Можеби прашањето за тоа дали Авганистан ќе стане културна пустина, дали моќта на уметноста, литературата и културата ќе успее да го издржи репресивниот режим, во овој момент звучи неважно и несериозно. Особено по оние тажни и потресни снимки од авганистанската престолнина, каде што огромен број луѓе брзаат да ја напуштат земјата во комплетен хаос, каде што очајот на луѓето што се обидуваат да се качат на некој од авионите што полетуваат од главниот град ги тера дури да излезат на пистата во надеж дека ќе успеат да влезат во некој од нив… Но дали е неважно и за оние што нема да успеат во тоа, што ќе останат во тишината на улиците на Кабул, откако на нив ќе завладее „железното“ исламско право? На таквата помисла, дури ни она нивното „селам алејкум“ (мирот божји да биде со вас) не звучи утешно
„Со падот на еден град се уриваат соништата, историјата, иднината, уметноста, културата, животот и убавината. Нашиот свет се распаѓа. Барам некој да го спречи тоа“, напиша Авганистанката Рада Акбар на Твитер, откако по дваесет долги години брутална војна падна Кабул, престолнината на оваа несреќна земја. Нејзината очајна молба очигледно ќе остане без одговор. Овој повик за помош можеби посилно одекнува и од драматичните фотографии од кабулскиот аеродром, кои деновиве ги преплавија светските медиуми, а на кои луѓе, кои се бореле да опстанат дури и во најбрутални околности, панично бегаат во надеж да си го спасат сопствениот живот, но и тој свој едвај создаден свет на соништата, иднината, уметноста, културата, убавината… Бидејќи што е животот ако не сето тоа заедно? Урнатиот свет на Рада Акбар ве тера да помислите на тоа дека светот сѐ уште не почнал да ја разбира земјата што не е само место на војна, воени трупи, напади и киднапирања, несигурност и страв и пусти предели во кои одвреме-навреме одекнува понекоја експлозија, туку и место на неверојатна убавина и ширина, богата со разнолик спектар на култури, што пред неколку години можеше да се види и на изложбата во Берлин на ретките фотографии направени пред половина век, на кои се овековечени и тамошните номади, лозјата, жените што носат вода, книжарниците, уличните продавачи, статуите на Буда врежани во карпите во долината Бамијан, во 2001 година целосно уништени од Талибанците како „неисламски“…
Ваквата посеопфатна слика за Авганистан многу се разликува од онаа што доминира во вестите што доаѓаат од оваа далечна земја. Земјата има богата и разновидна култура што се обликувала илјадници години. Историјата на авганистанската култура може да се проследи до Ахеменидската Империја од 6 век пр. н.е. Религијата има клучна улога во обликувањето на авганистанската култура, во која највпечатливи се традиционалните килими што се плетат локално во западните и северните делови на земјата, познати и меѓународно вреднувани. Во Авганистан има и спорт, најпопуларен е крикетот, а националниот крикет-тим дури ја претставувал земјата на меѓународни натпревари во некои минати времиња. Фудбалот исто така. Фудбалската репрезентација била основана уште во 1922 година. Кошаркарската репрезентација на Авганистан, пак, била шампион на Јужноазиските игри во 2010 година.
Традиционалната музика е разновидна, во различни региони на земјата има стилови создадени под влијание на индиската, пакистанската и персиската култура. Радиото одиграло клучна улога во растот на националната музичка индустрија, при што Радио Кабул и Радио Авганистан се двете најстари радиостаници во земјата. Музичката индустрија ја доживеала својата златна доба во 1970-тите, кога се појавуваат низа легендарни музички имиња, особено во поп-музиката, со имиња како Ехсан Аман и Нагма Шапераи. Талибанците подоцна ја забрануваат музиката, но таа доживува ренесанса по нивното протерување во раните 2000-ти години. И западните музички жанрови се актуелни во последниве години, како на пример хипхопот, кој привлекува низа локални уметници, вклучувајќи ја и Соосан Фироз, првата женска раперка во земјата.
Уметноста е дел од авганистанската култура стотици години. Се претпоставува дека најстарата слика во масло, пронајдена во пештерите во близината на статуите на Буда, потекнува токму од тука. Насликана е стотици години пред да стигне маслената техника во Европа. Иако, главно, е под влијание на исламот, во модерните времиња уметноста денес црпи инспирација и од други извори. Националната галерија има голема колекција на уметнички дела од локални уметници, а авганистанската ликовна уметност може да се види и во Националниот архив и Националниот музеј, и двата сместени во Кабул…
И во најтешки услови, последните години културната свест во земјата полека повторно се појавува, и тоа не во пропагандни цели. Новите генерации сакаат да раскинат со радикализмот, иако не и со своите корени. Овој мал здив земјата го зема по уривањето на талибанската власт во 2001 година, претходно дури уметничките прикази на луѓе и животни биле казнувани со камшикување, а дозволени биле само идилични пејзажи и калиграфија. Но денес младите уметници и творци сметаат дека исламот и уметноста не се спротивставени, иако различен, нивниот поглед на нештата исто така може да биде дел од религијата…
Што ќе се случува сега, под репресивната, радикална, милитантска и крајно конзервативна талибанска власт, дали Авганистан ќе стане културна пустина? Многу Авганистанци стравуваат дека талибанците ќе се вратат на минатите сурови практики во наметнувањето на шеријатот, односно исламскиот верски закон. Кога владееја со Авганистан, од 1996 до 2001 година, фундаменталистичките исламисти ги угнетуваа жените, етничките и верските малцинства и ги забранија музиката и телевизијата.
Можеби прашањето за тоа дали Авганистан ќе стане културна пустина, дали моќта на уметноста, литературата и културата ќе успее да го издржи репресивниот режим, во овој момент звучи неважно и несериозно, по оние тажни и потресни снимки од авганистанскиот главен град Кабул, каде што огромен број луѓе брзаат да ја напуштат земјата во комплетен хаос, каде што очајот на луѓето што се обидуваат да се качат на некој од авионите што полетуваат од главниот град ги тера дури да излезат на пистата во надеж дека ќе успеат да влезат во некој од нив… Но дали е неважно и за оние што нема да успеат во тоа, што ќе останат во тишината на улиците на Кабул, откако на нив ќе завладее „железното“ исламско право? При таквата помисла, дури ни она нивното „селам алејкум“ (мирот божји да биде со вас) не звучи утешно.