Етичкото однесување ги допира сите општествени сфери каде што човекот има свое влијание. Етиката треба да биде присутна како широко распространета практика во секоја професија и општествена сфера. Како што ние новинарите имаме етички кодекс така има и етика на однесување кон заедниците, децата, ранливите групи, болните, природата, здравјето, медицината, науката, културните вредности, па и во сообраќајната сфера. Токму последново ми беше инспирација за мојов коментар во кој сообраќајната култура или, уште подлабоко, етиката во сообраќајот е последица на апсолутен дефицит на етика во нашето секојдневно живеење!
Како бомба одекна сообраќајната несреќа на влезот во соседна Грција, во која, возач со својот автомобил удри во српски автобус полн со туристи и предизвика катастрофа. Според информациите што беа пласирани, возачот заспал, па затоа и се удрил во автобусот. Во несреќата животот го загубија сите (четири) патници во автомобилот.
За жал, ова не е ниту прва ниту последна несреќа со фатални последици. Речиси и да нема ден, а да не се случи ваква сообраќајна катастрофа во која трагично згаснуваат животите на патниците.
И којзнае по кој пат, причините за овие несреќи се едни исти. Немањето сообраќајна култура и етика, непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, непочитувањето на препораките за безбедно возење.
На времето, и во училиште се изучувал предметот Етика. Уште од најмала возраст се учеше за моралот во сите сфери на живеењето. Навистина сме заборавиле што значи тоа? Што значи етиката во нашите човечки животи? Ајде мало потсетување. Имено, таа говори за тоа што се бара во и од животот; како сите ние постапуваме во секоја ситуација и како треба да се постапува, кои норми да ги следиме и кон кои цели треба да се насочиме. Етиката, всушност, претставува практична филозофија! Активно однесување на секој поединец во изборот како да се однесува и како да постапува во животот. Етиката е вештина за тоа како животот да се води добро и правилно. Што е добро – да се прифаќа, а лошото да се отфрла. Оттука, можеме да кажеме дека етиката има активен пристап, односно активна димензија и позитивно насочување на човековото однесување.
Така, етичкото однесување се однесува на сите општествени сфери каде што човекот има свое влијание. Етиката треба да биде присутна како широко распространета практика во секоја професија и општествена сфера. Како што ние новинарите имаме етички кодекс така има и етика на однесување кон заедниците, децата, ранливите групи, болните, природата, здравјето, медицината, науката, културните вредности, па и во сообраќајната сфера.
Добри и лоши поведенија имаме во сите сфери од општественото живеење, но секој од нас и на приватен и на професионален план треба да се раководи од општите морални принципи.
А што е во сето тоа најважно, а што сите го забораваме?!
Да, да. Токму се забораваме самите себеси! Го забораваме – човекот!
Централен субјект околу кој се вртат сите етички принципи е човекот. Тој е епицентарот, тој креира етички принципи на однесување, но тој е и субјект што ги имплементира тие принципи и вредности. За човекот што ги применува основните морални норми и принципи на добро однесување велиме дека е морален, додека за човек што ги крши основните морални норми и принципи на добро однесување велиме дека е неморален! И со оваа констатација се враќам на мојата првична инспирација за овој текст. Неморалноста на човекот во контекст на неговото учество во сообраќај! Она што секојдневно се случува во сообраќајот е апсолутно неморално!
Секој учесник во сообраќајот, независно дали е пешак, велосипедист или возач, со својот начин на размислување, движење, учествување и однесување во сообраќајот директно влијае врз тоа како ќе се одвива и колку ќе биде безбеден сообраќајот на патиштата. Поседувањето вештини за управување со возило лесно можат да се научат, исто како и тоа што можат да се научат законските правила и прописи, етиката во сообраќајот е нешто што недостига кај нас и токму затоа најголем проблем се почитувањето и примената на законските прописи.
Сообраќајната култура, сообраќајната етика е основната нишка за безбеден сообраќај. Тие се дел од личноста на човекот и претставуваат одраз на неговиот карактер и како човек и како учесник во сообраќајот, а се воспоставува уште од најраната возраст.
За жал, етиката и моралот во сообраќајот одамна ги нема. Сообраќајќи имаме секојдневно, а голем дел се со фатални последици, голема е бројката на прегазени пешаци и причина за сите тие несреќи е непочитувањето на законските норми, односно пребрзото возење.
За жал, нашата земја ја карактеризираат возачи со многу ниска сообраќајна култура и тоа е несоборлив факт што секојдневно го докажуваме.
Етиката одамна заминала од нашите манири на однесување.
Не се пропуштаат пешаци, не се пропуштаат ниту возила, напротив, сообраќајно се силуваат сите оние што возат прописно со 50 километри на час, им се свири, им се испраќаат навреди…
Ниту во градските зони ниту надвор од нив возачите немаат сообраќајна култура. На автопатиштата се вози и над препорачаните брзини, се престигнува на места каде што не е дозволено, а најлоши се кривините. Е таму е вистински сообраќаен хорор.
А летово е сосема друга приказна. За да стигнат до дестинациите каде што треба да го поминат својот годишен одмор, луѓето возат неодморени, одморот навидум го купуваат пиејќи кафиња и енергетски пијалаци. Но ништо од тие работи не го заменува сонот како најефикасен начин за безбедно возење.
Возењето во алкохолизирана состојба е уште еден горлив проблем во нашата земја. Се пие и се вози, иако тоа е строго забрането. Да не ги набројувам животозагрозувачките последици што можат да се случат како последица на возењето под дејство на алкохол.
Со етиката и сообраќајната култура се чини дека нашето општество одамна раскрстило.
И како еден од најдобрите начини за превенција е едукацијата уште од најмала возраст. Можеби и при полагање испит за возачка дозвола треба да се воведе предметот Етика, бидејќи таа е исто така важна за безбеден сообраќај.
Надлежните мора да почнат да преземаат активности на тоа поле, бидејќи суровоста во нашиот сообраќај е огромна, па оттука и хаосот што ни се случува, а цената што сите ја плаќаме се брои во човечки животи.