Затоа и секое гласање во изминативе години се сведува на спонзорирање на разузданиот живот на претставниците на политичките елити и на нивните сателити инсталирани во разни општествени и бизнис-структури, наместо на недвосмислено воспоставување на насоката во која треба да се движат општеството и државата и на крајно прецизно определување на личностите што заслужуваат и се способни да го менаџираат тој, за сите подеднакво судбоносен процес
Дека во политиката, барем начелно, треба да се тежнее кон општото добро, како идеал што во наследство ни го остави антиката, очигледно не беше доволно императивно потенцирано во изминативе години додека се формираа таканаречените нови политички елити во земјава. Не беше доволно истакнувана ниту потребата за задоволување на други општоприфатени квалитети што треба да ги поседува еден политичар, човек што по природата на професијата тежнее да решава за судбината на пошироката заедница, да владее и да управува со заедничките добра. Затоа, на сите вербални испади, какви што со години слушаме од ликовите што сакаат и кои според некаква чудна логика успеваат да се вивнат во сферата на недопирливите, деновиве, помеѓу двата круга од локалните избори, сведочевме и на манифестации на нивното физичко насилништво.
Иако не би требало да звучи како охрабрување, мора да се каже дека неспособноста вербално да се изрази сопственото мислење и ставовите да се усогласуваат преку коректен политички дијалог поради сѐ поочигледниот недостиг од интелектуален потенцијал и од ораторски вештини на луѓето што претендираат да се занимаваат со политиката, па дури и нивната склоност политичките недоразбирања и конфликти да ги решаваат со тупаници, не е специфика само на Македонија. Низ целиот свет тоа сега се прави на сличен начин, само што понекаде е кренато на малку повисоко ниво така што не е толку драстично изразено. Но на тоа, секако, влијаат и квалитетот на образованието и начинот на кој се врши селекција на кадрите во политиката, чие ниво, во Македонија, за жал, е сѐ пониско. Скромните интелектуални потенцијали, тенкото образование и сомнителните морални квалитети, наспроти самоубедувањето дека се недопирливи, резултираат со ароганција што го исполнува речиси целиот политички простор, така што „поинаквите“, доколку навистина и постојат, тешко или воопшто и не можат да дојдат до израз.
Така востановената политичка култура неминовно се распространува и пошироко низ општеството, па не треба да изненадува тоа што наставниците тепаат ученици, но и обратно, што пациентите ги напаѓаат лекарите, а соучесници во сообраќајни инциденти, наместо да си помогнат едни на други, уште и со меѓусебна тепачка си докажуваат кој бил виновен, а кој бил во право…
Како сѐ да стана дозволено, доколку тоа, се разбира, може да се објасни со некакви политички мотиви и со политичката заднина, и тоа најчесто премногу невешто, со мошне скромни актерски перформанси. Разумно би било да се претпостави оти тоа на пошироката јавност воопшто не ѝ се допаѓа, дека не ги задоволува критериумите не публиката и дека таа, на свој начин, ќе го манифестира разочарувањето или барем незадоволството од „претставата“. Но таквиот ефект упорно изостанува. Тоа е тој монструозен ефект на систематско уништување на критичкото мислење, искривените толкувања на законите, руинираните институции и на безобразно погазените начела и стандарди. Затоа и секое гласање во изминативе години се сведува на спонзорирање на разузданиот живот на претставниците на политичките елити и на нивните сателити инсталирани во разни општествени и бизнис-структури, наместо на недвосмислено воспоставување на насоката во која треба да се движат општеството и државата и на крајно прецизно определување на личностите што заслужуваат и се способни да го менаџираат тој, за сите подеднакво судбоносен процес.
Скромните интелектуални потенцијали, тенкото образование и сомнителните морални квалитети, наспроти самоубедувањето дека се недопирливи, резултираат со ароганција што го исполнува речиси целиот политички простор, така што „поинаквите“, доколку навистина и постојат, тешко или воопшто и не можат да дојдат до израз. Така востановената политичка култура неминовно се распространува и пошироко низ општеството…
Можеби некој ќе го сфати ова како залудно морализирање, но распашаноста и ароганцијата на политичките елити одат заедно со молкот на јавноста, тоа е само последица на убедувањето дека политиката е сфера на неограничени можности. И тоа особено во создадениот амбиент на робусната експлозија на политичкиот хибрис, континуираното и речиси методично кршење и на божествените и на световните закони и правила.
Сепак, да бидеме оптимисти и да веруваме дека оваа фаза на неуката, невешта и арогантна политика е само минлива појава, својствена за периодите на големите кризи и дека ќе надвладее критичкото мислење, до кое може да се дојде само со поквалитетно образование и со воспоставување повисоки критериуми во однесувањето и во дејствувањето. И тоа не само во политиката.