Веќе неколку децении се соочуваме со бугарско пропагандно дејствување, кое има цел да го видоизмени минатото и да претстави дека македонскиот народ е без сопствена историја, јазик, култура, обичаи и др. Всушност, да претстави дека не е воопшто народ. Бидејќи живееме во дигитална ера и информатичко општество за оваа пропаганда не постојат граници, а совршен пример е злоупотребата на Википедија, семрежна енциклопедија со слободна содржина отворена за читање и менување. Фактите велат дека постои организирано пропагандно дејствување, и тоа на неколку јазични верзии на Википедија. Намерата на оваа активност е да се наметне бугарската „вистина“ за македонските национални особености
Пропагандата нѐ сардиса. Се внедри во секоја пора на општеството… Интелектуалните и академските кругови најчесто ја дефинираат неа како системско дејствување што манипулира со туѓите ставови или верувања и се препознава како организирано извртување и манипулација на одредени факти или аргументи. За да се постигне максимален ефект, често се комбинира и со ширење невистини, со искривување или криење на релевантните факти. Меѓутоа пропагандата може да биде и суптилна, во овој формат може да се разбере и преку дејствувањето на т.н. условена моќ кога поединецот или општеството воопшто не се свесни за оваа активност. Во оваа форма врз субјектот се дејствува за да стане кроток, попустлив и да ја одоброволи „вистината“.
Моќта на пропагандата најсликовито може да ја разбереме преку еден експеримент што има цел да утврди дали кај поединците може да се промени нивната перцепцијата за реалноста или вистината. Во споменатиот експеримент, пред субјектот е претставено табло со повеќе линии, а секоја линија има различна должина и боја. Субјектот треба да одреди која линија е најдолга. На изглед задачата е многу едноставна и субјектот лесно ја препознава најдолгата линија, која има црвена боја. Меѓутоа набргу на субјектот му се придружуваат и други субјекти што треба да ја одредат најдолгата линија. Сите тие ја посочуваат сината линија како најдолга, а првиот субјект постепено станува попустлив кон нивните искажувања и на крајот ја прифаќа „вистината“ дека сината линија е најдолга. Всушност најдолгата линија е со црвена боја, а другите учесници биле вметнати со цел да манипулираат со главниот субјект. Овој експеримент е спроведен повеќепати и секогаш главниот субјект го менувал своето видување. На крајот експеримент потврдил дека кај поединецот или групите може да се наметне лага!
Каде сме ние во оваа приказна? Веќе неколку децении се соочуваме со бугарско пропагандно дејствување, кое има цел да го видоизмени минатото и да се претстави македонскиот народ како народ без сопствена историја, јазик, култура, обичаи и др. Бидејќи живееме во дигитална ера и информатичко општество за оваа пропаганда не постојат граници, а совршен пример е злоупотребата на Википедија, семрежна енциклопедија со слободна содржина отворена за читање и менување. Фактите велат дека постои организирано пропагандно дејствување, и тоа на неколку јазични верзии на Википедија. Намерата на оваа активност е да се наметне бугарската „вистина“ за македонските национални особености. Ова е видливо и во англиската верзија за македонскиот јазик каде што се вели дека низ историјата „македонскиот најчесто се именувал како варијанта на бугарскиот јазик“. Намерата на оваа пропагандана активност е јасна, преку искривување или криење на релевантните факти да се наметне пред светската јавност дека македонскиот народ е нераскинлив дел од бугарската нација. Но тука не завршуваат намерите на ова дејствување, всушност бугарските пропагандисти се надеваат дека со постојаното злонамерно и лажно „бомбардирање“ кај Македонците ќе се предизвика сомнеж за сопственото минато и национални особености.
Што можеме да направиме? Бидејќи ова пропагандно дејствување се обидува да ги поткопа македонските национални особености, потребна е проактивност од македонското општество, особено од институциите. Доколку конкретно говориме за содржините на Википедија, кога тие се видоизменуваат од пропагатори што се поддржани од одредени бугарски националистички и политички групации, тогаш е потребна институционална поддршка.
На организираноста не може да се спротивставиме со поединечни активности, потребна е поддршката од македонската академска фела, како и помасовно надоврзување на напорите на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Меѓутоа не смееме да го заборавиме и прашањето дали некој од македонската држава, влада, министерства, политички или општествени фактори реагирале на бугарските пропагандни дејства Краткиот одговор на ова прашање гласи: Не! Затоа мора да посочиме дека е несериозно кога некој се обидува да ги избрише македонските национални особености, а државата и институции се пасивни и неми набљудувачи. Македонија како матична држава на македонскиот народ е должна да изнајде начин и средства за заштита на македонските национални особености, а не како досега „кучињата лаат карванот си врви“.
Што се однесува до бугарското пропагандно дејствување, ќе завршиме со зборовите на Петар Поп Арсов, кој вели: „Егзархијата дава пари и купува ветер зашто народноста со пари не се купува – тоа е такво деликатно нешто, кое штом сети дека го пазариш изветрува“.