Превисоката цена на ноншалантноста

Одредбите што се усвоени треба да важат и во практика, за да може да се спречи загрозувањето на здравјето на граѓаните, кое мора да е приоритет. И друга опција нема. Одговорноста е на сите нас. Ширењето на заразата треба да запре, за да може утре владата што ќе биде формирана да се фокусира и нормално да ги планира економијата, образованието, здравството, социјалата…

Изборите завршија, заедно со партиските собиранки, еуфории и прослави. Кој со маска, кој без, на дистанца или не, собири сепак имаше, а не сите учесници внимаваа и не сите ги почитуваа мерките. Но сега, во периодот на постизборието, повторно се најавуваат политички собири и маршеви поради незадоволство од исходот на изборите, па, така, партиското членство на коалицијата Алијанса – Алтернатива најави демонстративен марш во знак на револт за изборниот ден и пребројувањето на гласовите. На настанот ќе има голем бројни членови на партиите, а тоа ќе значи уште една „отворена“ можност да се прошири заразата на ковид-19, со оглед на тоа дека на собирите од ваков тип тешко е да се одржи потребната дистанца од два метри. Изминатиот период јавноста беше сведок на ноќни забави, журки и други собиранки, кои исто така се потенцијална можност за ширење на вирусот.

Целото ова однесување со собирите ни покажа дека сите си ги гледаат своите интереси наместо да им е приоритет заштитата на јавното здравје, за кое треба да се грижат за време на пандемија. Понекогаш неодговорното дејствување на политичарите се прелева и на народот, па, така, и граѓаните не обрнуваат потребно внимание на мерките за заштита. Како да не научивме лекции од изминатите неодговорни однесувања, како да не беше доволна лекција Рамазан, како да не беше доволно непочитувањето на мерките за време на предизборната кампања. Сега, со маршот и другите групни собири, повторно неодговорноста е на површина. Секој има право на протест, но во вакви корона-услови, тоа може да се изведе симболично, а не со стотици луѓе собрани на едно место. Како што сме тргнале со прогледувањето низ прсти, очигледно е дека ние ќе се бориме со ковид-19 уште многу долго време.
Со недели д бројката на новозаразени за едно деноноќие е над 100 лица.

Висок е и бројот на починати пациенти, освен во ретки случаи, кога овој број е мал. Изминатиов викенд во Охрид, но и во другите туристички места, ретко кој носеше маска на плажа или во кафуле, а сите ресторани и кафулиња беа преполни со гости и прекуден и навечер. Шеталиштето и чаршијата преполни, а ретко можеше да се забележат луѓе што носат маски. Заштитна опрема се носеше во маркети, во аптеки, во пекарници. Истата слика викендов и во Струга, сепарињата и масите во кафулињата на плажите беа преполни, а ретко кој носеше заштитна маска. Ако продолжиме да се однесуваме вака слободно и ноншалантно, без да ги почитуваме мерките, нема ништо да се помрдне на подобро. Точно е дека мерките се олабавени, веќе ги нема рестрикциите што ги имаше во почетокот на епидемијата, но, сепак, факт е дека не се внимава доволно на личната заштита.

Изминатиот период јавноста беше сведок на ноќни забави, журки и други собиранки, кои исто така се потенцијална можност за ширење на вирусот.
Целото ова однесување со собирите ни покажа дека сите си ги гледаат своите интереси наместо да им е приоритет заштитата на јавното здравје, за кое треба да се грижат за време на пандемија

Полицијата казнува, но изгледа тоа не е доволно. Според последниот податок, изречени им се 329 казни на граѓани што не ја почитувале мерката за носење лична заштита од ковид-19. Ред е да ги поздравиме сите напори на полицијата, која ете си ја работи работата, но, сепак, треба да се работи уште поревносно во целата оваа битка со вирусот. Ако сакаме да функционираме нормално, треба максимално да сме одговорни кон себе и кон другите. Сосема во право се здравствените работници кога порачуваат дека тие не можат да излечат толку пациенти колку што може да заштити секој еден граѓанин со совесно и одговорно однесување, носење маски и држење дистанца.
Затоа што тој што не носи маска го малтретира целиот систем, економијата стагнира, образованието исто така, ресори што се столбови на општеството.

Во однос на собирите и на почитувањето на мерките, не може да не се реагира доволно сериозно, особено затоа што сите знаат дека масовните собири се катализатор на ширењето на заразата. Здравствените експерти безброј пати досега предупредуваа дека на тие собири, луѓето се во директна меѓусебна комуникација, дека викаат и притоа исфрлаат честички, со што ризикот од зараза на повеќе луѓе е огромен. Стопати е кажано дека ризикот од ширење на заразата е сериозен и дека на масовни протести, ќе биде посебно опасно.
Затоа надлежните не смеат повеќе да кокетираат и да им прогледуваат низ прсти на сите што не ги почитуваат мерките за заштита. Едноставно мора да се внимава на однесувањето на секого и да се преземат соодветни мерки. Ако има протест и ако на тој собир не се држи дистанца и не се носат маски, треба да се казнува. Одредбите што се усвоени треба да важат и во практика, за да може да се спречи загрозувањето на здравјето на граѓаните, кое мора да е приоритет. И друга опција нема. Одговорноста е на сите нас. Ширењето на заразата треба да запре, за да може утре владата што ќе биде формирана да се фокусира и нормално да ги планира економијата, образованието, здравството, социјалата…