Женското лице на европската политика

Очигледно е дека во десницата во Западна Европа жените се користат од една страна како симболичен центар на нацијата, а од друга страна како доказ за прогресивност. Последниве неколку години претставуваат пресвртница во застапеноста на жените на високите позиции во европската политика. Урсула фон дер Лејен во 2019 година беше избрана за прва жена претседател на Европската комисија, а Роберта Мецола во јануари 2022 беше избрана за претседателка на Европскиот парламент. Во меѓувреме, Кристин Лагард во 2019 година станува претседателка на Европската централна банка, додека Џорџа Мелони станува премиерка на Италија. Принципите на ЕУ се воспоставени од татковците-основачи на ЕУ, но очигледно е дека „стаклениот плафон“ е скршен и клучните европски позиции и институции се во рацете на жените.
Заедничко за гореспоменатите е што сите доаѓаат на лидерски позиции по претходно долгогодишно искуство во националната политика во матичните земји. Но клучно е што нивните матични партии се од умерената десница, односно од семејството на Европската народна партија. Доколку од европското ниво одиме чекор подолу, на национално ниво, ќе забележиме ист тренд на позиционирање на жените од десницата на високите места. Мелони, која идеолошки ѝ припаѓа на екстремната десница, стана премиерка на Италија. Марин Ле Пен веќе десетина години е на чело на радикална десничарска партија и трипати се обидуваше да застане на чело на Франција.
Доминантноста на жените од десницата во високата политика не е ништо ново, претходно беше видлива преку 15-годишното владеење на Ангела Меркел. „Стаклениот плафон“ за жените во политиката секако го скрши Маргарет Тачер, лидерка на Конзервативната партија и премиерка на Обединетото Кралство. Како што се забележува, матичните држави на овие политичарки се сконцентрирани во Западна Европа. Очигледно е дека Западна Европа не заостанува многу зад Источна и Централна Европа и „учи“ од нив. Политиката во Источна и Централна Европа беше богата со жени како Беата Шидло од Право и правда, неколкуте жени лидери од десницата во источниот дел на Германија. Во Унгарија, Кристина Морваи беше поранешна членка на ЕП избрана на листата на радикалната десна партија Јобик. Новоизбраната претседателка на Унгарија (2022), Каталин Новак, доаѓа од десната популистичка партија Фидеш. На Балканот, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, исто така, доаѓаше од десницата.

Со цел да извојуваат победа, како рационални актери, партиите од десницата се свртеа кон придобивање на жените преку ставање жени на високи позиции. Андреа Дворкин во својата книга „Right wing women“ потенцира дека од жените се очекува да бидат социјално, политички, економски и сексуално конзервативни. Бидејќи статус кво состојбата, каква и да е, е побезбедна од промената, без оглед каква е промената. Со користење стереотипи, тие создаваат позиција на моќ од која ги дисциплинираат и жените и мажите.
Одредени анализи покажуваат и уште еден заеднички именител за дел од нив, а тоа е образованието. Најголем дел од нив има образование во т.н. СТЕМ и/или природни науки, но и претходни позиции во ресорите одбрана и финансии. Овие позиции со години се сметаат за доминантно „машки“ полиња и/или т.н. „машки“ професии и „машки“ сектори.
За дел од нив е заедничко и мајчинството преку многудетно семејство. Фон дер Лејен е мајка на седум, а Мецола мајка на четири деца. Со промовирањето на мајчинската улога не се излегува од рамката за традиционалната улога на жената како мајка, но истовремено се вкрстуваат идентитетите со т.н. „машки професии и сектори“.
Претходни анализи укажуваа дека бројот на жените во партиите со десничарска идеологија e помал од бројот на жените во партиите со лева идеологија. Примерите на Мелони, Ле Пен, Шидло укажуваат дека веќе не само што не е спорно учеството туку не е спорно ни присуството на жените од десницата на високите позиции.
Што им нуди десницата на жените во самите партии и на жените потенцијални гласачи и ги прави атрактивни? Десницата им нуди фиксен социјален и биолошки поредок, засолниште, дом и место во него, безбедност и правила. Десницата на жените во партијата и на жените гласачи во Европа им нуди исполнување на конкретните практични родови потреби. Тоа се приходи во домаќинството, па макар добиени по основа на трето или четврто дете, зголемување на преостанатите семејни бенефиции и поволности при згрижување на децата.

