Еднаш имам напишано дека Македонија е добра земја, ама лоша држава. И жилава и отпорна на балканските воени и политички бури. Била во состав на царства и кралства, нив ги нема, Македонија останала, иако била туѓа, не своја, уште од римско време што е далечен дел на историјата. Беше под Отоманското Царство што исчезна како да не било. Дел од големото Бугарско Царство што одамна го нема. Живееше под кралска Југославија што пропадна. Беше дел од социјалистичка, Титова Југославија, која исто се распадна како кула од карти. Нив ги нема, Македонија иако не била држава, останала. Но тоа е историја.
Ако денешна Република Македонија (сега Северна) се погледне сама себеси во огледало, што ќе види? Ќе види една триесетгодишна мома, по години уште млада, но измачена, изморено лице избраздено со брчки од незадоволство, од неслога, од војна и од измами. Сигурно ќе забележи и понекоја останата мала трага на солзи радосници, нешто како сеќавање за минатото и блага утеха за иднината. Во светлината на огледалото што не лаже ќе ѝ се покаже едно општество што не е еднакво за сите, општество во судир со самото себе, без единство, без волја, без голема надеж и покрај големиот труд на власта (која било) да ги убеди граѓаните во спротивното.
Ќе види држава во која не завршила митологијата на транзицијата, но завршила првата фаза на првата акумулација на капиталот и почнала втората со нови војсководци на бизнисот. Држава во која влоговите секогаш се зголемуваат, а неуспесите се оплакуваат, општество каде што се рефлектира слепиот глад за профитирање на политичките елити, каде што режимот (кој и да е) под политика подразбира криминал и грабеж, бескрупулозно крчмење на јавните ресурси преку тендери и други јавни набавки. Држава во која владее нераскинливото братство низ кое се испреплетени државните, партиските и личните интереси и што е синоним на корупција и хибридни режими. Држава во која зад превезот на убавите приказни се крие грда опачина.
Низ големи зборови за мали дела нечестието се легитимира како борба за остварување на виталните национални интереси и заштита на граѓанинот, кој и да е. Под мантрата за внесување европски вредности се бара оправдување дури и за најтешките криминогени дејности, како што се незастарувањето на воените злосторства и особено трговијата со дрога, од која треба да се полни државната каса. Заслепени од сјајот на плурализмот и цивилното општество како гранки на кои се вее знамето на идниот развој, не се гледа дека се сечат истите тие. Со злоупотребувано и уморно избирачко тело, заситено и потклекнато од товарот на празни ветувања, одново куќата се гради од покривот надолу. Агендата е иста, само наративот и ликовите со нивните фризури се нови. Како што се изгуби лажниот сјај и пука стиропорот на објектите од мегапроектот „Скопје 2014“, така се распаѓа фарбата на лагата и покрај напорите да се удри нова лакировка. Се разлева и шминката, се покажува грдото лице.
Некој од римските папи рекол дека политиката е како канализација, валкана, но неопходна. Некој друг за политиката кажал дека таа е валканата пена на речната вода што се гледа, а вистинскиот живот се одвива негде во длабочините, тој не се гледа. Нејзината контрадикторност се препознава во тврдењето дека политиката е валкана професија, но за остварување заеднички добра. Постои чесна и валкана политика, но луѓето најчесто веруваат дека сѐ е политика. И дека таму кај што е наведен зборот политика, задолжително се додава и зборот – пари. Таквиот административен и ефективен брак е нераскинлив, функционира без проблем. Листата на лоши оцени на граѓаните за политичарите е долга, а лошиот глас надалеку се слуша. Тој глас во Македонија не е од вчера, ни од завчера, особено што и двете најголеми македонски партии функционираат по системот – нападот е најдобра одбрана. Нивните лидери и пропагандни агенти се силно оспособени за таква нечиста борба, за удари под појасот.
Граѓаните на секоја држава по избори се надеваат на напредок, а не на лизгање надолу. Овде нагоре одат само политичарите и цените во продавниците. Чиста метафизика: додека платите растат, (ако растат) парите се топат, стандардот опаѓа. Иако секој што доаѓа на власт ветува пат во рајот поплочен со мед и млеко, ништо од бизнисот. Државата ќе биде спасена оној момент кога секој нејзин граѓанин ќе има национална обврска да пуши марихуана и со тоа да го помага буџетот. Марихуана наместо вакцинација. Тие консументи ќе бидат славени поради својот национален патриотизам, тие ќе бидат главните владини поддржувачи и гласачи. Секој ден ќе пишуваат и извикуваат пароли: Да живее марихуаната, да живее Владата. Тоа нема да биде филм, тоа ќе биде реалноста. Жива ќе биде Владата, која било, без разлика колкумина ќе бидат погребани. Секогаш било така, а во иднина ќе биде уште повеќе, зашто од мртва влада нема фајде.
Ако се прават споредби за македонската политичка сцена и за актерите во неа со другите соседни земји, ќе се дојде до заклучок дека Македонија не се разликува од другите на Балканот. Во повеќето од овие држави угледни и образовани луѓе бегаат од политиката како од жив оган. Презирот на мислечките луѓе кон политиката почива на ставот да не бидат послушни војници на партиските водачи, да не бидат лојални и дисциплинирани и тогаш кога имаат поинакво мислење и нудат поинакви решенија. И Македонија има полно такви паметни луѓе и во власта и во опозицијата. Несреќата е во тоа што има паметни луѓе што немаат толкави овластувања а има луѓе со големи овластувања, но на кои не им фаќа толку паметот.
Во теоријата и филозофијата политиката има третман на високоморална и патриотска дејност. Во практиката неа ја брукаат нечесни луѓе. Уште од најстаро време, основен услов и цел на секоја државна политика е опстанок и развој на државата. Критериум за успешна политика е зачувување на безбедноста, нејзиниот суверенитет и идентитет, како и свеста за припадност и лојалност кон заедницата. Држава што го губи суверенитетот престанува да биде држава, а народ што го губи својот идентитет ја губи и државата. Така вели старата теорија за државите. Сега е друго време, старите теории и сфаќања си наоѓаат место на буништето на историјата, сега владеат други закони каде што опачината владее многу посилно од лицето. И огледалото ја покажува таа опачина.