Македонија земја на формалностите

Вистина е дека македонската влада спроведува даночна политика, но не сите македонски граѓани ги плаќаат даноците. За да се увериме во ова, треба само да отидеме од онаа страна на Вардар и да побараме фискална сметка, која никогаш нема да ја добиеме

Кога Португалците за првпат пристигнаа во феудална Јапонија, имаа впечаток дека државната власт и администрација се совршено организирани и во хармонија со потребите на народот. Од нивната кореспонденција со Лисабон дознаваме дека на чело на Јапонија се наоѓал император што преку провинциските гувернери ги спроведувал даночната и судската власт, како и некои други економски политики. Истовремено, воената власт се наоѓала во рацете на шогунот, кој се грижел за безбедноста на државата, а одредени административни прашања се наоѓале во негова надлежност. Седиштето на императорот и на шогунот било лоцирано во престолнината Кјото и токму тука дворот и шогунатот ги пречекувале странските дипломати. Затоа Португалците од прва рака имале можност да се запознаат со церемонии во престолнина.
Но нештата не секогаш се онакви како што се чинат на прв поглед. Во средината на 16 век, Јапонија била земја на формалностите, а политичката моќ на императорот и на шогунот била само привидна. Всушност, дворот и шогунатот немале никаква моќ надвор од Кјото. Воената, политичката и финансиската власт во провинциите ја поседувале моќните феудални господари, познати како даимјо, кои само номинално им се потчинувале на императорот и на шогунот. Вистинската политичка состојба била хаос и борба на сите против сите. Оваа состојба се одразила на просперитетот на народот, кој страдал од анархијата. Даноците и понатаму се собирале, но тие не завршувале во државата каса, туку кај провинциските господари. Тоа се одразило на економската моќ на централната власт, која не можела да финансира проекти во полза на државата и народот. Од друга страна, императорот и шогунот не можеле да ги спроведуваат законите, ниту, пак, да ги санкционираат провинциските господари. Следствено, Јапонија во 16 век е класичен пример што се случува кога централната власт суштествува само по форма.
Каде сме ние како општество во оваа приказна? Можеби некому нема да му се допадне, меѓутоа Македонија наликува на Јапонија од 16 век. Вистина е дека македонската влада спроведува даночна политика, но не сите македонски граѓани ги плаќаат даноците. За да се увериме во ова, треба само да отидеме од онаа страна на Вардар и да побараме фискална сметка, која никогаш нема да ја добиеме. Недозволиво е за секоја сериозна држава, особено не за држава што се стреми да стане дел од Европската Унија, плаќањето на даноците да зависи од местото на живеење или од етничката припадност.
Но тука не завршуваат апсурдностите. Според последните податоци, загубите во електродистрибутивната мрежа на електричната енергија лани ги чинела македонските граѓани точно 100 милиони евра. Три години по ред процентот на загубите на електрична енергија во мрежата се должат на кражби на струјата и неовластено користење. Со други зборови, само еден дел од македонските фирми и граѓани ги плаќаат сметките за потрошена електричната енергија.
Ако внимателно анализираме, нештата налагаат суштествени реформи што ќе го видоизменат македонското општество. Но овие реформи ќе зависат од способноста на македонското општество да ги спроведе, способност што е условена од кадровската политика. Стотина пати низ годините повторувавме дека се потребни измени при селекцијата на личности што се занимаваат со општествените и државните нешта.
Во овој дух е изјавата на Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, кој истакна: „Сите на крајот на краиштата покажуваме со прст кон оние што не обезбедуваат доволно услуги кон нашите граѓани. Ова е мој личен став, но и со почетокот на преговорите со ЕУ, доаѓа време по 20 години постоење на балансерот да влеземе во нова ера. Овие преговори со ЕУ треба да бидат доволен поттик за сите нас што сме на јавни функции да зборуваме за примена на мерит-системот наспроти некои проценти. Ќе отвориме дискусија. Всушност и во стратегијата за едно општество за сите усвоена пред три години се зборува и за тоа напуштање на концептот на балансерот.“ Со други зборови, принципот на вработување и напредување во јавната администрација да не зависи од партиската или од етничката припадност, туку од квалификациите, знаењето и заслугите.
Доколку ние како општество сакаме да напредуваме, мерит-системот за кој говори Фатмир Битиќи треба да биде суштина на сите општествени нешта. Од друга страна, македонската влада, вклучувајќи ги и локалните власти, може да ги спроведуваат своите политики само доколку имаат добра администрација. Сѐ додека не спроведеме реформи во кадровската политика, Македонија и понатаму ќе биде земја на формалности.