Ценовно стампедо и лов во матно

Има сознанија на надлежните органи и дека маркетите изминативе денови сами ги повлекле производите, а некои од трговците намерно ги повлекле резервите, за потоа да ги вратат со зголемени цени. Токму на оваа појава предупредија и од Министерството за економија, од каде што најавија и строги казни и санкции за несовесните трговци

И покрај ограничените маржи на трговците, претходно и ограничените цени на дел од производите, сепак трговците и понатаму ги зголемуваат цените на производите во маркетите. Дали владината мерка со која е предвидено да им се помогне на производителите и граѓаните ја искористуваат трговците, играат пазарна тактика и вештачки ги зголемуваат цените, а тоа влијае на инфлацијата и страда стандардот?
Нова мерка од Владата, која важи од 1 март до крајот на мај, е одлуката за највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени производи во трговијата на големо и мало. Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа да изнесува до 5 отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, додека кај трговијата на мало највисоката маржа треба да изнесува до 10 отсто. Оваа одлука се однесува на лебот, шеќерот, солта, брашното, сончогледовото масло, трајното млеко, свежото месо и сувомесните производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата и овошјето и зеленчукот. Намерата е да нема зголемување на цените на производите, а наедно Владата очекува и во одредени синџири на супермаркети да има намалување на цените на основните производи. Но, сепак, трговците ги зголемија цените на одредени производи по маркетите. Тоа директно влијае на намалување на животниот стандард на граѓаните, но и на поттикнување на инфлацијата. Дали ваквото самоволно зголемување на цените е исклучиво заради профит или се потпира на некои економски и пазарни параметри засега нема објаснување, но останува впечатокот дека можеби некој, сепак, се обидува да лови во матно, на штета на граѓаните и државата.
Зошто и покрај сите досегашни мерки, инфлацијата не запира?
Испразнети рафтови во големите маркети е сликата што го дочека ставањето во сила на новата владина одлука за ограничување на трговските маржи при продажба на основни прехранбени производи.

Иако многу граѓани купувале резерви на производи, сепак, паника за купување производи меѓу граѓаните немало. Има сознанија на надлежните органи и дека маркетите изминативе денови сами ги повлекле производите, а некои од трговците намерно ги повлекле резервите, за потоа да ги вратат со зголемени цени. Токму на оваа појава предупредија и од Министерството за економија, од каде што најавија и строги казни и санкции за несовесните трговци.
Цените на прехранбените производи секојдневно растат, а само за десетина дена цените на бананите се зголемени за 8-10 денари, на лимонот за пет-седум денари, на јаболката за осум, на доматот за 14, на зелката за четири, на компирот за шест, на брашното за четири, на гравот за 17, на путерот за пет, на кашкавалот за 67, на свинското за 20-40 денари за килограм…
Од инспекторатот потврдуваат дека лебот е поскап и за пет денари и дека има најави дека ќе поскапат и други производи, но тие констатирале дека овошјето, а во некои градови и маслото за јадење засега се со пониски цени. Надлежните уште еднаш повторија дека стоковните резерви се полни и дека инфлацијата будно се следи.
Наместо со новата мерка да се спречат ценовните шокови и да се заштитат граѓаните, сепак, состојбата се доведе до игра на мачка и глушец, помеѓу Владата и трговците. Во сила е Одлуката за трговските маржи и инспекторите треба постојано да бидат на терен и да се реагира со соодветни мерки. Надлежните институции не смеат да дозволат да има зголемување на цените, не смеат да дозволат трговците да остваруваат добивка на сметка на граѓаните. Бидејќи не е време за ситни манипулации. Потребни се дополнителни контроли и мерки за спречување на негативните ефекти врз граѓаните и економијата.
Новата одлука на Владата треба да создаде поволна клима и сигурност, како за стабилност на индустријата така и за заштита од преголемо покачување или несоодветно изнудено поскапување на производите и да се тргне товарот од грбот на граѓаните. Наедно, целта на одлуката е да се зачува и домашното производство, за да не се соочиме со затворање на домашните производни капацитети, од кои некои веќе и најавија затворање.

Надлежните државни органи изминатиот период носеа серија економски мерки, како замрзнати цени и замрзнати маржи, со цел да го заштитат токму стандардот на граѓаните и да спречат инфлација. Оттаму не смее да се дозволи со ситни трговски игри и манипулации за профит да се лови во матно и да се предизвикуваат негативни ефекти врз граѓаните и економијата генерално

Зголемените цени на енергентите и храната ќе бидат значаен фактор на идната инфлација во Македонија, а голем проблем е што проблемите што ги донесе војната во Украина се надоврзаа на проблемите предизвикани од пандемијата на ковид-19 и веќе присутната инфлација во земјава.
Скокот на цените на прехранбените суровини на светските пазари и очекувањата на последиците од руско-украинската криза, кои ќе влијаат врз цените и производството на храна, би можело да се гледаат и како можност за поттик на нашето домашно производство на одредени индустриски култури. Високите цени може позитивно да стимулираат евентуално да се зголеми нашето земјоделско производство и овие земјоделци, кои ги имаме кај нас, да добијат и пофер цена за разлика од претходниот временски период.
Надлежните институции треба да ги вложат своите напори кон спроведување реформи и осмислување долгорочна стратегија и механизми за да го ублажиме ударот од инфлацијата и да се заузди ценовното стампедо.