А граѓаните? А народот? А етничките заедници, кои се таму во поголем број? А квалитетот на нивниот живот? А нивната доверба во комуналното раководство? А завршените комунални проекти? (Не ветените или започнатите!) Ете, така вообичаено… Сè помалку ќе има место за подобрување на основните животни услови на граѓаните… И уште една патем спомената симптоматична состојба, она што се обидуваат да го премолчат од пропагандните изборни штабови, е малата заинтересираност на граѓаните да го дадат својот глас за некоја од постојните политички понуди! Тоа го потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети…
Во неделата, на Преображение, кога се прекршува летото и дождовите ги растеруваат августовските тропски горештини, повторно и повторно, исто како и секоегодишното преобразување на природата, и политичарите се обидуваат и Македонија да биде ставена пред нова „пресвртница“, со повторувањето на локалните изборите во Центар Жупа, односно за членови на Советот на Општина Тетово. Божем тие изборни резултати се силен индикатор на македонското „политичко преображение“.
Но ако за огромното мнозинство граѓани овие избори беа незабележителни и речиси безначајни, политичките партии од македонскиот и од албанскиот блок на изборните резултати сакаат да им дадат некаков судбински предзнак, небаре би ги одредиле иднината и опстанокот на Македонија!
А доколку гледаме од досегашната пракса, прашањето дали локалните избори им донеле нешто подобро на самите жители на овие три општини, на пример нови инфраструктурни решенија и мрежа, комунално подобрување на квалитетот на живеењето (депонии, решенија за прашањата поврзани за водната заедница, канализации, водовод или прашањата за загадување на околината…), слободно може да се констатира дека локалните власти многу тешко излегуваат накрај и со основните животни проблем на граѓаните, ако во тоа не се вклучи пошироката општествена заедница, односно државата, а во не мал број случаи и некои позначајни невладини организации со грантови и донации.
Сепак, повторно, во името на некого, не им пречеше на главните политички ривали од македонскиот политички кампус да прогласат, којзнае по кој пат, „нова историска“ победа.
Добро, и тоа е легитимно да си го прават, но „расчекорот“ е досуден од граѓанскиот сектор, кој смета дека и низ вакви маргинални настани, теснопартиските интереси се промовираат над широкограѓанскиот интерес и реалните потреби на граѓаните.
Еве ги политичко-маркетиншките примери во прилог на горната теза.
Имено, по саботниот тест на „граѓанската“ волја, се чини, најзадоволен е актуелниот премиер Димитар Ковачевски, кому ова му е прв изборен натпревар против главниот конкурент ВМРО-ДПМНЕ. Така, премиерот Ковачевски бргу- бргу самиот прогласи двојна победа на кандидатите за градоначалници во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа, кои беа поддржани од владејачката коалиција предводена од СДСМ. За Ковачевски победата во Маврово и Ростуше значи дека „европска Македонија е апсолутен победник на овие избори“?!
Ако за огромното мнозинство граѓани овие избори беа незабележителни и речиси безначајни, политичките партии од македонскиот и од албанскиот блок на изборните резултати сакаат да им дадат некаков судбински предзнак, небаре би ги одредиле иднината и опстанокот на Македонија! Божем тие изборни резултати се силен индикатор на македонското „политичко преображение“…
Од друга страна, за ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот пратеник Влатко Ѓорчев истрча да ги коментира изборните резултати за советници во Тетово, за кого предноста на неговата партија пред СДСМ претставува доказ дека „оваа власт е делегитимирана“.
И сега, дали во наредниот период резултатите од повторените избори во трите општини ќе бидат максимално исцедени и искористени во политичките пропаганди на сите политички партии?! Тоа значи дека ќе нема никакви промени во „наративот“ (омилениот збор на некои домашни аналитичари), што и досега беше практикуван од политичките фактори во земјата. Во кој пречесто се споменуваа паролите за „победниците и поразените“, „европска Македонија“, „предавници“, „делегитимирање на власта“, за зачувувањето и губењето на идентитетот.
А граѓаните? А народот? А етничките заедници, кои се таму во поголем број? А квалитетот на нивниот живот? А нивната доверба во комуналното раководство? А завршените комунални проекти? (Не ветените или започнатите!) Ете, така вообичаено… Сè помалку ќе има место за подобрување на основните животни услови на граѓаните…
И уште една патем спомената симптоматична состојба, она што се обидуваат да го премолчат од пропагандните изборни штабови, е малата заинтересираност на граѓаните да го дадат својот глас за некоја од постојните политички понуди!
Тоа го потврди и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој го призна поразот од Беса, која освои еден советник повеќе, и изјави дека одзивот е многу низок на овие избори. Тоа значи дека на повторените избори гласало само партиското лојално членство, додека неопределените гласачи (читај незаинтересираните, досега многупати разочараните, апатичните и можеби лутите од понудите – гласачи) или не излегле на гласачките места или, пак, заминале во странство за да обезбедат подобра егзистенција за себе или за своето семејство. Да не заборавиме и еден непобитен факт дека во Маврово и Ростуше и во Центар Жупа, на двата претходни избори, не можеше да се постигне цензус за избор на градоначалници, затоа што гласачите се заминати во странство. Од тие причини, во овие општини беа спроведени изборите во август кога печалбарите се враќаат на одмор, па можеа да гласаат. Тогаш, се поставува прашањето за каква победа или пораз се зборува на овие повторени избори?!
Очекувањата од овие општински избори да се случи некакво реално „преображение“ се минимални или подобро речено, никакви. Од носителите на локалната и на централната власт не добивме одговор како ќе се сменат состојбите во локалните средини, од каде што континуирано се иселуваат луѓето. Тоа не го знае ни градоначалникот на Центар Жупа, кој на прашањето како ќе ги задржат младите во општината ќе изјави дека тоа е „стара болест што потекнува дури од комунизмот до денес“, за да додаде дека „со погрешните политики во минатото тоа не може да се поправи со една година или две, или со еден мандат или два или со месеци“. Тоа го изјавува лицето што беше единствен кандидат, кому ова му е трет градоначалнички мандат! Првпат беше избран на изборите во 2013, а реизбран беше во 2017 година.
Повторените избори во трите општини се завршени. Од денеска повторно можеме да се вратиме на добро познатите теми за работата на мешаната историска комисија и преговорите со Бугарија, како и за случувањата во Обвинителството за организиран криминал и суспензијата на главната обвинителка, со што дополнително се намали довербата на граѓаните во судството Сега, по прославата на победите на изборите во Тетово, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, политичките партии можат да се посветат и на крупните државни работи. Ајде некако да направиме да ни биде плодна победата. Па и било чија да е таа во општините. Ама да пронајдеме победоносно решение и во заедничката, национална победа над оние што сакаат комплетно да нѐ поразат и да нѐ снема: и како народ и како општествена повеќеслојна заедница на етникуми, конфесии и како јазик, историја, идентитет и држава. Граѓаните на Македонија треба да бидат свесни дека со денационализирање на македонскиот народ и другите заедници ќе го изгубат својот идентитет во својата татковина и ќе се трансформираат во нешто сосема различно. Дали навистина го сакаат тоа? Македонците и македонската држава досега ниту го допуштиле ниту го дозволиле тоа за нив. Токму сега таа татковина ги повикува сите, баш сите, и со заеднички сили да го поминеме и ова премреже! Заедно!