Зошто југословенската димензија е нераскинливо поврзана со современата македонска државност? Во раните 1990-ти години нагло ја помакедончивме партизанската епопеја од Втората светска војна. Никој ни во поранешна Југославија никогаш не спорел дека самите сме си ја ослободиле Македонија, но некако во годините на раната македонска независност од историскиот наратив фантомски исчезна целокупниот југословенски, европски и глобален контекст во кој Македонците се изборија за сопствената држава и за афирмација на македонскиот идентитет.
Ајде, да одиме од почеток… Македонското партизанско движење од самиот почеток е нераскинлив дел од југословенското партизанско движење. Исто како и во остатокот од Југославија, така и во Македонија отпорот против окупаторите го воделе комунистите, а и македонските комунисти биле составен дел од Комунистичката партија на Југославија. Јосип Броз-Тито е неспорен лидер на Народноослободителната борба.
Од денешен аспект можеби и не изгледа толку херојски и возвишен подвигот на партизаните. Но ако се стави во контекст на времето, тогаш се согледува кој чекор во непознатото го направиле лидерите од самото јадро на партизанското движење. На 4 јули 1941 година, кога се носи одлуката за општонародно востание, Европа изгледа сосема поинаку, а и ветриштата на историјата немилосрдно дуваат во сосема спротивен правец. Моментот кога комунистите, предводени од Тито, заминуваат во партизани, цела континентална Европа е под германска доминација, а Вермахтот незапирливо граби кон Москва. Големината на историскиот мит за Черчил ни ја искривоколчува сликата за политичките состојби во тогашна Британија. „Разумните“ политичари бараат да се склучи мир со нацистичка Германија, а го претставуваат Черчил како некаков радикал што осамено инсистира на војна. Покрај тоа, во јули 1941 година, САД се неутрална сила. На претседателските избори од 1940 година, претседателот Рузвелт им ветува на американските граѓани дека нивната земја ќе остане неутрална во европскиот судир. Значи, секоја нормална анализа тогаш би довела до заклучок дека не постојат никакви услови за востание. Сепак, југословенските комунисти се одлучуваат да почнат оружена борба.
Во денешната историографија на земјите-наследнички на поранешна Југославија кога се зборува за овој период има огромна доза на историографски национализам, но и на историски ревизионизам. Притоа, историскиот национализам настојува да ја извади југословенската боја од партизанското движење, како и фактот дека востанијата на југословенските народи ги креваат комунисти, а ревизионизмот оди во неколку различни правци. Прво, Србите сакаат да ги издигнат четниците, официјално „Југословенска кралска војска во татковината“ како некакво второ движење на отпорот. Историографијата и фактите тука се немилосрдни, па иако нивната оригинална идеја била да бидат движење на отпорот, веќе во 1941 година започнува нивната колаборација со квислиншката власт во Србија, во италијанските зони тие се и озаконети како „помошни единици“, а подоцна влегуваат и во отворена соработка со НДХ и со Вермахтот. Второ, различни етнички историографии сакаа повторно да проучат некои од војските или од локалните милиции, создадени за време на војната, па да ги разубават со посветли историски бои, но и тука бремето на колаборацијата со фашизмот оневозможува какво било алтернативно препрочитување. Третиот и последен облик на ревизионизам, пак, се концентрира на случувањата по војната, кога новите власти се консолидираат. Точно е дека партизаните се пресметуваат со своите идеолошки противници, како и дека низ просторите на Југославија за време на овој поствоен период се извршени масовни прекршувања на човековите права, па и злосторства. Но настојувањата на ревизионистите да се стави знак на еднаквост помеѓу фашистичките колежи и повоените пресметки не се поткрепени со факти и се надвор од секоја здрава памет.
Кај нас, во Македонија, се случуваше и уште не сме се избориле со историографскиот национализам околу Втората светска војна. Македонското партизанско движење не беше независна герила туку составен дел од југословенското партизанско движење. Македонските партизани немале никаква дилема дека се борат за македонска држава во рамките на федерална Југославија, како ни дека нивен врховен командант е Јосип Броз-Тито. Годинава се навршуваат 80 години од најсветлите страници на југословенската партизанска епопеја, поточно на битките на Неретва и на Сутјеска. Југословенските партизански единици успеаја да се изборат со надмоќниот непријател и да преживеат како организирана војска. Сојузничките мисии, испратени до Британија и од САД, при главниот штаб на југословенските партизани јасно увиделе дека тие активно се борат против фашистичките окупатори, што било потврдено и од дешифрираните телеграми на германските војски.
Партизанската епопеја на Неретва и на Сутјеска доведе до одлуката на големите сили (САД, Британија, СССР и Кина) за признавање на партизанското движење како легитимен сојузник. Во исто време, пак, југословенските партизани ја изложуваат и својата политичка визија за поствоена Југославија на Второто заседание на АВНОЈ во Јајце, на 29 ноември 1943 година. Таму се кажува јасно дека федерацијата ќе биде составена од шест републики и од пет, односно шест, народи, а македонскиот народ и Македонија се јасно впишани како конститутивен народ и конститутивна држава на Југославија. Интересно е да се следи како и во денешна Македонија и во денешна Србија се проблематизира фактот што делегатите од овие две единки не учествувале на работата на АВНОЈ. Аргументите и на македонските и на српските „заверолози“ се слични, но еднакво бесмислени. Тоа што беше заклучено во Јајце, подоцна се исполни до последната точка и запирка.
Зошто сето ова е значајно за современа Македонија? Македонија израсна низ партизанската борба и современата македонска посебност непречено се градеше во рамките на Југославија и подоцна во независна Република Македонија. Притоа, југословенската федерација беше брана од сите посегања кон македонскиот идентитет и државност, како од негаторите, така и од ревизионистите.
Осумдесетгодишнината од партизанската епопеја е добар повод за повторно препрочитување на овој период од „заедничката историја“ на македонскиот народ со другите југословенски народи. Битката на Неретва и Битката на Сутјеска се и македонски битки, загинатите партизани таму се бореа и за современа Македонија, за самобитноста на македонскиот народ, еднакво како што се бореа и за другите пет југословенски федерални држави, но и за самобитноста на другите пет југословенски народи. Современа Македонија мора да ја признае нивната жртва и повторно да ја вткае во современиот македонски државен наратив. Југословенската димензија е нераскинливо поврзана со современата македонска државност.