на лоша процена, можеби и на незнаење, но, во секој случај, последиците од таквите потези потоа длабоко се одразуваат врз позициите и насоката во која се движи државата.
Најеклатантен пример од минатото за една таква екскурзија беше признавањето на Тајван заради фамозната милијарда долари, која македонските граѓани никогаш не ја видоа, но на своја кожа ги почувствуваа последиците од овој потег.
Имено, таквиот дипломатски преседан уште тогаш остави лош впечаток за Македонија, а потоа доведе и до прекин на односите со НР Кина, една од трите постојани членки на Советот за безбедност што ја признаа Македонија под нејзиното уставно име. Набрзо истиот тој Совет за безбедност донесе одлука за прекинување на мировната мисија на ОН во Македонија, попозната како УНПРЕДЕП, која имаше задача да ја чува и набљудува границата кон Србија и Косово, за да се спречи прелевање на конфликтите. Кога „сините шлемови“ се повлекоа, северната граница остана незаштитена и се случи воениот конфликт во 2001 година, кога земјава беше нападната од терористички групи што влегоа од Косово токму преку незаштитената граница. Наметнатиот оружен конфликт во 2001 година потоа државата скапо го плати, а последиците од овие немили случувања се чувствуваа со години потоа.
Македонија беше принудена да ги обнови дипломатските односи со НР Кина во екот на воениот конфликт во 2001 година, откако безбедносната штета што беше направена веќе го загрози опстанокот на државата. Сите настани што следуваа подоцна целосно ја променија личната карта на Македонија, која сега е веќе национално непрепознатлива и обезличена во однос на времето кога ја прогласи својата независност.
И како оваа лекција да не беше доволна, во последно време македонските политичари повторно си играат со оган, давајќи непримерни изјави и кон Русија, уште една постојана членка на Советот за безбедност на ОН. Непримерните дипломатски изјави од македонска страна претходно ја одвратија Русија од намерата да овозможи изградба на делница од гасоводот „Јужен тек“ низ земјава, со што Македонија само од транзитот на гасот ќе заработуваше огромни суми девизи, а, згора на тоа, долгорочно ќе го решеше проблемот со стабилно снабдување со гас. Додека ние истрчувавме со изјави дека не сакаме руско влијание тука, една Германија почна да си гради посебен гасовод со Русија, а исто така и Турција, Бугарија, Србија и Унгарија добро се офајдија од новиот гасовод, така што Македонија единствена остана со празни раце. Земјава поради одредени потези остана и без руските вакцини уште на почетокот од пандемијата, со кои можеше да се спасат многу животи. И додека ние чекавме помош од Европа за вакцини, која стигна многу доцна, многу други држави веднаш набавија руски вакцини и на тој начин го ублажија стравотниот удар од пандемијата и ковид-19.
Најновата реторика што доаѓа од македонска страна и се однесува на водењето на надворешната политика покажува дека или досега ништо не сме научиле од сопствените грешки или, пак, одиме со главата во ѕид, исклучиво на сопствена штета, која овој пат може да биде уште поголема.
Македонското инволвирање во руско-украинските недоразбирања и заземање страна во време кога сите повикуваат на мирна разврска, на дијалог, е повеќе од обична дипломатска екскурзија, тоа во овој случај повеќе личи на камикаѕе-акција, каде што се знае како завршува секој што ја презема.
Постои еден виц, кој веројатно многумина го знаат, но би бил приближно најсоодветна илустрација за изјавите што некои од македонските политичари ги даваат во врска со тензичните руско-украински односи. Имено, додека еден голем слон си лежел задреман во ладовината под крошните на дрвјата, врз него се накачиле еден куп мравки за да го видат светот од високо.
Во еден момент слонот се подразбудил, станал, и сите мравки испопаѓале наоколу. Сите освен една. Кога тоа го забележале другите мравки, во еден глас почнале да викаат „Мравко, задави го!“, шеговито храбрејќи ја пустата мравка да се справи со разбудениот слон. Во тој контекст многу поголеми и посилни држави од Македонија избегнуваат да се мешаат и да навлегуваат во односите и релациите меѓу засегнатите страни во некој конфликт, конкретно во односите меѓу Русија и Украина, туку дипломатски повикуваат да се бара разврска преку дијалог и со дипломатски методи. Токму така треба да постапува и Македонија, без да избрзува и да се истрчува со изјава за испраќање своја војска, односно заземање нечија страна. Тајванската екскурзија и редица други потоа се сосема доволна поука.
Она што треба добро да го знае секој политичар во земјава е дека дипломатските ракавици никогаш не смеат да се заменуваат со боксерски ракавици, особено ако ние сме во суперлесната категорија, а сакаме да се боксуваме со супертешкаши.
Македонија има изградено пријателски односи и со Русија и со Украина и со години има утврдени стратегиски позиции како ќе ги негува односите кон овој блок земји. Тие позиции не смее никој да ги нарушува, најмалку од причини да му се додворува некому.
Прво и основно од што треба да се тргне е нашиот национален интерес, кој секогаш треба да биде ориентиран во насока на соработка со сите врз рамноправна основа и врз меѓусебно почитување и разбирање. Во време кога сите земји даваат изјави со кои повикуваат на смирување на тензиите, но и свесни за фактот дека никој не сака конфликт со големите играчи на светската сцена, не е пожелно ние да постапуваме поинаку.
Можеби уште еден пример за тоа како треба да се негува надворешната политика е поранешната СФРЈ, која се држеше настрана и од Западот и од Источниот блок, секогаш со умерени изјави за конфликтите, со повици за мир, па затоа и не е за зачудување колку оваа земја беше меѓународно ценета и колку од тоа имаше бенефиција во тоа време.
Можеби некои наши политичари се млади и недоволно искусни и мораат да научат дека нечија наклонетост не се добива со недипломатски потези и умилкувања, туку со мудра и конзистентна политика на непристрасност и немешање во ничии работи и конфликти, секогаш со повици за дијалог и наоѓање заемно прифатливи решенија.
Таквата позиција е неопходна бидејќи македонските политичари секогаш мораат да го имаат државниот интерес во прв план и ништо друго. Негувањето добри односи со сите земји мора да биде приоритет, бидејќи тоа ја отвора вратата за соработка, од што бенефиција има земјата, но и нејзините граѓани. На тој начин Македонија го гради и својот углед, се етаблира како мала, правдољубива и мирољубива земја, која сака да гради добри односи со сите, без исклучоци, наместо да прави екскурзии по кои единствено што останува потоа се само лоши искуства. И превисоко платената цена за тоа.