Државата мора итно да направи стратегија како ќе ги задржи младите во Македонија. Во спротивно, доколку не се промени нешто во однос на подобрување на условите за живот, политичката ситуација, вработувањето, животната средина, ќе се соочуваме со континуиран одлив на мозоци и во иднина, неповратно
ќе заминуваат умот, енергијата и креативноста што можат да ѝ помогнат на земјава
Македонија го губи младото и работоспособно население. Проблемот со одлив на мозоци, кој трае со децении, долго време се чува под тепих. Неодамнешните резултати од Пописот 2021 ги потврдиja стравувањата дека бројот на работоспособното население незапирливо и со огромна брзина се намалува. Податоците покажуваат дека возрасните групи од 40 до 44 и од 55 до 59 години се најмногубројни во Македонија. Што значи дека со ваква демографска структура на населението каква што е сега, не може да очекуваме силна економија и повисок стандард за живот. Уште повеќе, прашање е и дали и како ќе издржи пензискиот фонд, кој и досега покажува слаба издржливост. Впрочем, луѓето се носители на државата, ако младите се отселуваат, а населението старее, тогаш на што ќе се темели државата во иднина?!
Од 2002 до 2021 година бројот на работоспособно население паднал за 12,4 отсто, додека во исто време бројот на старо население над 65 години се зголемил за 17,2 отсто. Резултатите од пописот се аларм дека државата мора да ги менува економските политики за да се спречат ваквите негативни трендови и состојби.
Партизираниoт јавен ресор, економската стагнација, ниските плати, отсуството на реални реформи во образовниот процес, високиот степен на корупција, нефункционалното здравство се дел од причините за масовното иселување на младите од Македонија.
Во делот на економските политики јасно е дека тие не го генерираат тоа што го очекуваат граѓаните, а тоа е повисок животен стандард и повисоки плати.
Моделот на економијата што го водиме во моментов не е насочен кон раст на бруто-домашниот производ. Ако го следиме донесувањето на законите, секаде се потенцира некаков фискален ефект од воведување на даноците, а тоа е влијанието на законот на евентуални буџетски трошоци, наместо главен мотив при носење на економските закони и сите закони што ја допираат економската сфера, да биде мотивот што ќе значи истиот тој за подобрувањето и зголемувањето на бруто-домашниот производ. И само во таква насока може да се очекува дека нешто позначајно ќе се промени за во скора иднина да имаме запирање на овој негативен тренд односно намалување на стапката на иселување на нашите жители од земјава.
Досега најчеста стимулација беше вработувањето во јавниот сектор, што се покажа како неефикасна мерка. Наместо тоа, треба да се стимулираат младите за бизнис. Треба да се стимулира повеќе претприемаштвото во основните и средните училишта, да се поттикнува стручното образование, да се понудат добри плати и добри можности за напредок, како и субвенционирање на давачките за да може младите да имаат добри плати.
Државата мора итно да направи стратегија како ќе ги задржи младите во Македонија. Владите во минатото вложиле некои напори за досегашните планови, но тие не се покажаа како целосно успешни, а потврда за тоа даде и пописот на населението. Доколку се продолжи со истите политики на владеење како во последниве 30 години, ќе имаме повеќе пензионери од работоспособно население.
Иселувањето влијае врз пазарот на трудот и за одредено време ќе нема работници да ги пополнат позициите и тоа е загрижувачко. Иднината ни е во прашање и време е да размислиме што да направиме и каде да инвестираме и во кои ресурси за да ги задржиме младите. Потребна е стратегија што нема да биде само парче хартија зафрлено во фиоките, потребни се сериозни реформски зафати што итно треба да се имплементираат.
Во Македонија треба да се воспостави политика што ќе гарантира реална, независна пазарна економија ослободена од политика. Треба да се реформира и образовниот систем, и тоа по сите нивоа, за да се оформува квалитетен кадар. Потребна е реформа на јавната администрација во смисла таа да се ослободи од политички влијанија и да не биде главниот работодавец на младите луѓе. Дополнително, и државата треба што е можно помалку да се меша во приватниот сектор. Да има помалку регулативи, а повеќе поддршка на домашниот капитал за да се генерираат нови и стабилни работни места.
Во новата програма на Владата за 2022-2024 година е предвидена поддршка за секое вработено лице до 29 години што ќе се вработи првпат, за сите што сѐ уште не развиле вештини за вработување да го сторат тоа преку практика, предвиден е поврат на персонален данок на доход за сите нововработени млади под 30 години, предвидена е поддршка во отворањето на младинските центри и локалните младински совети, за вклучување на младите во процесите на донесување одлуки и зголемување на капацитетите на младите луѓе.
Факт е дека властите креираат некои мерки, но колку се тие доволни за да може да дадат ефекти.
Можеби треба државата да креира систем на финансирање идеи на млади луѓе и да им се даде финансиска и техничка поддршка (бескаматни кредити, менторство, мобилност, усовршување итн.) за веќе постојните компании основани од млади. Потребно е и стимулирање на извозот на идеи, продукти и сервиси на бизнисите водени од млади, за да се зголемат нивната конкурентност и продуктивност, но и да се финансираат центри за технолошки иновации. Исто така, младите ќе сакаат да останат во земјава доколку се охрабрат во отворањето бизниси на локално ниво, односно да се децентрализираат понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе, како и да се стимулираат нивно вмрежување и организирање, за подобрување на бизнис-климата.
Во спротивно, доколку не се промени нешто во однос на подобрување на условите за живот, политичката ситуацијата, вработувањето, животната средина, ќе се соочуваме со континуиран одлив на мозоци и во иднина, неповратно ќе заминуваат умот, енергијата и креативноста што можат да ѝ помогнат на земјава.