Лидерите на Европската Унија ќе најдат решение за ќорсокакот во однос на отворањето на пристапните преговори со Македонија, штом соседна Бугарија ја реши сопствената политичка криза, според специјалниот пратеник за ЕУ за дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, пренесува „Блумберг“.

Лајчак кажал дека отпочнувањето на пристапните преговори со Македонија, кои се во застој поради спорот со Бугарија, останува приоритет за европските лидери.

Тој преку видеоконференциска врска вчера учествуваше на панелот „Перспективите на Македонија“ заедно со македонскиот премиер Зоран Заев.

Премиерот Заев, пак, во своето воведно излагање истакна дека членството на Македонија во ЕУ е перспектива и без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од страна на Бугарија.