Има една изрека што вели дека во битката на слоновите најмногу страда тревата. Така и во случајот со набавката и распределбата на вакцините се чини дека настрадаа токму помалите држави. На граѓаните не им е важно каква вакцина ќе примат доколку таа ги спаси и им ги зачува здравјето и животот. Токму затоа, во овие моменти е потребно во фокусот да биде здравјето на граѓаните, а надлежните да придонесат во државата да пристигнат што е можно повеќе вакцини од сите светски производители, без разлика дали вакцините се од Европа, САД, Русија,Турција или од Кина
Колку повеќе напредуваат активностите во светот за имунизација од коронавирусот, толку повеќе се продлабочуваат геополитичките разлики меѓу земјите во однос на целиот овој процес. Последните актуелни случувања поврзани со пандемијата се околу набавката на вакцините за населението, кои на површина ги исфрлија старите глобални политички судири помеѓу големите суперсили и оски на дејствување.
Во Брисел, во срцето на ЕУ, не е вообичаено да се зборува за квалитетот на управувањето, бидејќи сите членки се еднакви, но кампањите за вакцинација, кои властите во 27-те земји ги организираат целосно независно, веќе ги идентификуваат проблемите во делот на еднаквата набавка на вакцини. Очигледно победничката стратегија за нарачување големи количества од сите производители на вакцини е на страната на поголемите и помоќните држави, додека помалите и посиромашните се препуштени сами на себе, да се снаоѓаат како знаат и умеат.
Логиката е дека онаа држава што ќе овозможи доволно вакцини да бидат достапни за нејзиното население од самиот почеток побрзо ќе го намали ширењето на вирусот и таа истовремено и полесно ќе ги надмине и економските пречки иницирани од пандемијата. За жал, другите држави ќе треба да почекаат додека не се појават новопроизведени препарати, кои сега се однапред откупени.
Недостигот од доволни количества на вакцини некогаш ги принудува и државите од ЕУ да ги свртат своите погледи кон странство, односно да набават кинески и руски вакцини, за кои во моментов во ЕУ, но и во НАТО, има сомнежи. Генерално, недоразбирањата на политичка основа на Западот против Истокот не се однесуваат само на медицината, тие постојат и во различни други сфери и области. На пример, паралелно со процесите каде што се кршат копјата за вакцинацијата на населението се активни и процесите каде што се забранува продажбата на кинеска 5Г-технологија, иницирана од слични причини и интереси на големите и моќните. Но доколку мешањето на политиката во другите сфери поминува некако премолчено, дали истото тоа е пожелно и дозволиво и во сферата на здравството и битката што светот ја води со пандемијата, кога секојдневно има огромен број новозаразени и се губат човечки животи. Каде затаија солидарноста, човечноста, хуманоста и еднакво подадената рака кон сите, бидејќи проблемот со вирусот е глобален, а не локален. Има една изрека што вели дека во битката на слоновите најмногу страда тревата. Така и во случајот со набавка и распределба на вакцините се чини дека настрадаа токму помалите држави.
Македонија има свој договор за набавка на 800.000 дози вакцини од реномираната фармацевтска компанија „Фајзер“, кои треба да пристигнат во февруари. Слично количество се очекува да пристигне во земјава преку иницијативата „Ковакс“, додека во меѓувреме се преговара и за набавка на кинески вакцини. Но сето ова е сѐ уште во фаза на најава и очекување.
Имено, пандемијата на ковид-19 предизвика огромна штета, во светот се загубени милион животи, а во Македонија неколку илјади, многумина се заразени и хоспитализирани во клиниките. Токму затоа не е изненадувачки зошто во моментов во светот, но и дома, постои огромен интерес за вакцинација на населението.
Политиките на државните властите во овој правец изгледаат ветувачки за Македонија, но самиот процес за достава на вакцините од светските производители е навистина бавен и компликуван и очигледно полн со правни и административни лавиринти. Неопходно е во фокусот на сите секогаш на прво место да биде здравјето на граѓаните и надлежните да придонесат да пристигнат што е можно повеќе вакцини од сите светски производители, од Европа, САД, Русија, Британија, но и од Кина. На граѓаните не им е важно каква вакцина ќе примат доколку таа ги спаси и им ги зачува здравјето и животот. Дури и многу поголеми и помоќни европски држави веќе пристапија кон набавка на кинески, руски или турски вакцини, соочени со бирократијата на ЕУ. Какви било обиди за мешање на глобалната политика во здравството може да се само контрапродуктивни.
Во моментот низ јавноста провејуваат одредени недоразбирања за тоа која вакцина е најдобра и од каде треба да биде набавена, дали од нашите сојузници во ЕУ и НАТО или, пак, од Кина и Русија. Наместо празни полемики и дебати од каде да се набави, многу попродуктивно е кога да се набави. Односно вакцините да дојдат уште веднаш, без разлика од каде се, зашто и онака многу се доцни со овој процес кај нас. На крајот на краиштата, секоја лиценцирана и одобрена вакцина е подобра од никаква.
Најдобри генерали секогаш се оние што најдобро и најбрзо може да стигнат до победата на бојното поле, докторите до победата над вирусот во болниците, статистичарите во процесот на спроведување на пописот, а спортистите на спортските терени. Во здравството, покрај стратегијата, важна е и брзината.
Да не дозволиме грешките направени во минатото, во почетокот на пандемијата, да натежнат и сега и да не дозволиме политиката на светските сили и нивните недоразбирања да влијаат на процесот на имунизација на македонскиот народ.