Да се биде прагматичен државник, стратег и визионер, понекогаш значи да се оди и против ветрот. Но никогаш, ама баш никогаш не смее да се оди против волјата на сопствениот народ и сопствените граѓаните. И ова се однесува на сите чинители во државата. За жал, изминативе неколку декади со Македонија главно раководеа извршители, зависници од нечие туѓо посредништво. Затоа и ни се случуваат вакви апсурдни ситуации, самите да бараме или да добиваме непристојни и понижувачки предлози, во кој било сегмент од општеството. Затоа и ден-денес за општествените чинители е поважно што мисли некој таму во Брисел, Париз, Вашингтон или некоја странска амбасада, отколку што мисли, што бара и што очекува народот од државните институции и од политичарите
И по три децении независност, како самостојна и суверена држава, Македонија и понатаму покажува симптоми на општествена и политичка недозреаност на повеќе нивоа, покажува знаци на зависност од „туѓа нега“, надворешно посредништво или можеби туторство.
Со наполнети 31 година од независноста, што, нели, би требало да биде некоја зрела доба, државата, поточно институциите сѐ уште се однесуваат како некое недораснато дете, кое не знае самостојно да проценува и носи одлуки, туку постојано чека некој друг да му го покаже патот, да го подведе, или најчесто поттурне. Таа зависност од туѓо посредништво или менторство, за жал, во многу случаи се покажа како погубна за државата и за нашите национални интереси. Менторите и подведувачите потоа се тргаат настрана, а последиците ни ги оставаат нам. Но и покрај тоа, не извлековме никакви поуки. Затоа и ден-денес за општествените чинители е поважно што мисли некој таму во Брисел, Париз, Вашингтон или некоја странска амбасада, отколку што мисли, што бара и што очекува народот од државните институции и од политичарите. И тоа се пресликува речиси во секој сегмент од општеството. Во политиката, правосудството, невладиниот сектор, енергетиката, економијата итн. Еве, дури и обвинителката Вилма Русковска бара странска помош и надворешно посредништво за да се справи со работата за која е платена. Но за ова малку подолу.
Се разбира, тоа туѓо влијание е највидливо и најупадливо во политиката. Доволно е само да се потсетиме како странците ни кроеја рамковни договори, ни составуваа пржински влади, ни одредуваа општинска и територијална поделба, ни нудеа балкански методи за промена на уставот итн. Сите овие експерименти со Македонија скапо ги плативме и сѐ уште ги отплаќаме. Последна најсвежа потврда за странско замешателство во македонските работи е францускиот предлог, кој некои од домашните политички елити демек прво го одбија, за потоа истиот тој да го прифатат и да го прогласат за совршен. Иако мнозинството граѓани очигледно не мислат така. Веројатно некој однадвор добро ги истегнал за уши кога за толку кратко време дијаметрално го сменија мислењето. И тука веднаш да расчистиме некои работи.
Да се биде прагматичен државник, стратег и визионер, понекогаш значи да се оди и против ветрот. Македонија имала и такви, иако ретки, примери на политички визионери што знаеле да повлечат вистински потег во вистинско време.
Но никогаш, ама баш никогаш, не смее да се оди против волјата на сопствениот народ и сопствените граѓани. И ова се однесува на сите чинители во државата. Особено не да се одлучува по диктат, притисок или уцена однадвор и на штета на државните и националните интереси. А токму тоа, за жал, ни се случува многу често. Затоа слободно може да се констатира дека изминативе неколку декади со Македонија главно раководеа извршители, зависници од нечие туѓо посредништво и менторство. Затоа и ни се случуваат вакви апсурдни ситуации, самите да бараме или да добиваме непристојни и понижувачки предлози, во кој било сегмент од општеството. Таа политичка матрица на избирање на туѓите наместо на сопствените интереси само дополнително го раздробува македонското национално ткиво. Тоа можеше да се препознае и во пораките на политичките лидери неодамна по повод Илинден. Слушнавме пораки со кои се дели народот на оние што божем се за иднината наспроти оние за минатото, за чекорење напред кон ЕУ или враќање назад во историјата. Во самата суштина ваквите пораки се бесмислени и небулозни, бидејќи едноставно нема иднина без минато.
Нема да стигнете никаде ако претходно се откажете од вашето минато, историја, идентитет, јазик, култура и сѐ што ве дефинира како посебен народ и држава. Но, нејсе. Еднаш веќе посочив и пак ќе повторувам, сѐ додека биде потребно, тезата дали сме или не сме за ЕУ е погрешно пласирана и политички злоупотребена. Тоа е измислена антимакедонска флоскула, со која најголема штета им се прави на сопствениот народ и на сопствената држава. Секогаш кога на политичарите им гори нешто под нозе и сакаат да протуркаат некоја нивна политичка агенда, ја подметнуваат ЕУ пред народот. Како кукавичино јајце. Многу често и самата меѓународна заедница си зема слобода да моделира и креира јавно мислење кај нас, кога нешто е во нејзина полза, да ги девалвира македонските институции и таа да ни кажува што е добро за нас. И потоа, откако ќе ја оствари својата цел, секако со помош на домашните подизведувачи, да се тргне настрана и да ги испере рацете од нив.
