Носењето нов економски договор што ќе биде прифатен од сите партии
во земјата, поддржан ако е потребно и како резолуција во Собранието, треба да
содржи неколку главни точки. Тие ќе се однесуваат на длабоки структурни
промени во стопанството, реформски зафати во економијата, во законодавството поврзано со стопанството, односот на државата кон стопанските производствени субјекти, кон инвестициите, енергетиката, сивата економија и корупцијата, пазарот
на трудот…
Една внатрешна и една надворешна политичка тема го обележаа првиот месец од годинава, која, според сите досегашни прогнози, треба да биде година на многубројни предизвици што решително треба да бидат решени, а се исправени долго пред Македонија, посебно на економски план. Но ако денот се познава по утрото, тогаш е сосема извесно дека јануари воопшто не ни носи добри прогнози за оваа 2023 година. Гледано за Македонија, тоа никако не треба да значи дека ќе се помириме со уште една пропуштена година, во која решавањето на економските проблеми ќе биде (о)ставено во втор план. Затоа, со време предупредуваме и алармираме за економска мобилизација, паралелно со политичката. Можеби економската како приоритетна!
Со месеци претходно, целото внимание и енергија на сите политички фактори се насочени кон тоа дали една мала и минорна партија ќе влезе во владината коалиција. На македонските граѓани им се „сервира“ привидно значајна дилема дали некоја партија ќе се согласела да прифати некое „министерство за бурек“ или министерство за здравство. И сето тоа во името на некаква нова „коалиција за Европа“! Надворешната тема, која секојдневно ја имаме на домашната политичка трпеза, е уште поневеројатна, а се однесува за „продолжување на добрососедските односи“ со земја во која тамошните државни водства се обидуваат нивната негаторска политика кон македонскиот народ и јазик да ни ја префрлат на наш македонски терен!? Навистина еден автодефокус, со што приоритетите како намерно да ги туркаме настрана, а прашањата со кои може да се забавува јавноста ги подигаме на ниво на поп-култура со „игри и леб“, за „Мирна Босна (читај: Македонија)?!
Имено, во Македонија со години не се менува партиската парламентарна реторика, во која преовладуваа политичко-партиски, етнички и лични интереси. Трите децении од нашата независност беа потрошени во постојано менување на Уставот и во секакви договори каде што пред меѓународната јавност демонстриравме попустливост, еластичност, флексибилност и сѐ друго од нас што беше побарано за да отстапиме чекор и чекор и чекор поназад. И сето тоа на наша штета: со донесувањето на договорите од Охрид и од Преспа, а сега и во спроведувањето на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. И за сето тоа да нѐ убедуваат дека е за наше добро: дека со тоа превенираме војна, со попустливоста превенираме политички надворешни и внатрешни кризи, дека со попустливоста авансираме во европски интеграции, кои само што не дошле за нас. Па, ништо од тоа, и пак нонстоп сме под некакви „контролирани и хибридни напади“, постојано сме во политичко- институционални кризи и покрај нашата „фалена флексибилност и попустливост… Чекор по чекор, губиме сѐ!“
А за носењето на договорот за подобрување на националната економија, кој претставува највисок приоритет за македонските граѓани, никогаш не постоеше доволно интересирање кај сите досегашни влади во Македонија. Парламентарната расправа меѓу владејачкото мнозинство и опозицијата за економските политики на Македонија кратко траеше за време на носењето на државниот буџет, но таа беше мотивирана главно од „локал-патриотизмот“, кога секој пратеник бараше да се одобрат средства за изградба на некој пат, водовод или детска градинка. Никој не ја гледаше големата слика за развој на домашната економија, која ќе донесе(ше) поголеми можности за поттикнување на приватните инвестиции, што ќе го спречеше масовниот одлив на граѓаните од Македонија.
Носењето нов економски договор што ќе биде прифатен од сите партии во земјата, поддржан ако е потребно и како резолуција во Собранието, треба да содржи неколку главни точки. Тие ќе се однесуваат на длабоки структурни промени на стопанството, реформски зафати во економијата, во законодавството поврзано со стопанството, односот на државата кон стопанските производствени субјекти, кон инвестициите, енергетиката, сивата економија и корупцијата, пазарот на трудот… Токму за последново, во врска со пазарот на трудот, деновиве имаше интересна полемика. Некои аналитичари, како „шлаг на горчливата торта на стопанството“, згора на сѐ го издвоија проблемот со недостигот од работници. И повторно истиот одговор: За негово надминување е потребно да се постигне општ консензус меѓу Владата, бизнисмените и синдикалните организации… Веќе видено и чуено. И повторно, парцијален приод на решавање. А да се обидевме интегрално?!
Подобрувањето на понудата на работна сила преку увоз на работници, веќе одамна се применува во поразвиените земји, а од пред неколку години во земјите од регионот, но тоа носи многу неизвесности за малите и посиромашни економии, како што е и Македонија. Тоа што недостига во овој момент се посериозните анализи со интегрален приод, за сите прашања во пакет и со мобилизација на севкупните општествени потенцијали, ама во функција на националната економија!
За спроведувањето на структурните промени во македонската економија и за подигнување на продуктивноста, потребен е подолг временски период. Засега, овие прашања се само во сферата на научните дебати, а не треба да е така. Стопанските комори се вклучуваат, но институциите сѐ уште се политички оптоварени. Енергијата им се исцрпува непотребно со однадвор наметнати проблеми, при што се губи јасната визија за креирање на економските политики, во кој правец треба да се развива Македонија. Секое одложување на решавањето на овие прашања ќе значи неповратно изгубено време и ќе ја остави Македонија таму каде што и сега се наоѓа, на последните места во однос на постигнатиот стопански развој, растот на животниот стандард на граѓаните и економскиот одржлив просперитет воопшто.