Бона фиде

Хаосот со личните документи што ескалира во последниот период во државата е последица на фамозната Преспанска спогодба, во која некој прифатил рокови што секој друг со малку повеќе визија ќе ги одбиел бидејќи ќе сфател дека се неостварливи.
Имено, апсурдно е кога во спогодбата стои дека процесите ќе течат како што ќе се отвораат преговарачките поглавја со ЕУ, некој да прифати дополнување „но не подолго од денот на потпишувањето на договорот“. Кога грчката страна успеала да протне таква болва, тогаш нели требало и нашиве „преговарачи“ на таа реченица да стават една запирка (која е многу важен знак во правните документи) и да додадат дека „петгодишниот период ќе почне да се смета од моментот кога Македонија официјално ќе ги започне преговорите со ЕУ и ќе го отвори првото поглавје“. Така ќе сме добиеле легитимно алиби досега ништо да не спроведуваме од Преспанската спогодба бидејќи преговори нема, односно не сме отвориле ниту прво, ниту некое друго поглавје.
Еве, да го прифатиме и наративот на еврофундаменталистите, дека преговорите забрзано течат со тоа што сме започнале скрининг-процес, ама тоа беше пред една година, што значи дека роковите, ако некој се сетел да ја дополни грчката забелешка за петте години во договорот, ќе почнеа да течат од 2023 година и сега немаше да имаме никакви проблеми со замената на личните документи и „државниот притвор“ на стотиците илјади македонски граѓани, кои прекуноќ останаа без валидни документи поради кусогледоста на оние што се смееја и сликаа пред пет години во Нивици.
Тие тогаш се смееја, ама денес народот плаче. Оправдание нема, ниту за оние што преговараа со Грците, ниту за оние што „заборавија“ да пресметаат колку обрасци за документи ќе им требаат на граѓаните. Велат било ковид, па затоа задоцниле. Беше ковид, па ни вакцини не успеаја да набават, но за даноците, ратите и за казните, не беше ковид, мораше да се платат. Ако ништо друго, во тој период можеа да ги приберат обрасците во магацин во доволен број, па последниве две години да распалат со полна сила и да им ги променат документите на граѓаните, бесплатно, на сметка на државата.
Но сето ова што последниве месец-два ескалира е само последица на Преспанската спогодба, која по правило треба да ги обврзува двете страни да го исполнуваат својот дел од договореното. Македонија не само што го исполни во целост она што стоеше во спогодбата, дури и отиде многу повеќе од тоа, стигна до брусење шахти. Од друга страна, Грција не спроведе ниту една запирка, ама буквално ниту една запирка од договорот. Демек нѐ пуштила да се зачлениме во некои јадранско-јонски и какви ли не иницијативи, голема работа, и без тоа членство за Македонија сонцето и досега изгреваше и заоѓаше. Грците не сменија ниту една табла во северниот дел на земјата, уште пишува „ФИРОМ“ покрај патиштата. Мештаните што живеат на северот на Грција биле многу чувствителни на зборот „Македонија“ кога се однесувал на нашата земја и затоа не сакаат да се спомене во никаков наш контекст, дури ни да се напише на табла. Или можеби се чувствителни на нешто друго, на ветер, на прашина, на полен, на сеќавања… Па и ние сме навредени со „северна“, па кој нѐ прашува. Впрочем, Грција е моќна држава, така што нејасно е како станала толку моќна ако секој градоначалник се однесувал како шериф и правел самиот што сака, а не она што му го диктира централната власт. Клучното прашање е дали му диктира.

