Бугарската влада се обидува, вршејќи своевидно политичко-економско насилство врз својот сопствен бугарски народ, да ја внесе оваа земја членка и во „европалубите“ на ЕУ-бродот „Титаник“, кој тоне сѐ повеќе! Бугарската влада се обидува со политички манипулации и махинации да ја квалификува оваа земја членка на ЕУ да влезе во еврозоната, иако на тоа се спротивставуваат барем половина од Бугарите, според некои најнови тамошни анкети на јавното мислење. Иако барем половина од Бугарите се спротивставуваат на воведувањето на еврото и на заминувањето на левот во нивната монетарна историја, стравувајќи дека ќе станат ем најсиромашна, ем најнесреќна нација и држава во Европа, сега и „помножено на квадрат“! Оваа бугарска влада, како и долга низа други влади во досегашната нивна историја, применува политичко насилство исто така и врз македонската држава и македонскиот народ, овој пат и во случајот со предлог-извештајот на Томас Вајц за Македонија, подготвен за расправа во Европскиот парламент на 24 јуни 2025 година: се прават севозможни напори да се спречи од Вајц предложеното признавање на засебниот македонски идентитет и македонски јазик, како и уште еднаш да се блокира македонскиот „евроинтегративен пат“.
Но, поконкретно, што се случува во Бугарија во овие моменти, па тоа да се пресликува како „политички рецепт за дејствување“ и во Македонија?!
„Дали Бугарија ги намали клучните државно контролирани цени, за да ги намали бројките на инфлација, за да си овозможи да се квалификува за членство во еврозоната? Намалувајќи ги цените за здравствена заштита на населението, односно со падот од 82,8 проценти на државните болнички такси, Владата на Бугарија сега е на добар пат да добие ‘зелено светло’ следниот месец за усвојување на европската единствена валута на 1 јануари 2026 година. Анти-ЕУ политичарите, кои се за Кремљ, долго време ја обвинуваат администрацијата дека ги фалсификува податоците, за да ја внесе набрзина Бугарија земјата во еврозоната, изложувајќи ја на опасност да увезува западноевропски цени“, пишува во анализата со наслов „Дали Бугарија изигра игра со своите бројки за инфлацијата, со цел да се квалификува за еврозоната?“ угледниот европски аналитички магазин „Политико“.
„Ако се погледнат податоците за инфлацијата, ќе може да се согледа дека единствената причина зошто Бугарија се квалификува за еврозоната се државно администрираните цени. Добро е познато дека статистичките податоци беа приспособени, за да покажат резултати поповолни од реалноста – особено во сектори како што се поштенските услуги, транспортот и здравствената заштита“, изјави за „Политико“ поранешен бугарски владин службеник, запознаен со вистинските податоци.
Во анализата овој европски аналитички магазин пренесува и важна констатација на д-р Стив Ханке, професор по применета економија во универзитетот „Џон Хопкинс“ од САД и економист, кој дефинира некои важни карактеристики на бугарската валута левот кон крајот на 90-тите години од минатиот век. „Постои голема веројатност дека (податоците за инфлацијата) се манипулирани. Со оглед на моето искуство како советник на претседателот на Бугарија (1997-2002) и моите набљудувања за махинациите околу апликацијата на Бугарија за формално влегување во еврозоната, не би им верувал на сегашните објавени статистички податоци за инфлацијата“, предупреди Ханке.
Цврсто „туркајќи“ ги идејата и својата намера да го замени левот со еврото, бугарското државно-политичко раководство оди против расположението на сопствениот бугарски народ, кој веќе со месеци протестира против ова политичко-економско насилство врз барем три милиони и 357 илјади Бугари. Од каде оваа констатација и оваа бројка? Доказ за тоа?
Во политичко-економската анализа со наслов „Бугарија, членка на ЕУ, се соочува со протести поради воведувањето на еврото“, која ја пренесе на својот интернет-портал радиото Франс 24, француската информативна агенција „Француски слободен печат“ даде детални информации во врска со протестите во Бугарите против замената на левот со еврото, кои траат уште од јануари годинава.
