„Пречките не мора да ве запрат. Ако наидете на ѕид, не свртувајте се и не откажувајте се. Најдете начин како да го искачите, да поминете низ него или да го заобиколите“, рекол славниот американски кошаркар Мајкл Џордан. Спортот и спортистите работат за надминување на секоја пречка, бараат начини како да продолжат со движењето напред. Дават личен пример. Примерот на Роналдо укажува како одредена цел, во текот на целата кариера може да биде водилка,. Чилвел и многу други спортисти од различни меридијани зборуваат за важноста на менталното здравје на спортистите, самото постоење на клубовите за да може да се состави една екотабела, пак, е општествено важна, а ангажманот и работата на Шаховската федерација на Македонија се пример за истрајност, планирање, стратегија, одлучување, спроведување… Сите овие аспекти на можен спортски, економски и општествен напредок се универзални, достапни, применливи, не само во спортот, а сите се примери и од препораката на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, „…не откажувајте се… најдете начин…“
Во минатата недела неколку изјави и едно ново, сѐ уште необично, но сѐ поважно рангирање, како и едно долгогодишно трпеливо работење, дадоа примери, привлекоа внимание, објаснувајќи, патем, неколку аспекти на спортот, секој важен во својот сегмент, но и пошироко.
Така, фокусот и мотивот, како движечка сила во спортот, се прочитаа во неодамнешната изјава на Кристијано Роналдо, еден од најголемите фудбалери на денешницата и на сите времиња, со безброј лични, клупски и репрезентативни достигнувања зад своето име, велејќи „рекордите се моја мотивација“, појаснувајќи само една од причините за успехот на португалскиот репрезентативец.
Во Англија, пак, Бен Чилвел, фудбалскиот репрезентативец на Англија и пред неколку години европски првак со премиерлигашот Челси, посочи на еден сегмент, споделувајќи искуство за деновите кога поради повреда отсуствуваше подолг период од терените (на пример, не настапи на Светското првенство во 2022 година), изјавувајќи дека „стигмата околу менталното здравје треба да исчезне“.
Исто така, на Островот, спроведено е ново истражување за работата на клубовите и за нивниот придонес за зачувување на околината, според која, повеќегодишниот лидер Форест грин роверс одново е прогласен за „еколошки светски првак“.
„Пречките не мора да ве запрат. Ако наидете на ѕид, не свртувајте се и не откажувајте се. Најдете начин како да го искачите, да поминете низ него или да го заобиколите“, рекол славниот американски кошаркар Мајкл Џордан. Спортот и спортистите работат за надминување на секоја пречка, бараат начини како да продолжат со движењето напред. Дават личен пример.
Така, на пример, Роналдо постигнува високи цели и со самомотивација, со ментална подготовка…, Чилвел и со помош од секој стручњак што може да помогне на различни полиња, Форест грин роверс со чистата енергија, енергетската ефикасност, одржливиот транспорт, управувањето со отпадот, отстранувањето пластика за еднократна употреба, ефикасноста на користење вода…
Во Македонија еден пример за наоѓање решенија, според упатствата од Џордан, дава, на пример, шахот, со својата трпелива работа (по многу години ангажман, од лани шахот е изборен предмет во основното образование), работата за општо добро (според многу експерти, играњето шах од најмала возраст, покрај можноста да се стане квалитетен и успешен шахист, носи повеќекратни бенефиции и за секојдневниот живот, на долги патеки), иновативноста (за начините за ширење на древната игра на 64 полиња меѓу најмладите)…
Секој од овие одлични лични примери е важен за соодветниот дел на кој се однесува, но и за вкупната слика за спортистите и за спортот. Секако, тие се и општоприменливи, во други сфери.
Примерот на Роналдо укажува како одредена цел, во текот на целата спортска кариера може да биде водилката, но само ако постојано се присутни истата желба, страст, посветеност, дисциплина, можност за приспособување, начинот на справување со поразите (или какви било други пречки), поставувањето цели, особено високи… токму видливо низ примерот на португалскиот голгетер. Чилвел и многу други спортисти од различни меридијани зборуваат за важноста на менталното здравје на спортистите, еден „запченик“, но многу важен во вкупниот спортски систем. Самото постоење на клубовите за да може да се состави една екотабела, пак, е општествено важна, оти клубовите, особено од најпопуларниот спорт на планетата, можат да направат важен исчекор со сопственото дејствување, кое станува и личен пример за јавноста. Ангажманот и работата на Шаховската федерација на Македонија, пак, се пример за истрајност, планирање, стратегија, одлучување, спроведување…
Сите овие аспекти на можен спортски, економски и општествен напредок се универзални, достапни, применливи, не само во спортот. Но важно е и тоа за нив да се зборува, да се споделуваат искуства, да се менуваат перцепциите…, оти така, на пример, шахот, кој е повеќе од само игра или забава, може да стане и одлична едукативна алатка за училиштата…, на друг план може стигмата да ја снема…, на трето поле може екосвеста да стане услов без кој не се може…, на четврта страна спортските и други цели, рекорди и слично да станат лесно остварливи (секако, само навидум лесно). И најважно, сите четири примери се примери и од препораката на еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, некој што знае како се стигнува до успех, „…не откажувајте се… најдете начин…“.