Историјата докажала дека во минатото, кога македонскиот народ се соочувал со пречки, тој опстоил единствено кога се вртел кон сопствените корени и во одбрана на својот идентитет, својот јазик, историја и традиција. Токму затоа, сега во овие моменти кога имаме своја демократска независна држава, најмалку од сѐ ни е потребно да ги прифатиме притисоците однадвор и да се обезличиме под превезот на тврдењата дека нѐ очекува подобра европска иднина
Деновиве се одбележија или ќе се одбележат неколку големи настани и јубилеи, кои фрлаат своја светлина и врз минатото, но истовремено претставуваат и поука за погледите кон иднината.
На 5 мај 1945 година токму во весникот „Нова Македонија“ е објавено решението за македонската азбука од тогашната македонска влада. Тоа е еден од најважните историски датуми за државата, за развојот и кодификацијата на нашиот литературен македонски јазик, кој последниот период е предмет на негација и оспорување од страна на соседите.
На 4 мај беше годишнината од смртта на револуционерот Гоце Делчев, еден од најголемите историски личности врз чии дела се поставени темелите на денешната модерна македонска држава. Но се чини како и двата настана да поминаа некако скромно, скришно, без жар и поголема раздвиженост на државните структури, како што доликува за настани од ваков голем калибар.
Така беше и лани на 11 Октомври, Денот на народното оружено востание против фашистичкиот окупатор во Македонија. Овие големи празници и настани, кои ја симболизираат битката за самостојна и независна македонска држава, попримија некој нетипичен и тивок предзнак, а сето тоа поради стравот со некоја наводна европска реакција дека некој однадвор можеби ќе ни се налути за нашите историски и национални победи.
Спротивно од тоа за неколку дена, пак, на 9-ти овој месец во еден ден ќе се одбележат и Денот на победата над фашизмот, но и Денот на Европа. Но овие два јубилеја нема да поминат тивко како нашите. Имено, по редот на нештата сите светски и европски лидери, спротивно од практиката во Македонија, јасно и гласно и со сите почести како и во минатите години, ќе положат венци и ќе се поклонат (секој на свој начин) пред дадените жртви во историјата против окупаторите и фашистите. Ниту британската кралица, ниту претседателите на Русија, Франција и САД, нема да помислат да не ги поздрават и одбележат дадените жртви во минатото за доброто на нивните нации. Иако Македонија се борела за европските и хумани вредности на страна на правдата рамо до рамо со Британија, САД, Франција и Русија давајќи ги својот придонес и жртви во соборувањето на фашизмот, сега ние сме принудени поради уцените за членство во ЕУ да ја менуваме историјата од учебниците и од нашите чествувањата на националните празници само да не налутиме некого од соседството. Звучи парадоксално да се слушаат уцените и барањата на Бугарија за откажување и преиначување на македонската историја. Македонија нема од што да се срами ниту пак има потреба од што било да се откажува. Други треба да се срамат и за својата историја и за своите постапки сега со кои ја условуваат нашата иднина.
Токму поради овие нелогичности нам во овие моменти не ни е потребно конформистичкото премолчување на историјата и нападите врз нашиот јазик
идентитет, историја и култура. Околу овие прашања едноставно нема компромис.
Светската историја не памети оправдување за бришење на историјата на една земја, за исчезнување на нејзиниот јазик, традицијата и култура. Бидејќи, ако се спроведат овие барања, тоа со сигурност ќе значи и сосекување на корените на една земја и згаснување на нејзината нација.
Историјата докажала дека во минатото, кога македонскиот народ се соочувал со пречки, тој опстоил единствено кога се вртел кон сопствените корени, притоа сочувајќи го сето она што најмногу вреди, а тоа се својот јазик, историја и традиција. Токму затоа, сега во овие моменти кога имаме самостојна и независна држава, нам најмалку од сѐ ни е потребно да ги прифатиме притисоците однадвор и да се обезличиме само за влеземе во ЕУ, а сето тоа под превезот на тврдењата дека нѐ очекува подобра иднина.
Македонија досега веќе една таква голема жртва за членството во НАТО даде со промената на своето уставно име. Овој чин остави горчлив вкус во устите на сите граѓани на оваа земја, под изговор дека со тоа ја изминавме и последната, но и најтешка пречка во остварување на стратегиските државни интереси.
Но втора епизода на истото случување сега демек за членство во ЕУ, во која треба да ја избришеме националната историја и да го изгубиме својот јазик, не минува меѓу македонскиот народ, а тоа може да се препознае и во изјавите на државните функционери.
Деновиве, премиерот Зоран Заев, сосема оправдано ја заостри реториката истакнувајќи дека по цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европската Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во Унијата. Тој подвлече дека битката за членство во меѓународната заедница земјата ги постигнала, штитејќи ја нашата национална посебност – македонскиот јазик и македонскиот идентитет и сето тоа се и европски вредности.
Настрана од нелогичните барања за промена на историјата, јазикот и културата, Македонија нема никаков проблем да го следи курсот на решителната битка со другите реални предизвици со кои се соочува земјата.
Со свртување кон себе и со практикување на битката со овие реални проблеми ние ќе се обидеме да си ја донесеме Европа внатре во Македонија, дури и пред да станеме членка на Унијата.