Многу ѕвезди сјаеја кога беше најпотребно, но тимот е тој што многумина го потенцираат како важна алка во системот на патот кон успесите. И не само тимот на теренот со т.н. тимска хемија, уиграноста… туку и тимот во заднина, во екипните и во поединечните спортови. За секој чекор кон победите се потребни темелна подготовка, организираност, истрајност… и функционирање како тим од два тима
Во минатите неколку спортски месеци во фудбалот видовме возбудлива завршница на Лигата на шампионите, едно извонредно вонредно-редовно Европско првенство, неколку македонски репрезентации на големата сцена или во успешни квалификации за настап со најдобрите на континентот или на планетата, многу успешни поединци, еден сребрен медал од Летните олимписки игри во Токио… Многу ѕвезди сјаеја кога беше најпотребно, но тимот е тој што многумина го потенцираат како важна алка во системот на патот кон успесите. И не само тимот на теренот со т.н. тимска хемија, уиграноста… туку и тимот во заднина, во екипните и во поединечните спортови.
Победите, секако, зависат од ѕвездите, од нивната форма, од мотивацијата…, но тимот на теренот и тие што се зад тој тим, се тие што ги создаваат резултатите, и тоа не инстант резултатите, туку резултатите што се плод на долгогодишна работа и со тенденција за успеси на долги патеки, што е многу важно.
Зад секој спортски успех (поединец, клуб, репрезентација…) секогаш стои некоја организација, некој друг тим, сите заедно со визија, идеја, план, методи, посветеност, истрајност, одлучност… Тие се основата на еден таков систем во кој еден тим стои зад тој што сите го гледаме (или зад спортистот во индивидуалните спортови), за тој да може да функционира, работи, тренира…, а потоа и да победува. Според некои дефиниции, систем е комплекс од нешта (делови, принципи, процедури) што работат заедно како дел од некоја поголема целина, според други, тоа е организирано планирање и однесување, според трети, системот е организиран метод, според четврти дефиниции, збир на елементи организирани за заедничка цел итн. За овие дефиниции заеднички се и зборовите „заедно“ и „организирано“, важни и за спортскиот успех.
Спортот, како и во други сфери, може да функционира успешно, долгорочно, само ако има тимска работа, систематична. И секоја од репрезентациите што настапи на Европското првенство во фудбал имаше таква поддршка од невидливиот дел од тимот, за да бидат таму каде што беа. Речиси во сите анализи по фудбалското Европско првенство се потенцираше тимската игра на новиот првак Италија, а најдобриот фудбалер во минатата сезона во изборот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Италијанецот Жоржињо (европски првак со Челси и со Италија), пак, вели: „Сѐ што се случи беше благодарение на луѓето што беа покрај мене, семејството, пријателите, мојот агент, моите соиграчи, тренерите, физиотерапевтите, економите, сите луѓе што се дел од тоа и честопати не се споменуваат. Тие прават одлична работа зад сцената. Сѐ се случи благодарение на сите овие луѓе, и не само благодарение на мене, овие нозе или главата. Тоа е цел комплет на работи, фудбалот е тимска игра“.
Функцијата на т.н. тимска хемија е да ги крене перформансите, индивидуалните и тимските, а му помага на тимот да ги постигне своите цели кога членовите работат ефикасно заедно за да постигнат синергија. Посветеноста, потоа таа т.н. хемија во екипата се некои од клучните фактори за успехот на секој, особено спортски тим. Кога сето тоа (тимот, системот, организираноста, постојаноста…) еден тим го применува постојано, со години, во некои случаи со децении, може да се стигне до успеси, не само резултати, а со такви два уиграни тима (тој на теренот и тимот „зад сцената“) е можен и успехот во континуитет.
Успешните во спортот се со илјадници часови напорна работа, секојдневно, но и со тоа важно „шрафче“, беспрекорно организираниот тим зад себе, по што на изглед лесно решаваат сложени ситуации на натпреварите, постигнуваат голови (поени…) кога ретко кој би постигнал…, а важен дел од успехот е и приспособувањето (и на нови околности, како, на пример, работа во услови на пандемија), со кое се менуваат само некои насоки, не и системот, кој потоа адаптиран секогаш има и нови решенија за двата тима, тој во заднина и за тимот на теренот, кој, пак, има поинаков пристап, приспособен на решавање на секогаш новите ситуации во играта, на натпреварите, во дуелите…
За секој чекор кон победите се потребни темелна подготовка, организираност, истрајност… и функционирање како тим од два тима.