„Се очекува Бугарија да добие зелено светло од Брисел во јуни за усвојување на еврото – но оваа перспектива вознемирува многу граѓани. Усвојувањето на еврото предизвика протести во Бугарија. Од јануари 2025 година противниците на усвојувањето на заедничката европска валута од страна на Бугарија започнаа демонстрации и побараа референдум за ова прашање. Неколку неодамнешни анкети покажаа дека речиси половина од испитаниците рекле дека се против приклучувањето на Бугарија кон еврозоната. Бугарија, која ѝ се приклучи на Европската Унија во 2007 година, е најсиромашната нација во блокот. Тоа, заедно со недовербата кон институциите по години нестабилност, создаде плодни услови за бугарското население од 6,4 милиони жители да се плаши од економски промени и со години да пројавува недоверба кон институциите“, објави споменатата француска информативна агенција.
Таа посебно ги нагласи ставовите на два експерта. „Сиромашните се плашат да не станат уште посиромашни!“, нагласи Боријана Димитрова, директорка на институтот за истражување „Алфа“.
„Ако Бугарија ѝ се приклучи на еврозоната, тоа ќе биде исто како качување на бродот ’Титаник’!“, изјави на неодамнешниот протест против еврото докторот по економски науки Николај Иванов, пензиониран советник во администрацијата на претседателот на Бугарија и поранешен бугарски амбасадор во една арапска земја.
Толку за Бугарите и за Бугарија, а сега ќе преминам на Македонија и ќе повторам дека раководството на бугарската држава применува политичко насилство исто така и врз македонската држава и македонскиот народ, овој пат и во случајот со предлог-извештајот на Томас Вајц за Македонија, подготвен за расправа во Европскиот парламент на 24 јуни 2025 година.
Бугарија се обидува да манипулира со Европската Унија, за да влезе во еврозоната, и со тоа поправо го покажува вистинското бугарско лице, односно дека преку „надземни“ и „подземни“ манипулации и антимакедонски лобирања низ Европа и светот сака да го блокира евроинтегративниот пат на Македонија. Сега Бугарија бара и воопшто да не се гласа за извештајот за Македонија во ЕП, односно тој да се повлече, со што директно сака да ги прекине и процесите поврзани со македонските евроинтеграции. Зад огромните настојувања на Бугарија да го исфрли од игра извештајот на Вајц, всушност, стои стремежот да се исфрлат Македонија и македонскиот народ од светската и европската мапа на народи и држави – политика што ја остварува Бугарија најмалку 150 години!
Сегашната бугарска влада користи политички манипулации, махинации и статистички фалсификати за да стане Бугарија евродржава. Арно ама, за ваквите постапки Бугарија има обемно искуство токму и од фалсификувањата на бројката на Македонци што живеат таму. Во декември 1946 година во Народна Република Бугарија е извршен првиот повоен попис на населението. Од вкупно 252.908 жители во Пиринска Македонија, 160.541 лица односно 70 отсто се изјасниле како етнички Македонци. Во 2011 година на пописот како Македонци се изјасниле 1.654 жители на Бугарија или 0,02 отсто. Сега сите 17 бугарски пратеници во Европскиот парламент, заедно со нивната влада, стигнаа до бројката дека и во Бугарија и во Република Македонија и во сиов овој бел свет „има дури“ 0,00 отсто Македонци! Појасно кажано, дека нема ниеден жив Македонец, а дека сите живи Македонци „сѐ уште се заспани“ а „неразбудени благонадежни Б’лгари“!
Читам низ бугарските медиуми и социјалните мрежи дека мнозина припадници на бугарскиот народ, против кој јас немам ништо лично против, сметаат дека тие заедно со нивната држава се качени на бродот наречен „Титаник“.
Туку, штом официјален Брисел толку ги оневозможува македонските напори за влегување во ЕУ според истите критериуми како и другите, Копенхашките критериуми, штом ЕУ нѐ остава во својата чекалница 20 години по ред, штом и унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто искрено ни кажува дека „под масата“ мнозинството земји членки се против приемот на Македонија во „елитниот европски клуб“, тогаш ми се наметнува прашањето: Чуму па ние да скокнеме во „бродот Титаник“ – ЕУ, кој веќе почнува да тоне?! Не можеме ли да најдеме во светот и други „геополитички бродови“, во кои ќе си имаме своја „македонска кабина“?!
Свето Тоевски