Напишаното во понудената преговарачка рамка или таканаречен француски предлог е дијаметрално различно и во крајна спротивност со претходно консензуално донесените заклучоци на Собранието преточени во собраниската резолуција. Оттука евентуалното прифаќање на предлог-преговарачката рамка, односно францускиот предлог, ги става пратениците во ситуација да ги погазат сопствените одлуки, што би значело самонегација и самопоништување. Тоа, пак, би претставувало само уште еден чекор во намерите за разнебитување на македонскиот народ и разградување на државата
Пред одржувањето на денешната пленарна седница на Собранието, на која пратениците треба да се произнесат за содржината на предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, или т.н. француски предлог, во јавноста веќе проциркулира веста дека ќе има мнозинство што ќе го прифати предлогот и ќе ѝ препорача на Владата да ја пренесе согласноста до Брисел. За да се додаде „свечен тон“ на одлуката на македонското собрание, најавени се посета и обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Привидот што треба да се создаде за „идилата“ што ЕУ ѝ ја нуди на Македонија со т.н. француски предлог, сепак е оневозможен од фактот што повеќе од десетина дена пред македонските институции (меѓу кои и Собранието) се случуваат масовни протести, каде што граѓаните го искажуваат својот револт кон односниот предлог за почеток на преговорите, нарекувајќи го – ултиматум.
Контроверзната содржина на предлогот на преговарачката рамка, првично претставена од францускиот претседател Макрон, на самитот на ЕУ во Брисел, предизвикува револтирани реакции во македонската јавност, особено откако првично одбиен како неприфатлив од премиерот Ковачевски, по една седмица и по наводни корекции од француското претседателство, подоцна беше прогласен за прифатлив од страна на македонските власти и државниот врв. Причината за револтот на мнозинството македонски граѓани (според анкетите, повеќе од 70 отсто се против францускиот предлог) е што во него, некаде директно, а во голема мера посредно (преку поврзување со протоколот за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија), всушност се релативизираат (речиси потиснуваат) Копенхашките критериуми за проширување на Унијата и македонскиот процес на преговори за членство во ЕУ, практично се сведува на исполнување на бугарските барања за: ревизија на македонската историја, бугаризирање на македонскиот национален идентитет, сведување на македонскиот јазик на бугарски дијалект, па дури и дозвола за контрола од Бугарија за процесите и слободата на говорот во македонското општество – преку формулацијата „спречување говор на омраза“.
Наспроти препознавањето од поголемиот дел на македонската јавност на стапиците за бугаризација во предложената преговарачка рамка, аргументите на оној дел за кои таа е прифатлива се бараат во релативизација на значењето на фамозниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство со Бугарија, како технички документ што не е поврзан со документите од т.н. француски предлог, за кои денес треба да се расправа во Собранието и да се достават заклучоци до Владата. Но она што е од суштествено значење и треба да се нагласи е стапицата во која може да западне самото собрание и на некој начин со тоа да се негира и самопоништи себеси, односно своите претходно донесени одлуки и резолуции. Имено, напишаното во понудената преговарачка рамка или таканаречен француски предлог е дијаметрално различен и во крајна спротивност со претходно консензуално донесените заклучоци на Собранието преточени во собраниската резолуција. Оттука евентуалното прифаќање на предлог-преговарачката рамка, односно францускиот предлог, ги става пратениците во ситуација да ги погазат сопствените одлуки и на самонегација на сопствениот политички интегритет. Имено, истиот парламентарен состав, кој денеска треба да расправа и одлучува за прифатливоста на францускиот предлог, пред извесно време со речиси акламативно мнозинство (95 пратеници) ја изгласа резолуцијата. Со таа резолуција како македонски црвени линии беа наведени: неотстапување од научните позиции за автентичноста на македонскиот јазик, почитување на легитимитетот на македонскиот национален идентитет и да не се дозволи никакво ексклузивно присвојување на „споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори“, односно зацртување позиција на самостоен историски континуитет на Македонија и Македонците.
Оттаму спинерско-експертските настојувањата за докажување на зачуваноста на македонскиот национален идентитет и признавањето на македонскиот јазик во предлог-преговарачката рамка, потпомогната со поздравни писма и посети како израз на „разбирање за македонската загриженост за сопствениот идентитет и јазик“ од европските лидери, македонската јавност сепак ги доживува како намамување во уште една стапица за разнебитување на националниот идентитет, но и загрозување на државниот суверенитет на Македонија. Но признанието на европските лидери за нивните изневерени ветувања спрема Македонија, по жртвите што ги направи со Преспанскиот договор со Грција, гарнирано со директното обраќање „Македонки и Македонци“ и зачинето со воскликот „ве сакаме во ЕУ“, сепак не дава никакви гаранции за отстранување на блокадите и ветата од Бугарија (и другите земји-членки) дури и за отворање на преговарачкиот процес. Дури и сосема иронично и покрај редовните забелешки на Европската комисија за слабите и некредибилни институции во Македонија, денеска претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен, доаѓа во македонското собрание да ја искористи таквата „институционална слабост“ за прифаќање на преговарачката рамка со ЕУ, која граѓаните во земјата ја доживуваат како закана и загрозување за македонскиот национален идентитет, јазик, но и за сопствената сувереност во државата Македонија.
Конечно, пратениците што треба да одлучуваат за прифаќање на предлогот, секогаш првично треба да имаат предвид дека се претставници во Собранието на македонските граѓани, а не на некои европски емисари. Затоа за народните избраници пресудна и од најголемо значење треба да биде волјата на македонските граѓани, кои во согласност со сите анкети и истражувања се категорично против прифаќање на францускиот предлог.
Пратениците во македонското собрание треба да го штитат интересот на македонските граѓани, пред геополитичките интереси на оние што „нѐ сакаат во нивниот клуб“, ама по цена на себеодрекување. А македонските граѓани, од денот на обзнанување на „ревидираниот“ француски предлог, гласно извикуваат – „Ултиматум – не, благодарам“! Конечно мора да се слушне и гласот на граѓаните и македонскиот народ, кој единствено има право да одлучува за судбината и иднината на својата држава.