Ова што се случува сега со пандемијата на коронавирусот е последно предупредување што го упатува планетата, следниот пат ќе биде доцна за аларм. Ако заборавиме и продолжиме по старо, тогаш ниту една вакцина нема да ни помогне, колку и да е ефикасна, бидејќи вирусот постојано ќе мутира, а најголемата опасност или вирусот, всушност, ќе бидат нечие неработење и неодговорност
Деновиве светот го одбележа Денот на планетата Земја, првпат без голема помпа, од дома, без паради, карневали, слогани преку кои човештвото се колнеше колку ја сака својата планета… Можеби ова беше и најискреното одбележување на овој ден, со молк, бидејќи во минатото сето она што на 22 април се кажуваше во чест на планетата Земја, веќе следниот ден се погазуваше. Сега виновникот остана затворен дома.
Во трката за профит не се водеше сметка за тоа колку се експлоатира природата, се сечат шумите, се загадуваат воздухот и водата, се нарушуваат природните циклуси… Животните беа избркани од своите природни средини во налетот на урбанизацијата, а многу од нив беа доведени на работ на истребување.
Ако постои една добра работа што може да произлезе од оваа криза, тогаш тоа е позитивниот ефект врз природата. Токму оваа лекција треба да нè замисли и да се запрашаме дали не е крајно време да почнеме да живееме малку поедноставно, да ги намалиме побарувањата, повеќе да се цениме себеси и другите, но уште повеќе да ја цениме мајката Земја.
Ова што се случува сега со пандемијата на коронавирусот е последно предупредување што го упатува планетата, следниот пат ќе биде доцна за аларм.
Сите велат дека ја научиле лекцијата, но многумина стравуваат дека во моментот кога ќе заврши кризата, сите повторно ќе се вратат на старите уништувачки навики и брзо ќе заборават на пандемијата. Ова може да се случи и во Македонија.
Се прашувате зошто толкав песимизам? Па, токму поради ненаучените лекции и горчливи искуства од минатото.
Имено, со години македонските градови се во светскиот врв според загаденоста на воздухот, но никој не мрдна со прст изминатите 30 години да го реши проблемот со енормното загадување на воздухот, со стариот возен парк, со греењето на домаќинствата…
А токму од последиците на загадениот воздух во земјата годишно умираа огромен број луѓе, многу повеќе отколку од короната, но никој од властите не обрнуваше посебно внимание на тоа, ниту, пак, некој се грижеше за бројките.
Некои истражувања покажаа дека луѓето што биле изложени на загаден воздух завршуваат пофатално доколку се заразат со ковид-19, за разлика од другите.
Експертите од СЗО неодамна предупредија дека ковид-19 може да се врати уште наесен со сета своја жестина и ако следната зимска сезона имаме зголемено загадување на воздухот (а со каква среќа сме, ништо чудно и да биде така), комбинирано со епидемија на коронавирусот и грипот, тогаш само Господ нека ни е на помош, бидејќи ниту некој посовремен здравствен систем не би можел да се справи со таква закана, а не, пак, нашиов.
А што се прави на планот на решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во македонските градови? Ништо, или барем недоволно.
Регионалните гасоводи наводно се изградени, но сето тоа е далеку од домаќинствата. Нема мрежа до домовите, шумите се пустошат и во време на полициски час, државата и сама стимулира греење на дрва, нудејќи им на пензионерите поевтино огревно дрво, малверзациите со „црвена нафта“ траат со децении, па ништо чудно што секоја втора дизел-крнтија вози на ваков тип нафта и загадува дополнително. Нема ниту еколошки јавен превоз, згора на тоа е неефикасен и луѓето повеќе користат автомобили отколку автобус.
Слична е состојбата и со водите. Купишта смет се вадат постојано од реките и езерата, водите се загадуваат со разни хемикалии (дури и во време на неработење на фирмите!), земјоделството толерира нееколошки ѓубрива, кои завршуваат во почвата и подземните води, загадувајќи сè што може да се загади. Покриеноста со фекална и отпадна канализациска мрежа е многу ниска и, замислете, во 21 век во Македонија и во Скопје сѐ уште масовно се во употреба септичките јами.
Тоа е нашата моментална реалност, која, како што стојат работите сега, тешко дека ќе се промени во скора иднина.
Луѓето речиси два месеца беа затворени дома, со што постоеше добра можност да се реализираат некакви инфраструктурни проекти без да се прават метежи и блокади на сообраќајот, а кои ќе придонесеа за подобра животна средина, но наместо акција, ние се најдовме во ситуација на политичко препукување.
И кој во една таква ситуација ќе поверува дека е научена лекцијата со пандемијата?
Задачите што се поставени пред нас се многу јасни и прецизни, ако сакаме да го положиме овој завршен испит, во спротивно нема некоја розова перспектива за нас.
Работењето за подобра животна средина не познава периоди, тоа треба да е континуирано, без оглед на околностите, оти последиците од долгогодишното неработење ги чувствуваме и уште повеќе ќе ги чувствуваме.
Она што сега треба веднаш да се направи е да гасифицира секое домаќинство, да се обезбеди еколошко греење, да се забрани дрво за огрев во градовите, термоцентралите на јаглен да се префрлат на гас, фабриките максимално да ги спроведуваат еколошките стандарди, можност приклучок до фекална канализациска мрежа да има секое домаќинство, да се креира еколошки и ефикасен јавен превоз, повеќе велосипедски патеки, инспекторите сето тоа да го контролираат постојано…
Ова е само мал дел од работите што државата треба да ги спроведе веднаш и сега ако сака да заборави на оваа мрачна епизода со коронавирусот.
Ако заборавиме и продолжиме по старо, тогаш ниту една вакцина нема да ни помогне, колку и да е ефикасна, бидејќи вирусот постојано ќе мутира, а најголемата опасност или вирусот, всушност, ќе бидат нечие неработење и неодговорност.