За помалку од десет дена, стотици илјади македонски граѓани ќе останат затворени во својата земја, не затоа што во неа одеднаш почнало да владее правото, се искоренила корупцијата или институциите се ослободиле од партиските стеги и почнале да работат во полза на граѓаните, туку затоа што државата не може навремено да им издаде лични документи и без нив нема преку граница, па дури ни до „Лидл“ или на скара во Врање.
Секое утро, редиците на отворено пред пунктот на МВР во Центар стануваат сѐ подолги, па добро е што зимата им се смилува на овие напатени македонски граѓани, па не стега онака како што знаела, па некако полесно се поднесуваат студовите на кои по неколку часа се изложени паталците.
При сите пари што ги зема од граѓаните, МВР не најде за потребно барем да пушти неколку млади полицајци, жаргонски кажано „гуштери“, да ги послужат премрзнатите луѓе со чај и кафе на државна сметка, ете, нека бидат тенки и чајот и кафето, ама барем и тие да почувствуваат за кратко како е да се ужива гага на државна сметка, како што функционерите го прават тоа со години.
А сиот овој метеж е резултат на нешто за што пред пет години многумина се смееја во Нивици, кога затскриени под тендите бегајќи од жешкото преспанско сонце си разменуваа вратоврски, се кикотеа, се гушкаа и се ракуваа. Беа далеку од народот, оти се плашеа дека народот нема да им го дозволи тоа што имаа намера да го направат.
Арно ама, решија и го направија. Ја ставија државата во вазалски однос кон соседна земја и цехот стигна за наплата. Попусто и претседателот и премиерот се препукуваа кој да се јави во Атина, на крајот испадна дека и обајцата немале „кредит“ за да свртат до грчките власти. Впрочем, и немаше потреба за јавување кога одговорот беше познат уште пред пет години.
– Ова е меѓународен договор и тој е посилен од сѐ, така што мора да се почитува – изјави неодамна шефот на грчката дипломатија, но заборави да каже дека меѓународниот договор треба да важи за обете страни потписнички. Уф, изумив, во тој договор не ја пишува Македонија, туку само Втората страна, ни име не сакаат да ни споменат, а камоли да ни го продолжеле рокот. Ќе ги спроведеле меморандумите кога Македонија ќе ги исполнела сите точки од Преспанската спогодба, односно кога ќе биде избрусено сонцето од Кутлеш и од последната шахта во Прдејци.
Е тие што пред пет години се смееја во Нивици, тие ја зготвија оваа солена манџа од која сите сркаме и плачеме. Сркаме затоа што најголем дел од луѓето што се на високи позиции немаат никаква визија за да знаат што треба да направат однапред. Па ако си потпишал договор во кој си ставил краен рок за замена на документите, почни да го правиш тоа од првиот ден. Обезбеди обрасци навреме, а не да се потрошат три години и за тоа време да се издаваат пасоши, лични карти и возачки дозволи со старото име.
Само тука се крие и една мудра тактика, не ќе да е само до неспособноста околу целата оваа работа. Можеби некој во некоја пиар-канцеларија проценил дека не е добро веднаш на граѓаните да им се пишува новото уставно име на документите, да не се засилува и онака големиот револт по потпишувањето на спогодбата наспроти јасно изразената волја на референдумот, а незадоволни и огорчени граѓани значат и лоши резултати на избори. Можеби, не велам дека е така, но можеби некој во таа 2020 година си помислил така, за да го амортизира граѓанскиот гнев така што ќе им дава пасоши, лични карти и возачки дозволи со старото име, демек, името го дадовме во Нивици, ама дома не го даваме…
И плус тоа, дебело им наплаќаа за промена на документите. Е сега одеднаш, мора да се заменат документите. Па некои граѓани истите тие документи ги извадиле пред само една година, а одеднаш мора да ги менуваат. И повторно за пропустите на државата тие да плаќаат. Па каде го има тоа? Како ќе поминеше некоја германска, британска или француска влада ако им го направеше тоа на сопствените граѓани? Уште истиот момент ќе беше историја, се разбира. За разлика од нас, на европските граѓани документите им ги доставуваат дома, без да се малтретираат со часови пред шалтерите. Тоа се европски манири, а не со ова што нашиве „Европејци“ се буфтаат, да не можеш да предвидиш кога и колку обрасци да набавиш, кога учебници да отпечатиш, кога свидетелства да поделиш…
Сега, поради таа неспособност, граѓаните по 12 февруари ќе останат затворени во својата држава, без можност да патуваат, без можност да одат на работа во странство, да склучуваат бизнис-зделки, да одат на апсолвентски екскурзии, на одмор, на некои на кои им е потребно и лекување, да не можат ниту тоа да го направат. По 12 февруари, македонските граѓани ќе бидат во затвор, во нашиот македонски Алкатраз. Барем за некој период ќе се намали бранот иселувања, да бидам ироничен на сета мака.
На ова дереџе дојдовме оти државата со години е водена од некадарни луѓе, понизни апологети за кои е најважно она што странците им го кажуваат, кои од носот подалеку не гледаат. Се начукаа во сите институции кадри по Бадентер, со балансер, преку ДУИ-нг бизниси, па сега нема крај. Се начукаа и во многу управни одбори и им тече од сите страни, па затоа здушно гракаат уставни измени, уставни измени, демек со нив народот подобро ќе живее. Европа ќе нѐ спасувала оти самите не сме можеле, а за да нѐ спаси Европа, морало да ги направиме уставните измени.
Зини земјо, голтни ме, што би рекол нашиот народ. Ако сами нешто не направиме, и тоа за кусо време, отиде државата јабана. Помина тоа време на заплашување со конфликти, меѓуетнички тензии, војни, НАТО-интервенции и слично. Доста е веќе, време е луѓето што знаат да работат, да почнат да работат, а оние садомазохисти на кои им требаат „европски камшикари“ за да почувствуваат некакво перверзно телесно и духовно европско задоволство нека одат таму каде што ги произведуваат тие камшици. Само да не заборават дека со камшиците секогаш биле удирани коњите и робовите, не за да им биде подобро, туку за да работат повеќе за другите, не за себе.
Да резимирам, не ни требаат ниту камшикари, ниту лешинари што демнат од околу, туку ни треба РАБОТА. Треба да се потпреме на сопствените сили бидејќи не сме ничии робови, па така ќе покажеме дека нѐ бива. Техничкиот премиер уште деведесетина дена ќе пуши пури по кабинети, ќе пее и ќе се весели со сопартијците, ќе оди на ќебапи со службени возила, за на крајот да ги изживее личните фрустрации и да се соочи со сопствените граѓани, кои не живеат убаво. Тие ќе му го кажат тоа на 8 мај.
Потоа веќе нема никому да му биде важно дали премиерот или претседателот е Албанец, Македонец, Турчин, Србин, Ром, Влав или Марсовец, ако тој работи во интерес на сите граѓани. Ќе им се скратат крилјата и на партиите да ги полнат институциите со партиски кадри, за конечно да завладее вистински мериторен систем по кој ќе се стапува на функција.
Такви луѓе знаат да спроведат реформи, да ги возобноват институциите и да ја вратат државата на вистински колосек. Само една таква Македонија ќе стане кредибилен и почитуван партнер во очите на странците, а не некакво општество на робови што некој треба постојано да ги камшикува. Тогаш сите граници ќе ни бидат отворени и без пасош.