Враќањето од неколкудецениската хибернација на фестивалот првпат го почувствуваме кога на сцената на Античкиот театар застана славниот тенор Хозе Карерас. Оттогаш, сосема разбирливо, и очекувањата на публиката, дури и на онаа помалку пребирливата, пораснаа. Но помпезно најавуваните отворања за „обични“ настани пукаа како меур од сапуница. Овој пат се случи спротивното!
Сега, кога навистина има причина за возбуда, кога се подготвува настан за паметење, кога е повеќе од очигледно дека ќе бидеме домаќини на вонредно ексклузивен гостин, како тоа да не ни е важно. Мрзливост, затапеност или некаква чудна надменост, сѐ уште не можам да си го објаснам овој феномен. Чуден народ сме!
Сѐ уште ми е просто неверојатно колку бегло минатата недела помина информацијата дека наредниот месец во Охрид доаѓа Џон Малкович! Не само како на новинар туку и како обичен проследувач и љубител на културни настани, сѐ уште ми е чудно како беше најавен овој настан, или како практично не беше најавен во медиумите. Официјалната информација од фестивалското раководство на „Охридско лето“, срочена хронолошки, онака како што се зборувало на прес-конференцијата во Охрид, беше пренесена буквално, од збор до збор, без никаква новинарска обработка, па во најголем дел од насловите во медиумите воопшто и не се појави името на славниот Малкович.
„Охридско лето подготвено за отворањето“, „Охридско лето најави спектакуларни настани“, „Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу го отвора Охридско лето“… Вака некако во поголем дел од македонските медиуми беше пренесена веста, во која некаде на средината, само патем, беше споменато (!?) дека „големо име ќе има и во драмскиот дел од програмата“. А тоа „големо име“ е всушност славниот актер, еден од најголемите светски актери, продуцент и режисер, Џон Малкович, светска ѕвезда во секоја смисла на зборот, име од чиј калибар не само што ретко може да се најде во историјата на „Охридско лето“ (особено последниве децении) туку и воопшто на листата на гостувања на големи имиња од светската сцена во нашава државичка.
Американската филмска ѕвезда гостува на фестивалот со проектот во режија на Михаел Штурмингер, „Вечер на Џон Малкович“, во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија. И како што и раководството на „Охридско лето“, сепак, заклучува тоа е „најексклузивниот гостин што ќе се запише во листата на најголемите уметници што настапиле низ фестивалската историја на фестивалот“. Ама овој факт како да остана на маргините на вниманието на јавноста.
Се чудам како негативните информации, особено трагичните, заземаат толку голем медиумски простор, а позитивните, дури и кога се работи за едно вакво вонредно културно случување, останува таму некаде запишано, во неколку реда од новинарските извештаи, не стигнувајќи дури ни во насловите. Како да не можеме да препознаеме кога нешто е навистина посебно, интересно, необично, ретко, вредно за возбуда, не би сакала да го употребам терминот „спектакуларно“, затоа што со тој термин не само што се минимизира квалитетот туку и затоа што толку често се употребувал за настани што ни оддалеку не биле тоа. Фестивалот често го користел зборот „спектакл“ како мамка за публиката, ама тоа не секогаш успевало кај вистински едуцираната и информирана публика. Веројатно е добар маркетиншки трик, ама верната публика на „Охридско лето“ секогаш очекувала нешто повеќе, особено откако на таа иста сцена ги видела или слушнала некои од најзвучните имиња во светот на музичката класика: Зубин Мехта, Енио Мориконе, Хозе Карерас, Џеси Норман…
Е сега, кога навистина има причина за возбуда, каква што последниве дваесетина години немало во пресрет на отворањата на фестивалот, кога се подготвува настан за паметење, кога е повеќе од очигледно дека ќе бидеме домаќини на вонредно ексклузивен гостин, и тоа по многу репризни појавувања на одредени уметници на фестивалот (речиси секоја година има по неколку ансамбли или солисти што веќе биле во Охрид), како тоа да не ни е важно. Мрзливост, затапеност или некаква чудна надменост, сѐ уште не можам да си го објаснам овој феномен.
И фестивалското отворање годинава не е помалку спектакуларно, ако веќе се служиме со тој речник. Светски познатата сопранистка, Ангела Георгиу, уметницата што ги полни „Карнеги хол“, „Метрополитен“, салите во Лондон, Дубаи… доаѓа во Охрид. Во Охрид наредниот месец доаѓаат две звучни имиња што можеби се клучни за враќање барем на дел од реномето што го уживало „Охридско лето“ во 1970/1980-тите години, кои сѐ уште важат за „златни“ во неговата долга историја. Враќањето од неколкудецениската хибернација на фестивалот првпат го почувствуваме кога на сцената на Античкиот театар застана славниот тенор Хозе Карерас. Оттогаш, сосема разбирливо, и очекувањата на публиката, дури и на онаа помалку пребирливата, пораснаа. Публиката сакаше секоја година на „Охридско лето“ да чуе барем еден уметник од ваков калибар. Но помпезно најавуваните отворања за „обични“ настани пукаа како меур од сапуница. Овој пат се случи спротивното!
Чуден народ сме!