За жал, одредени држави наши соседи, кои, патем, се и членки на ЕУ, како да застанале во тоа време, пред десетина века, во времето на моравскиот кнез Ростислав. Па, така, денес се оспоруваат универзалните вредности на човештвото, се негираат и оспоруваат идентитетските обележја на еден вековен народ, како македонскиот, се оспоруваат македонскиот јазик, историја, идентитет итн. Оние на кои некогаш сме им дале писменост, сега ги оспоруваат нашиот јазик и посебност. Тоа никако не смее да помине
Денот на сесловенските (и македонски) просветители Св Кирил и Методиј, кој уште се нарекува и ден на писменоста и се празнува на 24 мај, е повод да се потсетиме на нивната историска улога и значење, но ставени во контекст и на актуелните состојби и случувања на домашен и поширок план. Иако живееле и твореле пред многу векови, се чини дека упорноста, пожртвуваноста, визионерството и далековидоста на светите браќа, за жал, денес веќе ги нема, и покрај огромниот напредок на човештвото и технологијата.
Светите Кирил и Методиј се едни од најважните личности во словенската, а со тоа и во македонската и во европската историја. Тие успеале со своите мисии да го возвишат словенскиот јазик, создавајќи ја глаголицата како писмо. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Во таа насока нивната мисија е од огромна важност за сиот словенски свет, како основоположници на словенската писменост и литература, а неоспорни се и универзалните вредности на нивното дело. За жал, одредени држави наши соседи, кои, патем, се и членки на ЕУ, како да застанале во тоа време, пред десетина века, во времето на моравскиот кнез Ростислав. Па, така, денес се оспоруваат универзалните вредности на човештвото, се негираат и оспоруваат идентитетските обележја на еден вековен народ, како македонскиот, се оспоруваат македонскиот јазик, историја, идентитет итн. Да биде парадоксот поголем, оние на кои некогаш сме им ја дале писменоста, сега ги оспоруваат нашиот јазик и посебност.
Во една пригода, големиот Глигор Прличев, осврнувајќи се на епохалната мисија на Св. Кирил и Методиј, има изразено надеж дека школите „ќе произведат уште многу Кириловци и Методиевци, кои ќе бидат светила на нашите училишта, ќе бидат благолепие на нашите цркви, ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име.“
А имаме ли такви денес?! Ликови што ќе бидат светила во општеството, столбови на верата и заштитници што ќе ги прославуваат македонското име и идентитет.
Секако дека има. Сите овие карактеристики може да ги воочите и препознаете кај куп македонски интелектуалци, академици, свештеници, новинари, бизнисмени и, секако, кај граѓаните. Но, за жал, кај ретко кој од домашните политичари може да се препознаат токму вакви особини. Или, со други зборови, македонските политичари воопшто не ги демонстрираат упорноста, визионерството и далековидоста што ги краселе Св. Кирил и Методиј. Дури напротив, домашните политички елити практикуваат крајно попустлив однос и прифаќање на секакви уцени и притисоци што се на штета на македонските национални интереси.
Еве и неколку конкретни показатели.
Уште во тоа време, пред десетина века, Кирил на пример имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, па и Словените, на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А Сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво?“, запрашал Кирил.
Денес на отворена меѓународна сцена се оспоруваат историјата, идентитетот и јазикот на еден вековен народ, како што е македонскиот народ. Тоа никако не смее да помине премолчно.
Вчера, спроти празникот Св Кирил и Методиј, бугарски пратеници поднесоа 320 амандмана во Европскиот парламент, обидувајќи се и на тој начин да ја условат и закочат македонската евроинтеграција.
Одиме понатаму. Кирил прашува не грее ли сонцето еднакво за сите? За Македонците од Бугарија, Грција и Албанија повеќе од очигледно е дека воопшто не грее сонце. Тие одамна се потонати во мрак и безнадежност и препуштени сами на себе. На очиглед на целиот свет и спротивно на многубројните пресудите на Меѓународниот суд за човекови права против Бугарија.
И ова никако не смее да се премолчува. Притоа македонските политичари немаат мандат ниту право да се откажат од грижата за своите граѓани што живеат надвор од границите на државата, зашто тие се дел од македонското национално ткиво. Македонскиот народ и македонскиот јазик имаат докажан временски и просторен континуитет. Откажувањето на македонската држава од сопственото малцинство во околните држави, како и од македонскиот јазик што се говори надвор од границите на државата, може да доведе до исчезнување на македонската нација и во сопствената држава. Токму на такви процеси сме сведоци и денес, што никако не смее да се дозволи.
Уште неколку збора за универзалните вредности, за кои своевремено се залагале и Св Кирил и Методиј, а кои подоцна станале дел и од меѓународниот поредок.
Во Повелбата на ОН, Европската конвенција за човекови права и во куп други меѓународни документи и акти се нотирани универзалните придобивки, меѓу кои и правото на самоопределување и себеидентификација.
Македонија, под притисок однадвор и со сомнителни политикантски игри однатре, беше принудена да се откаже од овие универзални човекови придобивки и да го смени своето вековно име. Сега сме изложени на нови притисоци за промена на Уставот, со цел ново деноминирање на македонскиот народ и држава. Зарем ќе дозволиме и ова да помине? Наводно во име на некакви европски вредности, а на директна штета на македонските национални интереси. Неправото не може да произведе право, а газењето на универзалните човекови придобивки не може да се претставува како некаква европска вредност.
Па, за каква писменост говориме, по повод Денот на писменоста, ако домашните политички елити се прават дотолку „неписмени“ или глуви да не можат да го слушнат гласот на својот народ, кој во низа последователни анкети во големо мнозинство се изјаснува дека е против уставните измени и внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Зошто упорно се турка овој проект кога македонскиот народ е категорично против?
И уште еден пример за удирање со глава во ѕид, спротивно и на домашното право и на меѓународната практика.
Намерата за воведување 60-часовна работна недела, која, патем, е спротивна и на меѓународната практика, каде што има тенденција на намалување на работната недела на 30 часа, веќе еднаш беше отфрлена од Уставниот суд. Но, и покрај тоа, пак се предлага истата законска измена. Дали станува збор за „правна неписменост“ на предлагачите на законските измени, терање политички инает, демонстрирање надмоќ на законодавната и извршната над судската власт или можеби некакви политички и коруптивни интереси?
За што и да станува збор, крајно е штетно, кусогледо и фатално за граѓаните и за државата.
Затоа не треба да се дозволи да помине, ниту да остане премолчено.
На крајот, нека ни е честит Денот на сесловенските просветители и очекуваме во иднина многу повеќе писменост на политичката сцена и многу повеќе сенс за интересите на граѓаните и државата, наместо како досега за интересите на поединци или на партиите.