Миодраг Стојановиќ

Краткорочните планови на ЏФМ се спроведување на предвидениот план и програма за работа и одржување на сите активности во неа, а долгорочните се да се изгради сопствен комплекс во кој репрезентациите од сите возрасти и категории ќе можат континуирано и заедно да тренираат, како и квантитет од џудисти, кои во иднина би биле репрезентативци. Нашето мото е: „Едно дете повеќе на тренинг, едно дете помалку пред компјутер и на социјалните мрежи“, вели Стојановиќ

МИОДРАГ СТОЈАНОВИЌ, ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР НА ЏУДО-ФЕДЕРАЦИЈАТА НА МАКЕДОНИЈА

Македонското џудо, на чело со претседателот Владимир Трпаноски, постојано е во подем. Сѐ повеќе се одржуваат џудо-кампови, тренинзи, турнири, стручни семинари со домашни и со странски експерти, а македонски џудисти настапуваат на многу меѓународни турнири од каде што се враќаат со сѐ повеќе медали. Годинава Македонија ќе биде и домаќин на две мошне значајни меѓународни првенства, Европскиот јуниорски куп и Балканското првенство, што е уште еден доказ за довербата што ѝ се дава на Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ). Едноставно, македонското џудо има иднина. За тоа како се одвиваат работите околу организацијата, кои се идните планови на ЏФМ, што сѐ треба да се стори за џудото да биде уште помасовно кај младите…, разговаравме со генералниот секретар на ЏФМ, Миодраг Стојановиќ.
Кои се краткорочните, а кои се долгорочните планови на ЏФМ?
– Краткорочните планови на ЏФМ се спроведување на предвидениот план и програма за работа и одржување на сите активности во неа, како на пример учества на меѓународни натпревари, подготовки и одржување на кондицијата на репрезентативците. Долгорочните планови, пак, се да се изгради свој сопствен комплекс, сала за џудо, во која репрезентациите од сите возрасти и категории ќе можат континуирано и заедно да тренираат, како и изградба на добра база и квантитет од џудисти, кои во иднина би биле репрезентативци. Веќе сме во завршна фаза со средувањето на една таква тренинг-сала во Скопје, која ќе биде во функција за македонските џудо-репрезентативци. Годинава учествувавме на два олимписки тренинг-кампа со нашата сениорска репрезентација, а на европски купови, селекторите одржаа повеќе заеднички тренинзи на репрезентативците.
Годинава Македонија е домаќин на Европскиот јуниорски куп и на Балканското првенство. Што претставува тоа за македонското џудо?
– По традиција, Македонија и во минатото организирала балкански првенства, а и годинава ќе организираме вакво првенство. Тоа ќе се одржи во Крушево, во јуни. Покрај тоа што сакаме да ги развиваме и другите општини кај нас, наедно сакаме и балканските земји-учеснички на ова првенство да ги запознаеме со убавините на Крушево. Првпат во Македонија ќе се одржи и Европски куп за јуниори, во август. Тоа е огромно достигнување за македонското џудо, оти и ние како држава влеговме на картата на најголемите светски џудо-настани. Најголемата европска и светска елита џудисти ќе дојдат во Македонија и тоа за нас претставува големо задоволство. Овој настан ќе се одржи во Скопје, во салата „Јане Сандански“. Подготовките за настаните се одвиваат нормално, резервирани се хотелите и салите за одржување на настаните, а паралелно се одвиваат и сите тековни активности. Уште не се отворени пријавите за настап, но според нашите очекувања би требало да настапат повеќе од 400 џудисти на Европски куп за јуниори и повеќе од 300 на Балканското првенство. Секако дека македонската репрезентација се подготвува за овие настани, а ќе има соодветни подготовки и тренинг-кампови и очекуваме добри резултати како круна на нашето залагање и зацртана тренинг-програма.

Што сѐ треба да се направи за џудото во Македонија да биде уште помасовно, да се привлечат што повеќе деца, а со тоа и да се создадат услови џудото да биде уште побогато со медали на меѓународен план?
– Прво мора масовно да се почне со презентирање на џудото во училиштата, јавните простории итн. Секако, многу е потребно и медиумски да биде сѐ повеќе застапено, да се организираат меѓународни и домашни проекти, пред сѐ во училиштата, за да можеме да допреме до секое дете, што ќе придонесе и за омасовување на спортот.
Може ли во скора иднина некој македонски џудист да освои медал на летни олимписки игри?
– Со правилна систематска работа и вложување во спортот може да се достигне сѐ. Меѓутоа, да бидеме реални, џудото е специфичен спорт и бара многу финансии. А тие финансии мора да се вложат во инфраструктурата, во обука на стручните кадри, маркетингот и во многу други работи, ако сакаме да се создаде добра инфраструктура и база, па темелно од почеток да се почне со работа, за во иднина да бараме резултат на олимписки игри. Не е невозможно да се освои медал од таму, но тоа бара многу работа, услови и тренинзи шест дена во неделата.
Што би им препорачале на младите што сакаат да тренираат џудо?
– Доколку сакаат да бидат здрави, среќни, силни, исполнети и да стекнат многу другари од целиот свет, што поскоро треба да почнат со тренирање џудо, бидејќи не е залудно тоа што УНИЦЕФ го прогласи џудото за најдобар спорт за лица од седум до 77 години. Нашето мото е: „Едно дете повеќе на тренинг, едно дете помалку пред компјутер и на социјалните мрежи“.

[email protected]