Психоза предизвикана од датуми

Што е лекот за ова растројство? На ЕУ е да го лекува својот, на моменти, дволичен, непринципиелен и нефер однос кон Македонија и да престане да ги менува условите како валкани чорапи ако сака да биде релевантен глобален играч. Наше е да спроведуваме реформи, кои ни се потребни не заради некој датум туку за да престанеме да живееме во постојана криза во која секој нов ден значи и нова закана по нашето ментално здравје

Тешка им душа на Британците, кои исто како нас чекаат датум – тие за излегување, а ние за почеток на преговори за влегување во ЕУ. Деновиве беше објавена вест за првиот случај на т.н. брегзит-психоза дијагностицирана во Британија, што вклучува симптоми на тешки халуцинации и заблуди. Станува збор маж на четириесетина години, кој само три недели по референдумот за брегзит во 2016 година, бил примен на психијатриски оддел поради драматично влошување на менталното здравје предизвикано од зголемените грижи за последиците од идното излегување на Британија од ЕУ.
– Тој имаше аудитивни халуцинации и параноични и бизарни заблуди. По гласањето за брегзит му беше тешко да се помири со политичките настани што се случуваа околу него. Тој стана сѐ позагрижен за расните инциденти. Пациентот исто така изјави дека се срамел што е Британец и што припаѓал на изборна единица што рефлектирала мислење со кое не се согласувал – напишал докторот од Институтот за ментално здравје при Универзитетот во Нотингем, кој го лекувал пациентот со психоза предизвикана од брегзит.

Истиот лекар посочува дека политичките настани можат да дејствуваат како главен психолошки стрес и да имаат значително влијание врз менталното здравје на луѓето, особено кај тие со предиспозиција за развој на ментална болест. За среќа, пациентот заздравел за две недели откако примил лекови што главно се препишуваат за лекување шизофренија и биполарно растројство.
Сотирис Вандорос, професор на Кралскиот колеџ во Лондон што ги проучува економските појави, однесувањето и здравјето на луѓето, посочува дека големите политички и финансиски настани можат да имаат сериозни здравствени последици.
Што да каже македонскиот граѓанин на ваквите информации? Сетете се само колку долго сме биле сведоци или жртви на разни политички и економски потреси во Македонија во изминатите години, па и децении. Доволно е човек само да се осврне на периодот од независноста наваму. Колку пати во тој период сме страдале од надворешни политички уцени и поткусурувања, внатрешни политички и економски потреси, корупција, нефункционална правна држава, низок животен стандарди, масовни иселувања, предрасуди по разна основа, провокации итн. Во една таква ситуација се чини дека е тешко човек да остане здрав, разумен и присебен.

Драматичните политички и економски потреси, кои се наведени во веста за човекот што страдал од т.н. брегзит-психоза, како да се наше секојдневие. Навистина, има една шега што приближно вели дека ние, Балканците, сме имуни на кризи бидејќи ние живееме во постојана криза. Една друга шега, пак, вели дека сѐ додека во парламентот се расправа за прашањето за опстанок на нацијата, а не, на пример, за тоа како да се подобри животот на граѓаните, нема да заличиме на нормална држава со функционални институции. Така, научени да егзистираме во услови на постојан стрес, често и под границата на нормалното, во состојба на континуирана криза, ние се чини како да сме отрпнале на „лошите вести“, без разлика дали доаѓале однатре или однадвор, кои само ги менаџираме и продолжуваме понатаму, талкајќи низ лавиринтите на неизвесноста.

Но дури и да сме навистина малку поотпорни на лоши вести од другите, тоа не значи дека ЕУ треба да нѐ третира како лабораториски глувчиња и да ни ја тестира границата на отпорност кон психоза. Точно, ЕУ е на крстопат и треба да се реформира. Унијата е на пат да загуби богата и влијателна членка, Британија, што сигурно ќе има свои последици. Но ЕУ исто така се претставува како глобална суперсила, која не сака само отстрана да го гледа ривалството меѓу САД, Кина и Русија, туку активно да учествува во обликувањето на светскиот поредок. Ако навистина сака таков статус, тогаш мора да има и активен и позитивен однос кон државите што се залагаат за рамноправно членство во европското семејство, за кои таа самата тврди дека сака да ги прими во него. ЕУ постави редица услови за членство, за кои одамна се знае дека се политички растегливи. Истовремено, ЕУ е изморена од проширување, но продолжува да ги уверува (да не кажеме залажува) кандидатките дека ги сака во свои редови.
По малку чудно искажување љубов, нели. Зашто ако вистински ги сака и вистински стои на дадениот збор, ЕУ (Париз) уште веднаш ќе ја отклучи вратата за Македонија наместо да наметнува и да бара нови и нови изговори.

Грција до вчера играше одлична улога на ефикасен блокатор на македонските евроатлантски аспирации. ЕУ можеше да го игра добриот полицаец, кој бара услови и кој прифаќа дека Македонија направила вистински напредок, но, ете, лошиот полицаец, Грција, не дозволувал какво било поместување во преговорите. Се разбира, на добриот полицаец (ЕУ) не му паѓаше на памет да го критикува лошиот полицаец (Грција) за неговите лоши постапки, спротивни на меѓународното право, за што, нели, имаме и пресуда од Меѓународниот суд на правдата. По Преспанскиот договор, ЕУ ја загуби Грција во улогата на лошиот полицаец, па сега некоја нова членка веројатно треба да ја игра таа ролја.
ЕУ и преостанатите западни актери со сета сила нѐ уверуваа дека Преспанскиот договор мора да се испорача по секоја цена, па макар и со „балкански методи“. Аргументот беше дека понекогаш може и да се заборават демократските лекции што Западот ни ги држи, за да се постигне повисока цел, усвојување на Преспанскиот договор, кој наводно требаше да ни го отвори патот до евроатлантските интеграции. Неговите поддржувачи сѐ уште нѐ уверуваат дека жртвите се премали, а придобивките се преголеми. Работата се заврши, Преспанскиот договор се усвои и сега наместо придобивки, оперираме со датуми, за датуми, за датуми… Згора на тоа, Преспанскиот договор од модел за превенирање идни конфликти стана договор со дефекти, посочени од Грција, што повторно остава можност за некаква негова ревизија, која сигурно не би била во наша полза. Сега, пак, ни велат дека Преспанскиот договор всушност немал никаква врска со евроатлантските интеграции. Накратко, сѐ се релативизира. Кому како му одговара во дадениот политички момент. За членството во НАТО нѐ уверуваат дека е практично готово иако и не е баш готово. За ЕУ исто така нѐ убедуваа дека овој пат навистина ќе добиеме датум, ама неизвесноста е присутна до последен момент.

Што е лекот за ова растројство? На ЕУ е да го лекува својот, на моменти, дволичен, непринципиелен и нефер однос кон Македонија и да престане да ги менува условите како чорапи ако сака да биде релевантен глобален играч што поставува јасни правила и стандарди. Наше е да ги засукаме ракавите и да спроведуваме реформи. Политичарите често знаат да ја користат ЕУ како изговор за да го оправдаат несработеното. Но тогаш вината е кај нив, а не кај ЕУ. Реформите ни се потребни, не за да добиеме датум, туку за да престанеме да живееме во состојба на постојана криза, во која секој нов ден значи нова закана по нашето ментално здравје.

[email protected]