Давиде Сако и Агата Томшиќ, основачи на театарскиот фестивал „Полис“ во Равена, Италија

Сашо Огненовски

Како се роди идејата за театарскиот фестивал „Полис“?
– „Полис“ се роди во 2018 година како мал проект за територијата на која ние, „Ерос АнтЕрос“, по речиси 10 години активност како современа театарска компанија, сакавме да ги споделиме со гледачите на Равена театарските форми што ние самите ги истражувавме како уметници. Односно, современи изведбени форми што истражуваат ангажирани теми, за кои веруваме дека е важно да се споделат со луѓето, да размислуваат за општеството во кое живееме низ привилегираната призма на театарската уметност и, се надеваме, да го напуштат театарот со желба сè да се промени на подобро. Театарска уметност што е блиска до реалноста во која живееме, а со тоа и до луѓето, и преку низа партиципативни и едукативни проекти, ангажираност и развој на публиката, кои уште од првото издание го доближија театарот до младите и до сите оние луѓе што од економски или социјални причини сè уште не стапнале во него.

Кажете ни нешто за развојот на овој фестивал, дали го очекувавте она што го планиравте?
– Од 2018 година, секој мај во Равена ги носиме главните протагонисти на европската современа сцена и младите уметници во подем, тука се моментите на средби и иновативни партиципативни проекти. За само неколку години, фестивалот го зголеми четирикратно бројот на настани, до 2022 година тројно го зголеми бројот на гледачи. Во 2020 година, одговоривме на пандемиската криза со трансформирање на „Полис“ во голема меѓународна онлајн конференција со наслов „Каков театар за утре?“ со 67 уметници, професионалци и театролози од целиот свет, кои заедно размислуваа за театарот на иднината во време кога сите театри беа затворени. Во 2021 година бевме меѓу првите во Италија што повторно ги отворија театрите со високопрофилна современа програма, додека од лани нашата нова европска вокација доби големо внимание од националниот печат и голем број важни италијански и европски мрежи, како што е Европската театарска конвенција и неодамнешната поддршка на ЕФФЕА. Покрај тоа, италијанското министерство за култура ни оддаде признание со највисока оцена за уметнички квалитет во Италија, додека една наша продукција беше наградена со некои од главните италијански награди. Да бидеме искрени, кога започнавме не го очекувавме сето ова, но секогаш работевме напорно и упорно за да ги постигнеме нашите цели. Големиот успех што го добива изданието во 2023 година посветено на Балканот нè прави многу среќни и благодарни, особено на сите наши соработници што храбро нѐ следеа во нашите постојано преголеми амбиции, што можеби и доведе до толку важни резултати за толку кратко време.

Дали ваквите фестивали ќе го променат лицето на театарот и дали ангажманот на театарот значи менување на суштината на духовниот живот на луѓето околу нас?
– Од самиот почеток, утопијата што ја следиме е да го направиме театарот релевантен за општеството во кое живееме и да ја направиме имагинацијата алатка за промена на реалноста. Театарот е тоа привилегирано место каде што може да се обликува невозможното, каде што луѓето со различно потекло и искуства избираат да се соберат за да се сретнат со слика за себе и за светот што можеби сè уште не го замислиле. Сето ова го прави театарот многу моќна алатка. А современите изведувачки јазици, кои се мултимедијалните јазици на светот во кој живееме, може да ни помогнат да го вратиме театарот на основната улога што ја имал во општеството во антиката. Ова е сонот што со работата на „Ерос АнтЕрос“ од една страна и со „Полис“ од друга страна секојдневно го движиме.

Давиде, како театарски режисер, кои се вашите лични планови поврзани со сцената?
– Деновиве во театарот „Алигиери“ во Равена се случи праизведбата на нашата нова продукција насловена „Гаја“, копродукција со фестивалот „Равена“ и театарскиот фестивал „Полис“. Тоа е нов и партиципативен проект специфичен за локацијата што во својот центар го има нашиот заеднички дом, планетата Земја, а особено еколошката катастрофа предизвикана од загадувањето произведено од луѓето. Агата напиша текст за овие прашања, спојувајќи ги древните зборови на космогонијата со оние на денешните научници и климатски активисти. Станува збор за драматуршко-визуелно-музичка направа чиј центар е односот помеѓу гласот и звукот. На сцената ќе бидат Агата и група од околу 25 луѓе чувствителни на еколошки прашања со кои се среќаваме од април на две работилници. Со овој проект го добивме и повикот за предлози ЕФФЕА, Европската фестивалска асоцијација, благодарение на што ќе ја донесеме „Гаја“ кај нашите два партнера, фестивалот ФИАТ во Подгорица во септември и фестивалот MOT во Скопје во ноември. Со нетрпение го очекуваме. Работата исто така ќе биде многу визуелна, а за да избегнеме производство и транспорт на материјали, бидејќи ни претстојат овие меѓународни патувања, смисливме ефемерен сет, составен само од видео, светла и магла, што секојпат ќе ја користи архитектурата на местото што ќе биде домаќин на изведбата како заднина, оживувајќи ја заедно со музиката и телата и гласовите на Агата и локалното население.