Притоа, се маргинализираа стратегиските родови потреби на жените, поврзани со репродуктивните права, право на имот и наследство, право на еднаква плата, право на ненасилство. Жените на европско ниво работат на пониско платени работни места, повеќе се изложени на феноменот феминизација на сиромаштијата и јазот меѓу платите е висок. Сето ова, придружено со други фактори, како страв од насилство од дојденците, придонесува за приклонување кон десницата.
Десницатa истовремено нуди „привилегии“ за мајчинство, доколку се прифати традиционалната родова улога на мајка и домаќинка. Политиката на мајчинството во одредени делови на Европа игра голема улога во привлекувањето нови жени, но и во зацврстувањето на позицијата на жените лидери меѓу женското гласачко тело.
Од друга страна, номинирањето и доминирањето на жени на лидерските позиции е исто така и начин за привлекување млади жени гласачи и гласачи што гласаат првпат. Предизборните постери се користат за привлекување нови гласачи, бидејќи визуализацијата влијае врз изборот од страна на гласачкото тело. Партијата за слободата во Холандија на предизборните плакати ги користеше жените како декор, сакајќи на тој начин да прикаже дека младите жени се тие што треба да донесат новини и промени во политиката.
Очигледно е дека во десницата во Западна Европа жените се користат од една страна како симболичен центар на нацијата, а од друга страна како доказ за прогресивност. Поставувањето на жените на видливи и високи позиции помага и за нормализирање на сликата за екстремната десница. Доколку се вратиме години наназад, во времето на Маргарет Тачер, таа преку неолиберализмот што промовираше приватизација, намалување на јавните расходи за социјални услуги – не беше омилена кај феминистките. Кон ова придонесе и нагласувањето на традиционалната улога на жените. Нејзината моќ беше толкувана како лична моќ без посебни залагања за жените.
Наративот во Европа на национално ниво каде што доминираат жените е насочен кон зачувување на традиционалните семејни прашања, мерки за зголемување на наталитетот и забрана за абортусот. Она што овие жени лидери го промовираат е враќање кон традиционалните родови улоги, иако некои од нив се далеку од поимот за традиционална женска фигура за која се залагаат.
Некои од нив го одбиваат терминот феминизам, но ги прифаќаат женските права како дел од агендата за социјалните политики или како противтежа на „опасноста“ што доаѓа од мигрантите. Тоа пред сѐ е поврзано со опасност од различните видови насилство врз жените, за која наративот на десницата е дека доаѓа доминантно од мигрантите.
Во исто време градат еден нов „феминизам“ базиран на традиција, познат како феминизам на папата Јован Павле Втори, и врамување на феминизмот во една традиционална рамка.

Со доаѓањето на високите позиции во структурите на ЕУ, Фон дер Лејен и Роберта Мецола покажуваат извесно отклонување од првичниот наратив. Тие брзо се приспособија на барањата на ЕУ предвидени во стратегиските документи: родова еднаквост во сите сфери, вклучувајќи и почитување на сексуалните и репродуктивните права што отсекогаш биле спорни.
Мецола, позната по своите ставови против абортусот, откако стапна на позицијата ги смени ставовите, нагласувајќи дека ќе ги брани ставовите на ЕП за безбедниот абортус како човеково право. Фон дер Лејен ја стави родовата еднаквост како значајна во својата агенда и формира речиси избалансиран состав на ЕК. Од последните промени во високата политика во Европа може да се заклучи дека жените од десницата доминираат на врвот. Но дека, и покрај ставовите на партиите по одделни прашања, сепак има жени од десницата што го присвојуваат дискурсот за родова еднаквост и имаат некаква феминистичка агенда.

Даниела Антоновска

Авторката е магистерка по родови студии со 20-годишно работно искуство во домашни и меѓународна невладини организации. Таа беше членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати.

(Рес публика)