Нема фудбалер што не го сонува она што го доживеаја македонските репрезентативци во Букурешт и во Амстердам. Сонот е сочинет од тежнеење, упорност, спортска дрскост и инает, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување… Тоа, секако, ќе донесе промена во односот кон тренинзите и кон натпреварите, кој ќе направи разлика на теренот, која ќе донесе резултатски исчекор што води и до титула или до индивидуален трофеј
На одложеното од лани Европско фудбалско првенство, кое е во својата завршна фаза, оти претстојат двете полуфиналиња, денеска и утре, и финалето, кое на програмата в недела, најважното нешто што се случи е, секако, настапот на Македонија. Една блескава генерација исполни еден сон, веруваме првиот во низа, за играње на голем турнир и по многу години чекање и надевање, од пасивна, нѐ стави во активна позиција за време на месецот на фудбалот што се случува секои две години, кога наизменично се играат континенталните и светските шампионати.
Се чини дека токму сонот е еден од често изречените зборови и околу овој шампионат, но и неговото остварување, нешто што доминира на ова континентално првенство. В недела ќе се знае и чиј голем сон за триумф на европско првенство и ќе се оствари, а досега на одличен пат се сонувачите од Данска, Англија, Италија и од Шпанија. И на овој европски фудбалски самит е јасно дека за спортскиот сон да стане реалност треба многу посветена работа, а тоа се виде по примерот и на дебитантот Македонија, која го грабна својот дел од славата.
Сѐ почнува со сонот. Сон за големи нешта. „Секако дека треба да бидете подготвени да дадете сѐ од себе за да ги остварите вашите соништа, секој може да има соништа за кои не прави ништо“, рече славниот бразилски фудбалер Даниел Алвес, а славниот американски бејзбол-играч Томи Ласорда вели: „Разликата помеѓу невозможното и возможното лежи во одлучноста на човекот“. Нема фудбалер што не го сонува она што го доживеаја македонските репрезентативци во Букурешт и во Амстердам. Сонот, но не декларативниот, е сочинет од тежнеење, упорност, спортска дрскост и инает, дисциплина, самомотивација, посветеност, откажување…
Тоа, секако, ќе донесе промена во односот кон тренинзите и кон натпреварите, кој ќе направи разлика на теренот, која ќе донесе резултатски исчекор што води и до титула или индивидуален трофеј. Македонските фудбалери го направија „невозможното“, а качувањето на следните скалила треба да биде сочинето од нови мечти, кон кои ќе се стреми со сета сила, за постојаното докажување и себенадминување, кои, пак, го носат секој спортист кон врвовите.
„Најважната споредна работа на светот“, пак, и за време на ова Европско првенство одново ја покажа својата моќ и во некои други сегменти, што е особено важно во кризните времиња предизвикани од пандемијата на коронавирусот
Успесите, особено на малите репрезентации (сега веќе условно мали, оти сѐ повеќе е јасно дека поделбата се прави исклучиво според квалитетот), се тие што ја зголемуваат популарноста на спортот, а фудбалот, кој често го нарекуваат „најважната споредна работа на светот“, и за време на ова Европско првенство одново ја покажа својата моќ и во некои други сегменти, со сплотувањето на нациите, во раздвижувањето на економиите (особено кај идниот шампион, секако и кај домаќините на натпреварите, вкупно 12, но и кај сите, дури и во земјите чии репрезентации не играа на овој континентален собир), што е особено важно во кризните времиња предизвикани од пандемијата на коронавирусот.
Секако, тука се и парите од наградите што 24-те репрезентации ќе ги добијат од Европската фудбалска унија (УЕФА), како 9,25 милиони евра прво за учеството, плус за секој освоен бод и пласман во секоја следна рунда, со максималната заработка на идниот шампион од 34 милиони евра. И овие суми и еден дел од сумите индиректно поврзани со „убавата игра“, пак ќе се слеат во фудбалот, кој одново ќе може да продуцира раст, фудбалски и економски, во еден симбиотски круг, во кој се сите директни и индиректни чинители (фудбалери, вработени, клубови, федерации, гледачи, бизниси…) во оваа фудбалска индустрија. И ова ЕП се одигра со учество на 24 репрезентации, можеби на континенталните првенства има место и за 32 селекции, а секој си го најде местото и имаше шанса да создаде прекрасна приказна, за настапи, победи, испишување историја.., што ќе им даде замаец и на фудбалот и на економиите.