Повеќето од експертите по трудово право сметаат дека форсирањето на работниците да работат прекувремено е погрешен концепт, бидејќи не само што работниците стануваат уморни и склони кон грешки и повреди туку нивното незадоволство ја урива продуктивноста
Под мотото „Работниците се државата“ вчера на Денот на трудот – 1 Мај, се одржа масовен првомајски протест во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија. Од протестот беа упатени моќни пораки, како што велат работниците, до нивните социјални партнери – работодавачите и носителите на законодавната и извршната власт, од кои се бара да покажат многу повеќе слух за вистинските проблеми со кои секојдневно се соочуваат работниците.
И навистина гласот на работниците овој пат мора да се слушне, зашто нивните укажувања и барања се повеќе од легитимни и оправдани. Македонските работници, повеќе од кога и да е претходно, се исправени пред предизвикот одново да се изборат за веќе одамна изборени и стекнати права.
Па така, додека Европа и светот со брзи чекори грабаат напред, се најавуваат амбициозни проекти за изградба на база на Месечината и град на Марс, во Македонија како да се враќаме 137 години назад во минатото по прашањето на работничките права.
Уште во 1886 година во Чикаго е одржан првиот штрајк за воведување осумчасовен работен ден, а денес, во Македонија се протестира во однос на истото ова барање. Просто незамисливо и недозволиво е работниците и синдикатите во Македонија да се борат за зачувување на цивилизациска придобивка стекната уште пред 137 години, која сега некој сака да им ја одземе.
Во таа насока синдикалните стравувања за уназадување на работничките права се сосема оправдани по најавите за воведување 60-часовна работна недела, односно дванаесетчасовен работен ден.
Од друга страна, сите досегашни истражувања и анализи покажуваат дека повредите на работа и професионалните болести се зголемуваат со зголемувањето на работното време на работниците. Во Европа веќе постојат одредени иницијативи и тенденција за намалување на работното време што покажало и одлични резултати. Во Франција, на пример, синдикатите уште одамна се изборија за седумчасовно работно време, а слични реформи со колективно преговарање се спроведени и во други земји од ЕУ, како Германија на пример. Во ваквите европски предлози и анализи често се споменува и шестчасовен работен ден, односно 30 часа неделно. А кај нас, пак, контра ЕУ, се споменува 60-часовна работна недела. Да работиме, ем двојно повеќе од Европејците ем за неколкукратно помали плати?! Па каде го има тоа? Или можеби некој си замислува дека македонските работници се модерни робови или некаков прототип на роботи?
Повеќето од експертите по трудово право сметаат дека форсирањето на работниците да работат прекувремено е погрешен концепт, бидејќи не само што стануваат уморни и склони кон грешки и повреди туку нивното незадоволство ја урива продуктивноста.
Охрабрувачки се најавите на надлежните институции и органи во Македонија дека почитувањето на работничките права и вреднувањето на трудот на работниците се нивен приоритет и одговорност. Токму во таква конотација беа и вчерашните честитки на политичарите до работниците по повод 1 Мај. Но тоа, секако, мора да се покаже и на дело и да не остане само на зборови.
Пред петнаесетина години, празникот на трудот се одбележуваше со два неработни дена на 1 и 2 мај. Втори мај веќе одамна не се празнува. На некој начин овој датум како да остана само синоним на постојаното кратење и посегање по работничките права. Денес работниците го имаат само уште 1 Мај. Да го искажат својот став, да ги одбранат своите права и со тоа да ги одбранат и Уставот и државата. Ќе има ли кој да ги сослуша?
Државата и работодавачите да покажат дека навистина се грижат за работниците и за унапредувањето на нивните права. Во таа насока приоритетна активност во следниот период мора да биде донесување на новиот закон за работни односи, како основен фундаментален закон за работничките права, во кој треба да бидат инкорпорирани европските и светските трудови стандарди.
Само така ќе покажеме и докажеме дека не сме скршнале ниту за милиметар од нашата стратегиска одредница кон ЕУ и дека нема да дозволиме никакви експериментирања во делот на работничките права. Во следниот период мора поголемо внимание да се посвети и на зајакнување на капацитетите на надзорните органи што вршат инспекциски надзор на спроведувањето на трудовото право. Зашто многу често во минатото имавме случаи на непочитување на одредбите на трудовото право, неадекватни услови за работа во одредени сектори, непреземање мерки за заштита при работа и слично. Не случајно се вели дека човечкиот потенцијал е најважен ресурс на државата и токму таа мора максимално да се грижи за овој свој најважен ресурс.
А дека досега не беше баш така покажуваат статистичките показатели, според кои, во текот на 2022 година во Сојузот на синдикатите на Македонија се евидентирани вкупно 40.254 поплаки за работници, по разни основи, во однос на каква било повреда на правата од работен однос.
Според последните податоци од Управата за јавни приходи (УЈП), речиси 20.000 работници од 12.000 фирми во Македонија сѐ уште не добиле плата за февруари и за март.
Сите овие факти се уште една темна дамка во однос на (не)почитувањето на работничките права. Она што особено деновиве ги иритираше работниците и пошироката јавност во државата е покачувањето на функционерските плати за 78 отсто или по 2.000 денари дневно.
Така, речиси прекуноќ, од овој месец функционерите ќе земаат и до 1.000 евра повисока плата од претходно, додека работниците не можат да се изборат ниту за минимално зголемување од 2.000 денари месечно. Оправдан е револтот кај работниците, кои прашуваат со што политичарите и функционерите ги заслужиле ваквите огромни плати. Дали со тоа што некои од нив играат фудбал и кошарка во своите канцеларии во текот на работното време?
Вреднувањето на работничкиот труд мора да се искачи повисоко на скалилата во општеството и личниот доход да не биде само за голо преживување туку да овозможи пристоен живот за работниците. Пред петнаесетина години, празникот на трудот се одбележуваше со два неработни дена на 1 и 2 мај.
Вториот ден најчесто се одеше некаде на пикник и со скара и добро друштво се одбележуваше празникот. Втори мај веќе одамна не се празнува. На некој начин и овој датум како да остана само синоним на постојаното кратење и посегање по работничките права.
Денес работниците го имаат само уште 1 Мај. Да го искажат својот став, да ги одбранат своите права и со тоа, на некој начин, да ги одбранат и Уставот и државата. Ќе има ли кој да ги сослуша? Едноставно ќе мора, зошто нема друг излез. Впрочем, работниците, работодавачите и државата се меѓусебни социјални партнери. Тоа партнерство подразбира и континуиран меѓусебен дијалог за изнаоѓање применливи и оптимални решенија во интерес на сите. Тоа само по себе значи инклузија и синергија на сите фактори во интерес на развојот и напредокот на државата, но истовремено и поголема благосостојба и подобар животен стандард на работниците и граѓаните.