Велат дека низ историјата пандемиите од ваков вид претставувале неспоредлив тест за политичките лидери и за нивната посветеност за доброто на нацијата. За општото добро, можеби на друго место
Порано или подоцна, коронавирусот ќе го снема. Во меѓувреме, пандемијата ја тестира доследноста на политичките партии во Македонија да се воздржат од политички активности, конфронтации и прикриена политичка кампања во име на грижата за здравјето. Доследност, здравје. А здравјето беше пред сѐ на почетокот на кризата со коронавирусот, за, со текот на времето, да стане обична исплакната флоскула со сѐ повеќе нагласен политички призвук. Сите политички субјекти беа за здравјето прво, а сите видовме како продолжија да работат на својата политичка промоција по откажаните парламентарни избори.
Не дека досега имавме некој функционален устав, но сега најдобро можеме да ја видиме бескорисноста на ова книжуле. Не гледам дека во него е регулирана сегашната лимбо-ситуацијата со одложените избори. Ниту гледам правно решение за распуштеното Собрание. За продолжувањето на вонредната состојба. Можеби треба да отвораме пасијанс, или да гледаме на кафе, или да прашаме гатачка, за да знаеме што да правиме со изборите. Или, подобро да го прашаме Уставниот суд. Се шегувам, нормално. Мислам, дека гатачка ми изгледа покорисна во моментов.
Ме бендиса изјавата на еден од уставотворците дека лажна била правната дилема за распуштено Собрание да не може да се свика. Дека пратениците се во мандат до изборот на други пратеници, а Собранието е во постојано заседание. Се обидувам да ја најдам правната поткрепа на ваквото тврдење. Каде, ако не во Уставот. Можеби, кога би се зезале.
Зар сѐ уште некој има очекувања дека ова „книжуле“ може да го промовира принципот на владеење на правото, со толку правни недоречености во него. Како очекувате дека сите во општеството се обврзани со правото, вклучувајќи ги и Владата и претседателот, ако Уставот е полн со правни фалинки.
Или, дека ќе ги разрешите правните дилеми што ги отвори кризата со коронавирусот. Кога не може да се потпрете на Уставот, тогаш на сцена стапуваат импровизацијата и манипулацијата со правото и правната држава, од политиката и политичарите, во согласност со потребите и желбите.
Искрено, имаме богато искуство во тоа. Сетете се на лидерските средби на кои креативно ни беше толкуван Уставот, пржинскиот договор и влада, консултативниот референдум, Бадинтеровото мнозинство, службениот јазик и што уште не, до неодамнешното продолжување на вонредната состојба.
И замислете, вонредната состојба се продолжи не затоа што Уставот го предвидел тоа, туку зашто ситуацијата го наложувала тоа. Зафркни устав и правна држава. „Чекајте јас да ви кажам“, станува главната „уставна“ гаранција на нешто што не е напишано во Уставот. Правна држава во акција.
Денес кога сме во целосно неистражени води на кризата со коронавирусот, не верувам дека некој знае што се случува и како да реагира правно, и тоа од Владата до претседателот. Уставите на многу земји, покрај другото, се и алатки за справување со кризи. Вообичаено уставниот дизајн одговара на барањата за справување со кризи од секаков вид. Она што го имаме како нормативен дел во Уставот не нуди јасна правна рамка за справување со кризи, особено за ваков вид глобални епидемии. Очигледно нашето „книжуле“ не е креирано да превенира, туку да креира кризи.
Затоа и толку лесно се манипулира со правото што го нема. Затоа (не)можно е распуштено Собрание да е во постојано заседание и да (не) може повторно да се свика. Затоа уредбите со законска сила нема кој да ги контролира. Затоа правниот хаос ви се продава како правна држава, во која секој се обидува да лови во матно. Поматно, амин. Идеален политички амбиент за влада што сака да ја концентрира својата моќ и да ја злоупотреби за политички бенефиции, што во нормален демократски амбиент би било невозможно. И тука го гледате авторитарниот порив на оваа влада. Очигледно дека владејачката партија е заложник на своето тоталитарно минато.
И одеднаш гледате како во услови на криза со коронавирусот цвета популизмот. Гледате како некои политичари го користат стравот од непредвидливоста на ситуацијата за своја политичка самопромоција. Заборавајќи дека обидот да се мобилизираат гласачите со посегнување кон страв не само што е неодговорно туку може да биде самоуништувачко. Да не кажам политички погубно.
И во сево ова лудило едно не можам да разберам.
Дали некој во ситуацијава воопшто размислува како ќе се организираат одложените парламентарни избори. Кога ќе се одржат? Или размислуваат дека пандемијата едноставно ќе исчезне и сѐ ќе биде исто како пред кризата. Зар политичариве се слепи за да не можат да ги видат новата реалност по коронавирусот и променетиот општествен амбиент, во кој организирањето парламентарни избори ќе биде сериозен предизвик. Зар никој не го активира алармот дека вирусот лесно може да ги поткопа безбедноста и интегритетот на истите тие.
Особено кога се очекуваат повеќе бранови на болеста, кои ќе се протегаат во текот на целава и следна година.
Зар никој не ја гледа уставната криза во најава. И низ неа да ја антиципира иднината на политиката во Македонија. Очигледно со вакви дилајли ни уставна криза нема да биде криза. Кога имате необразована и антиинтелектуална влада и пред нос да ѝ е нема да ја види.
Велат дека низ историјата пандемиите од ваков вид претставувале неспоредлив тест за политичките лидери и за нивната посветеност за доброто на нацијата. За општото добро, можеби на друго место, секако не кај нас. За какво општо добро се заложи Владата, за какво здравје. Власт пред сѐ. А ние? Ние ќе продолжиме да си живееме „среќни и весели“ и ќе се преправаме како ништо да не се случило.