Денот на шегата е секојдневие за македонските граѓани

За шегата се вели дека е забава, но и одбранбен механизам во непријатни ситуации, како и дека го намалува стресот за време на непожелните настани, како што се расправиите или несогласувањата. Честопати шегувањето им овозможува на луѓето да се соочат со своите внатрешни стравови, но и да ги изразат своите мисли и чувства на еден послободен начин во секојдневниот говор

Денеска е 1 Април, Денот на шегата, оттука правилно е нашиот текст да го започнеме со една шеговита приказна. Постојат многубројни шеги, а ние би се задржале на шеговитата приказна за дрварот и градските магариња. Некој дрвар собрал десет градски магариња и тргнал да оди по дрва. Кога ги потерал магарињата пред себе, ги избројал – биле десет. Подоцна по патот јавнал на едно магаре, а другите ги терал пред себе. Потоа пак почнал да пребројува за да провери дали се точно десет. Ги броел, ги пребројувал, му излегувале девет, зашто тоа што го јавал не го броел. Почнал да се грижи, мислејќи дека пуштил едното по патот да му се загуби! Се потресол сиромавиот човек каде му се изгубило едното магаре. Слегол да го бара. Откако слегол, пак ги пребројал и му излегле токму десет. Му дошла душата на место оти едното магаре се нашло, па пак јавнал на едно од нив, а другите ги терал пред себе. Откако јавнал пак, си рекол да ги преброи уште еднаш. Брои, брои, пак едно му излегува помалку – девет магариња! Пак слегол и почнал да ги брои. Му излегуваат точно. Така тој направил неколкупати, качи се, преброј ги – излегуваат девет. Слези, преброј ги, му излегуваат десет, никако не му текнувало да го брои и магарето што го јавал. Дури најпосле одвај му текнало, па си рекол: „Туф, магаре јавај, магаре барај!“

Но што всушност претставува шегувањето? За шегата се вели дека е забава, но и одбранбен механизам во непријатни ситуации, како и дека го намалува стресот за време на непожелните настани, како што се расправиите или несогласувањата. Честопати шегувањето им овозможува на луѓето да се соочат со своите внатрешни стравови, но и да ги изразат своите мисли и чувства на еден послободен начин во секојдневниот говор. Од друга страна, за шегаџиите се вели дека се личности што кажуваат практични шеги, честопати на сметка на другите. Шегаџијата може да биде личност од секаков ков, дури и политичар, некој можеби нема да верува во напишаното, меѓутоа постојат многубројни примери што го потврдуваат напишаното. Совршен пример дека и политичарите знаат да се „шегуваат“ се јужноафриканските политичари. По еднонеделните протести на незадоволните граѓани, во април 2019 година, поради недостигот од станови и ширењето на наркотиците, јужноафриканскиот претседателот Сирил Рамафоса им вети на граѓаните дека јужноафриканската влада ќе изгради еден милион нови куќи во текот на пет години. Слично се „шегуваше“ и поранешниот јужноафрикански претседател Џејкоб Зума, кога на националните избори во 2014 година вети шест милиони нови работни места и пет милиони нови куќи, како и бесплатно високо образование за сиромашните и за студентите од работничката класа.
Некои политичарите си дозволуваат и да се шегуваат пред одредени политички избори, а нивните шеги да се насочени кон сиромашните, очајните или неписмените гласачи (?!), меѓутоа овие „шеги“ не се во интерес на општеството, државата или нацијата. Во некои општества ваквиот вид на „шегување“ со граѓаните е незаконско, бидејќи ги поткопува кредибилитетот, легитимитетот и довербата во изборниот систем на општеството. Затоа американскиот Врховен суд во 1964 година одлучи дека намерниот лажен говор на политичарите нема да ужива уставна заштита во Соединетите Американски Држави, затоа што „употребата на познатата лага, како алатка, е во спротивност со премисите на демократското владеење и со уредниот начин на кој треба да се извршат економски, социјални или политички промени“.

Светската практика покажува дека политичките шегувања олицетворени во лажните ветувања ги нарушуваат етиката и чесноста, како и дека ги поткопуваат самото политичко гласање и јавната дебата, бидејќи политичките ветувања се засноваат на невистини.
Каде сме ние како општество и нација во оваа приказна? Македонија не го одбележува априлилили еднаш во годината, напротив, денот на шегата е секојдневие за македонските граѓани. Три децении политичарите постојано се „шегуваат“ со народот и не постои правен регрес за политичка одговорност за нивното шегување, освен да не се гласа за таквите политички лидери и партии. Се вели дека ѓаволот ја однел шегата, но работата е сериозна. Оттука македонските политички лидери и партии треба да се насочат кон реални ветувања, како што е борбата против корупцијата или нови работни места, а не како шегите дека платите ќе продолжат да растат до 120.000 денари или дека за три години ќе влеземе во Европската Унија.