Слично сценарио се подготвува и сега.
Постојано пристигнуваат пораки од дома и однадвор дека мора да го смениме Уставот, да ги внесеме Бугарите во него, за да почне процесот кон ЕУ. Како ќе се направи тоа, дали по претходно познатиот рецепт на балкански метод и купување пратеници или можеби преку осмислен и изрежиран референдум, засега е нејасно. Но повеќе од јасни се манипулацијата и подметнувањето што се наѕира во однос на формулацијата на евентуалното референдумско прашање. Замислете, како можно прашање се посочува и ова: Дали сте за ЕУ или не? Тоа е апсурд од невидени размери.
Македонија не е и никогаш не била против ЕУ. Напротив, и како народ и како држава отсекогаш сме биле рамо до рамо со европските вредности и секогаш на вистинската страна на историјата, заедно со прогресивна и демократска Европа. Затоа вакво подметнување и злоупотреба за политички и меѓупартиски пресметки и создавањето раздор и поделби кај народот е сосема погрешен приод. Иако, уверен сум дека, за разлика од незрелоста на политичарите, јавноста и граѓаните се доволно мудри и никој веќе не може да ги пренесе жедни преку вода.
Ако веќе некој сака да жонглира со зборови и да формулира можни референдумски прашања, еве и мала помош. Тоа може да гласи и вака: Дали сте за бугаризација на Македонија или не? Или можеби вака: Дали сте за бришење на националните и историските атрибути на македонската држава или не? Дали сакате да влеземе во Европа како Македонци или не? Итн., итн. Сите овие се можни референдумски прашања. Иако е крајно политички некоректно што целата оваа полемика доаѓа пост фестум, откако надлежните институции веќе прифатија и потпишаа да играме по туѓи ноти, без претходно да се праша сопствениот народ. Но за тоа нека судат истиот тој народ и историјата.
Сега да се навратам уште еднаш на македонскиот синдром на надворешно менторство врз државните институции. За многумина на кои владеењето на правото им е единствен патоказ во животот и работата, фрапантно прозвучи барањето на обвинителката Вилма Русковска странските амбасади да ѝ помогнат да се справи со политичките притисоци на кои била изложена. Ова де факто е втор најголем пораз за правната држава во поновата историја на Македонија, по претходното фијаско со СЈО. Притоа, да не заборавиме дека и во креирањето и раѓањето на СЈО, странците длабоко замешаа прсти.
Но крикот на Вилма веројатно е и најдобар показател на кое ниво е правосудниот систем во Македонија. Дека сме потонати длабоко во калта на политикантството и дека дури и Јустиција одамна се иселила од Македонија. Еве повод за уште едно референдумско или можеби анкетно прашање. Дали сте за независно или политички октроирано правосудство? Да се праша народот што мисли за владеењето на правото во државата. Ако Вилма не може да функционира и да работи по словото на законот, поради политички влијанија и притисоци, што да кажат граѓаните и стопанството. Какви штети и последици трпат другите субјекти во државата поради истите тие влијанија и замешателства на кои реагира Русковска? Звучи парадоксално, но ова е всушност првото јавно признаено „достигнување“ на Македонија по почнување на скринингот со ЕУ и по сликањето во Брисел. Ова е, всушност, вистинската слика за Македонија денес. Со крахирани институции, октроирано правосудство, пропадната економија и грст антимакедонци и продадени души што се отпишани и дома и однадвор.
Не знам како Вилма мисли дека ќе ѝ помогнат странските амбасади?! Или можеби и самата е свесна дека тоа е излезот од безизлезот во кој нѐ доведоа сите досегашни полтрони, климоглавци и зависници од странска нега во општеството. Нејзиниот повик за странска помош овој пат беше експресно одбиен од странските амбасади, но дилемата што таа ја наметна остана да лебди во воздухот. Кој е криминалец, а кој се бори против криминалот, што е Македонија, суверена држава, диктатура, монархија, или протекторат, кој и зошто замижувал и замижува пред криминалот, дали во него се вмешани и највисоките ешалони на власта, што е пресудно – волјата на владините функционери или словото за законот и правната држава итн. Остана нејасно и на кои надлежни институции сега ја препраќаат странците Вилма да се обрати. Дали на оние институции што истата таа меѓународна заедница и странски амбасади сиве изминати години ги девалвираа и обезличуваа до непрепознатливост? Ги блокираа, уценуваа, насочуваа или подбуцнуваа само за свои цели и потреби. А потоа сите заедно ги отфрлаа како исцеден лимон. Дволично и лицемерно до коска. И за ова, секако, ќе проценуваат и судат народот и историјата.