Агата, дали вашата актерска енергија е еден вид предизвик за други проекти?
– Театарот е целиот мој живот. Исто така, поради личните избори што ги направивме Давиде и јас, не постои вистинска разлика помеѓу нашиот приватен и уметнички живот. Затоа, театарот за мене ја има оваа сеопфатна димензија, која ја вклучува не само мојата изведувачка душа туку и онаа на уметникот, творецот и драматургот, а потоа и онаа на теоретичарот, кој од поинаква перспектива размислува за делото што другите двајца, во склад со Давиде и нашите соработници, го прават секој ден. Понекогаш е чудно, бидејќи тие се три многу различни димензии, на кои се додава и онаа на уметнички директор и планер на проекти, кои во одредени моменти не можат да коегзистираат. Односно, морам да се сконцентрирам на „исклучувањето“ на критичкиот поглед врз драматургот додека глумам како актерка или да се трудам да не размислувам за продукциски проблеми додека работам како уметник. Ова е вежба за концентрација, но ми дозволува кога сакам да ги мешам патеките и да ги оставам тие да се хранат меѓу себе. Како и во сите наши проекти, кога сум на сцената секогаш се трудам да се соочам со нови стимули и цели. Да ги тестирам моите граници и да ги надминам. Затоа отсекогаш сум ја хранела својата изведувачка кариера со различни искуства, почнувајќи од современа класична музика до ориентални телесни практики, преминувајќи ги мајсторите на 20 век што ги познавам само од книгите и уметниците што ја напишаа историјата на современиот театар од 1960-тите, кои имав доволно среќа да ги запознаам лично.

Вашите планови со „Полис“ за следното издание?
– Секоја година фестивалот е посветен на одредена европската географска област, пречекувајќи уметници и компании од таа област или изведби на италијански или европски уметници што на некој начин размислуваат за тоа подрачје. Веќе можеме да објавиме дека по Франција во 2022 година и на Балканот во 2023 година, 2024 година ќе се фокусира на германското говорно подрачје.
Конкретно, на изданието за 2024 година ќе му претходи пролог во април во кој ќе биде дебито на одличната нова меѓународна копродукција на „Ерос АнтЕрос“ – театарски фестивал „Полис“ со националниот театар ЕРТ на Емилија Ромања, Словенечкиот младински театар од Љубљана и Националниот театар од Луксембург, а тоа ќе биде „Светата Јована од складиштето“ од Бертолт Брехт, претстава што ќе ја води словенечкиот култен бенд „Лајбах“, кој настапува во живо со оригинална музика, заедно со Агата и други актери од Словенија, на германски, италијански и англиски јазик, вклучувајќи четворица прекрасни актери од Младинскиот ансамбл. Претставата ќе дебитира во Болоња во април 2024 година, пред да се пресели во Равена, а потоа во ноември сигурно ќе биде во Љубљана и Луксембург, а се надеваме и во други градови. Тоа е текст што ни е драг затоа што добро објаснува како функционира финансискиот капиталистички систем и успева да биде неверојатно релевантен дури и денес, речиси 100 години откако е напишан.

Каде е италијанскиот театар на европската и на светската театарска мапа?
– Ова е комплицирано прашање. Можеби можеме да кажеме дека во Италија, за волја на вистината, театарскиот систем не е навистина чудо и дека има многу структурни проблеми. А во однос на формите, сè уште постои силна поделба меѓу традиционалниот драмски театар од една страна; политички или граѓански театар што носи силна содржина, но не работи многу на неговите форми и оние форми на современ театар поблиски до перформансот или танцот, кои носат силна политичка содржина со кратка идеја, но не ја развиваат својата идеја од драматуршка и временска гледна точка. Потоа има некои важни групи основани во раните 1980-ти и други во 1990-тите, а потоа многу различни и ретки ентитети; сите секогаш некако во тешкотии. И среде сето ова можеме да ви кажеме дека она што се обидуваме да го направиме е постојано да работиме за да ги задржиме формата и содржината на исто ниво. Она што се обидуваме да го направиме е секогаш да споделиме со луѓето некое прашање за кое сметаме дека е итно во тој момент, без да даваме готови одговори и само наше гледиште, туку поставувајќи прашања и отворајќи се за колективно размислување. За овој фокус на содржината, можеби може да се каже дека нашиот театар е ангажиран театар. Но во исто време секогаш се трудиме да одржиме високо ниво на истражување на формите на театарот, на формите на нашето создавање. И на овој начин не се вклопуваме во категориите на италијанскиот театар за кои зборувавме, додека на европската театарска сцена наоѓаме многу колеги што одат по патишта што не се толку различни од нашите.