Од она што го гледаме во грчкиот парламент, очигледно не им диктира ништо. Трите фамозни меморандуми што Грција имаше обврска да ги ратификува, не само што не се ратификувани, не се поминати ниту на тамошните собраниски комисии. Ќе ги ратификувале тогаш кога Македонија ќе ги спроведела своите обврски од Преспанската спогодба, барем така рече шефот на грчката дипломатија. Што уште да спроведеме од спогодбата за ратификација на едни три меморандума? Веројатно и учебниците да ги смениме оти и тоа е договорено, да ја избришеме колективната меморија за егзодусот на бегалците од егејскиот дел на Македонија, да продолжиме во Грција да кажуваме дека сме од Скопје оти и на „северна“ се мрштат, а прашање на време кога и кодот „мк“ и „мкд“ ќе станат проблематични. Итра е грчката дипломатија, сигурно и за тоа вметнала нешто во Преспанската спогодба, исто онака како што го вметнаа коњот во Троја, ама нашиве уште не знаат што ги чека кога ќе зазори. Кога ќе видат ќе биде доцна, па повторно ќе менуваме пасоши, возачки, сообраќајни, лични карти, регистарски таблици… Барем буџетот ќе си го наполнат, ама џебот на граѓаните ќе го испразнат дополнително.
Пред извесно време, шетајќи по прекрасниот преспански крајолик, отидов до граничниот премин „Маркова Нога“, да си ги навратам спомените од времињата кога бев мало дете на „настава во природа“ и кога задолжителна екскурзија беше посета на овој граничен премин и прераскажување на легендата за славното стапало на Крале Марко, кое останало втиснато во карпа. Карпата е таму, стапалото уште е втиснато, ама митовите веќе не поминуваат. До нашиот граничен премин води убав кривулест асфалтиран пат, десно повлеченото во недоглед Преспанско Езеро, лево Баба Планина. Меѓу боровите дрвја, сместена е караулата, објект граден по ПС-стандарди од поранешна ЈНА, наследен од АРМ. По патот затекнав еден постар мештанин кому дневна маршрута му е прошетката од Дупени до границата, па онака неврзано го прашав дали нешто мрдна со отворањето на граничниот премин. Тој ме погледна малку подзачудено и ми возврати со лут тон: „Што да мрдне? Е синко ниту мрднало, ниту ќе мрдне. Ги гледаш селана преку граница? Нашинци се и таму, ама Грците не сакаат да се мешаме. Гледаш езерово до каде е отидено? Го затворија малото езеро со брана, си ги полеваат нивите и го намалија природниот доток на вода во нашево езеро. Нема тука никогаш да има граничен премин, не прајте си само бајрам на паметот“, ми возврати старецот и си продолжи по патот потпирајќи се на еден стап од леска и свиркајќи некоја песна.

Си велам од кај пак тој ќе знае за идните планови за меѓугранична соработка, тој е од оној стар ков, кој никако не може да ја прифати „новата енергија“ по потпишувањето на спогодбата од каршија, во Нивици. Продолжив понатаму и дојдов до рампа. Кон грчкиот граничен премин, во таканаречениот тампон-простор, има само еден земјен обраснат пат, небаре со години никој по него не поминал. Ниту асфалт, ниту надеж дека нешто се случува, останато исто како од времето кога Грција ги пресече сите врски меѓу Македонците од оваа и од таа страна на границата.
А и тоа го ветија со Преспанската спогодба, дека луѓето ќе можат слободно да ги посетат старите гробишта во Леринско, да ги видат трагите на своите предци, да престане антагонизмот дека некој „ќе ја освојувал Егејска Македонија“. Никој ништо нема да освојува, туку треба да се работи на зближување меѓу двата народа, на негување на културата, традициите, на слободата на движење… Да постоеше тоа, немаше да има ниту потреба од Преспанската спогодба бидејќи Македонија и Грција ќе беа стратегиски сојузници уште пред 30 години, границата ќе беше симболична, ќе се минуваше со лична карта, така што немаше да има потреба ниту од замена на документите и сегашното малтретирање на граѓаните.
Овој народ истрпил многу малтретирања и омаловажувања, но секогаш излегувал посилен оти бил искрен и чесен во своите намери, за разлика од некои други, кои ниту обврските што ги презеле не ги спроведуваат и настапуваат со некакви поинакви намери, најмалку добронамерни. Тука нема „бона фиде“, а кога еден договор е направен така, тогаш никој нема обврска да го спроведува, нели?