„Отсекогаш сме знаеле дека кинематографијата е бизнис и дека уметноста во неа била возможна затоа што била компатибилна со барањата на бизнисот. Кога почнавме, во шеесеттите и седумдесеттите години, никој од нас немаше илузии на тоа поле. Знаевме дека ќе треба напорно да работиме за да го заштитиме она што го сакаме. Знаевме и дека ќе треба да минеме низ тешки периоди. И верувам дека, на некој начин, дури и насетивме дека ќе дојде ден кога секој неудобен и малку предвидлив елемент во правењето филмови ќе биде сведен на минимум, а можеби и сосем ќе биде потиснат. А кој е најнепредвидливиот елемент од сите? Самата кинематографија. И луѓето што ја прават“, така размислува и ќе подвлече во една преписка режисерот Мартин Скорциз/Скорцезе.
Филмот како најважна уметност и културен производ и во минатото и сега претставува пресек на социјално-економското и духовно битие и сензибилитет преточени и насликани низ визурата на индивидуалната оптика. Тоа е своевиден отворен креативно-естетски чин, кој по силата на логиката тематски и содржински најпрвин се потпира на етногеографскиот принцип, а на планот на формата ги следи универзалните естетски изразни методи и параметри. Кога станува збор за етногеографски обележја се мисли првенствено на структурни елементи што ќе кореспондираат со тлото, јазикот, историските референции, за тој производ да се верификува со статусот на домицилен, автохтон креативно-уметнички резултат.
Во кусата и по обем скромна македонска кинематографија како репрезентативен дел на македонската култура, која беше создавана во извесните идеолошко-политички услови во минатото, во согласност со принципите што ја афирмираа како планска државна дејност, иако тематски (на изглед) разновидна, на идеолошки план, без исклучок, беше конципирана, прочистена и јасно насочена. С
о оглед на фактот дека станува збор за сложена и мошне скапа уметничка дејност, зад која финансиски во целост секогаш стоеше државата, објективно и не ни можеше да се очекува некаков силен и независен авторски печат или идеолошко-политички ангажман со исклучок на извесни обиди на чесни и талентирани автори, кои блеснаа и набргу згаснаа во сложената пат-позиција на македонската кинематографија.
Едно од клучните и суштествени прашања што се наметнуваат, со оглед дека станува збор за мошне скапа дејност што го троши скромниот (за наши услови не мал) буџетски денар, е како да се детектира вистинскиот проект и вистинскиот автор, и како правилно да се насочат и потрошат средствата. Досегашната пракса на финансирање на филмското производство, особено во последниот т.н. плурален транзициски период е убав пример како не треба. Тој дел од нашето живеење, освен што не ги дава очекуваните резултати туку сè повеќе „замирисува“ на протекционизам и корупција и набрзина создаде плејада „автори генијалци“, кои создадоа филмови што постојат само за некакви фестивалски презентации и не важат подалеку од нашиот светоглед. Резултатите се потпросечни, концептите чудни, глобалните естетски текови незабележливи. Оро водат дузина транзициски „синеасти“ со малку или никакво искуство со посложените филмски форми, со дипломи „стекнати“ на белосветски престижни школи и универзитети, автори што своите „ремек-дела ги дообјаснуваат на прес-конференции, по разно-разни универзитетско-филмски трибини и кои се во континуирана потрага по некакви догма-форми, модерен израз, нови визии. Сето тоа остава малку простор на виделина да се појави еден нормален, чесно сработен и за реални пари филм, од што ако ништо друго нема да се срамиме низ светот. За овде нема проблем, неколку наслови во весниците, интервјуа, изнасилен пиар и работата е завршена. Филмот пред да биде виден е ремек-дело и соборува рекорди. Парите се потрошени, како, каде и зашто, најчесто малку е видливо во дузина домашни филмови.
„Хаос владее и помеѓу креативниот и продуцентскиот дел, кои со повеќе стануваат два комплетно различни света“, според кажувањата на искусниот и потврден мајстор на македонската филмската уметност, режисерот Столе Попов… „Во креативниот дел имаме луѓе што сакаат да создадат уметност и продуценти што главно сакаат да направат пари. Упатени сме на меѓународни копродукции без кои веќе е невозможно да се ’спакува‘ филм, а Европа и нејзината шема се бирократизирани докрај. Нема иновации, нема субверзивност, сѐ е рамно, царува досадата, нема страст и емоции и што е најстрашно нема желба да се менува тоа. Филмовите личат еден на друг како јајце на јајце и траат едвај 70-80 минути. Ретко ќе наидете на филм што ќе го задржи вашето внимание час-два, а камоли три. Идните филмски проекти се како болни луѓе што чекаат во амбуланта за да ги прегледаат некакви скрипт-доктори, таканаречени филмски експерти што имаат докторати по филмска уметност, верификувани од исто така некои анонимуси, уште поголеми експерти! Сликата за македонскиот филм главно е хаотична“.
Копродукциите се уште една нејасна стратегија во македонската кинематографија. Се доделуваат и се одлеваат средства на проекти што не ги исполнуваат критериумите и имаат малку допирни точки со она што би требало да претставува македонска кинематографија. За многу од тие проекти по завршувањето со дополнителна арбитража се утврдува „чии се“, како се и како матни зделки завршуваат некаде во лавиринтите на културниот транзициски галиматијас.
Вистинските творци се дополнително обесхрабрени и дезориентирани пред агресивниот настап на авторите – политички профитери, кои успеваат и во овие скудни времиња да ја заведат културната јавност и да ни ги прикажат своите локални „ремек-дела“, како кинематографија што сѐ повеќе се верифицира како фантомска и хипотетичка.
„Аудиовизуелната забава и она што го сметаме за кинематографија – слики во движење замислени од индивидуи – како да одат во различни насоки. Во иднина, најверојатно, во простори и ситуации што не можам ни да ги предвидам. И затоа иднината е сјајна? Кинематографијата сè поретко ќе ја гледаме на платната во локалните повеќенаменски сали, а сè почесто во малечки сали или онлајн и, претпоставувам, затоа што, за првпат во историјата на оваа уметност, филмовите навистина можат да бидат направени со малку пари“, така размислува Мартин Скорцезе, или Скорциз, како милувате.